Уште само 7 дена – и сколиозата и клечењето се судбоносни

Незаборавна ќе биде кампањата за овој референдум. А, богами и 2018 година, последната на Република Македонија, последното југословенско домино. И жална и смешна и трагична и три во едно, како и референдумското ,,прашање“. Да не знаеш кое ти е помило, па си ги земаш трите, во пакет. Се случија смешни случки во моето војничко Кичево, каде што во 1970 г. дадов 15 месеци од мојот младински живот и најлажливата заклетва во мојот живот, на Кичевско кале, дека ќе ја бранам мојата татковина СФРЈ и дека ,,ако треба“, и животот ќе го положам за неа. Кога дојде време за тоа ,,ако треба“ јас пукав во неа, со референдум. Сега дојде време да пукам и по рожбата од тој референдум, за да се роди уште понова двоглава, коалициска рожба, една секунда по полноќ од 30 септември, ќе бидат прогласени успехот и раѓањето на Северна Македонија. Таа ќе биде феномен по многу стандарди за држава. Со уште неврзана папочна врвца, речиси утредента, младенчето ќе влезе во ЕУ и во НАТО, имајќи предвид дека десетици сериозни држави сериозно се засукаа со десетици години труд, да бидат дел од тие алијанси. Веднаш по полноќ, по објавување на успешните резултати, ќе се пука и од радост и од „калашников“, од Слупчане до Струшко. Ќе јадеме мекици утрото на 1 октомври.

А мене многу ми се сака, токму тоа утро да се пречистат и пребројат списокот и гласачките ливчиња од референдумот. Таквото, постгласачкото пребројување, ќе го сметам за ,,пречистен“ и преброен избирачки список. Да видам дали моите покојни родители се некаде низ бившата Република Македонија, дали повторно гласале, бидејќи тоа го прават на сите избори од 1994, а починаа, татко ми 1982, а мајка ми 1989 г. Добро да видам да не гласале тие сега ,,случајно“ во Владимирово или во Дебар, онака за промена. Поевтино е за шетање такви гласачи, ем нема превоз и нема сендвичи.

Во тоа исто мое војничко Кичаа, лидерот на ,,најголемата опозициска партија, бескрајно долго прибира факти од ,,теренот“ дали да се бојкотира или да се гласа, небаре референдумот ќе биде во исто време со Олимписки игри во Токио 2020 година. За да го изгради својот цврст став кон референдумот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави: ,,Кој сум јас да им кажам на граѓаните како да гласаат?“ Ох, колку драматично, гордо, лидерски и мудро звучеше таа негова лична дилема. Како во песната ,,Кој пат води за Мариово“.

Па, ТИ лидеру, ако самиот не знаеш кој си ти, за да им сугерираш на членството и мнозинството како да гласаат, има кој знае. За тебе тоа веќе го направија: Тереза Меј, таа знае која е и им кажа на граѓаните како да гласаат – за Северна Македонија. Знае и Ангела Меркел која е и таа им порача ,,на граѓаните“ за кого да гласаат, без да собира и чека мислење од ,,теренот“, Германија. И Федерика Могерини знае која е и им порача на граѓаните, за која Македонија да гласаат, без трошка колебање, за новата, Северна Македонија. Се разбира дека и Радмила Шекеринска знае која е и таа без колебање и без да затрепери, гласно порача граѓаните да гласаат – за Северна Македонија. За ,,коалицискиот партнер“ нема да коментирам, таму сите се мажи и сите знаат кој се и за кого да гласаат – за Северна Македонија. Нив ги чека нова иднина, во нова, сопствена држава, за почеток братска АД, ама така се почнува и во животот и во бизнисот, од ништо-нешто. Само лидерот на ,,најголемата опозициска партија“ не знае кој е и се праша себеси: „Кој сум јас да му кажам на народот, за кого да гласа?“ Небаре тоа укажување, за кого да гласа народот, го третира за мобинг. Тие, народот, си имале ум, а тој ќе си го чекал роденденот, кога тие ќе гласаат. Не разбрав чиј роденден. На новата држава?

А историјата (гр. минатото) познава личности што знаат за себе кои се, а богами и светот дозна за нив кои се тие: Александар Велики (гр. Алексис-предводник, тон андрас – на мажите. Сковано заедно: Александрос = Војсководец). Цели 1.000 години по смртта, од страна на Римјаните е наречен Магнас, дури потоа од Грците е наречен Мегас, а потоа и од светот – Велики. Инаку, за време на владеењето бил Александар Г-ама (III – третата буква од грчката алфа-вита, Гама). Негова дадилка била Ланика, таа била сестра на неговиот иден генерал, Клит Црниот, кого минатиот пат ви го цитирав во ,,Ние не сме Персијци, ние сме Македонци“. Александар го обучувал и строгиот роднина на мајка му Олимпија, Леонидас. Втор воен наставник му бил Лисимахос од Акарнанија, кој му бил омилен, бидејќи го нарекувал Александар со прекар – Ахилеас (гр. Неранлив, бесмртен). Кога веќе го споменав јунакот над јунаците Ахил, да ве потсетам на момент во филмот „Троја“: кога малиот штитоносец – слуга на Ахил го предупредува господарот: ,,Јас не би излегол да се тепам со тој гигант, огромен е“. Затоа и никој нема да те запамети, му возврати Ахил, тргна во бој и го сотре гигантот.

Како и сите македонски владетели, Александар научил да чита, да свири на лира, да јава, да лови и да се бори. Кога имал 10 години, еден трговец од Тесалија му го понудил на Филип В-ита (II – втори) Македонски, коњот Букефал (гр. Букефалос – воловска глава) за 13 таланти (тоа во денешна противвредност е 1,1 милион евра) или, колку што чини само еден лав на мостот Гоце Делчев. Коњот бил исклучително див и никој не успеал да го скроти, уште помалку – да го јава. Филип веќе се откажал од купувањето, но Александар (10 г.) настојувал да го јава – и успеал. Филип бил воодушевен од храброста, вештините и умеењето, па му рекол на Александар – да си бара кралство достојно на него, бидејќи Македонија за него е премала. Коњот Букефал му бил верен придружник на Александар на сите негови походи до Индија. Кога умрел коњот, Александар основал град по неговото име – Букефалија.
Инаку основал и повеќе 20 града по своето име – Александрија. Замислете еден од неговите походи: реката Граник (денес Бига), се наоѓа во Турција, се влева во Мраморно Море. Таму, на 3 мај 334 г. пр. н.е се сретнале македонската армија на Александар Трети и војската на Персиската Империја на Дариј Трети со грчките платеници. И што мислите? Дали пред судбоносните битки, Александар собирал анкети од теренот и ги прашувал своите Македонци: „Кој сум јас за да ве терам да се борите против империјата на Персијците? Вие сами одлучете. Јас си имам роденден“. Ќе го (гр.) парафразирам Филип Втори: Лидеру, барај си Македонија, достојна за тебе. Оваа (Република Македонија), не ти прилега. Втора река за јунаци е Вардар и втор јунак на моето срце е војводата Карпош. Срам – не срам идејата за изградба на споменикот до Камени мост во Скопје, е моја.

На случајна средба со граѓаните на Никола Груевски, му го предложив тоа и – прифати. Тој си имал своја агенда – споменици, а јас моја – јунаци. Најпрвин ставија мермерна плоча на Камени мост, потоа по година-две го изградија споменикот. Јунакот Петар Карпош (Карпуз – оглавиот) без да се праша себеси ,,кој сум јас да му кажам на народот“ тргнал да се бори против Османлиската Империја, која во 17 век била и ЕУ и НАТО сама за себе. Тој се засукал против неа! Без да прави анкети на теренот и референдум по тоа прашање. Цели 214 години (!) пред Илинденското востание и анкетите и дилемите и анкетите на теренот, кои се правеле и тогаш: ,,Дали е рано или доцна за востание?“

Па, колку милениуми сакаш да бидеш под османлиско ропство, абре Македонче? Па кутрите Османлии, не издржаа, и по 520 години си заминаа. Карпузоглавиот однапред си ја знаел судбината за кревањето против османлиската ,,НАТО-коалиција“ на која ѝ се придружил свирепиот кримски, татарски хан Селим Гирај, кој дошол со 30.000-илјадна свирепа орда. Тој лично го наденал Карпош на кол, среде Усќуп (Скопје) за памет да им дојде на рајата за да се знае кој е на теренот НАТО и ЕУ. Карпузоглавиот до дрскост храбар, војвода Петар Карпош, роден 1655 г. во селото Војница, општина Чашка, не бил образован и рударски инженер, туку рудар-маченик по професија, во кратовските рудници, но со срце со големина на кофа. Султанот правел обиди да го присвои кон себе, нудејќи му соблазнителни титули и суми пари. Замислете, Карпузоглавиот – не прифатил.

Предводниците, (на македонски – лидерите) не се прашувале колебливо себеси ,,кој сум јас?“ Историјата запаметила, кои се тие….