Учи, учи и само учи…

Се обидувам да пишувам за секојдневни ама важни нешта, но пандемијата фрла сенка, или можеби само поинаква светлина на работите што сме ги сметале за рутински. Ние што ја имаме привилегијата да работиме од дома или да се самоизолираме во согласност со препораките на здравствените власти (поради хронични болести или возраст), откриваме и неочекувани аспекти на нашите професионални задачи. Веројатно секој има што да каже од сопствена перспектива, но мене во фокус ми е високото образование. Откако ја прифативме (толку фалената, а инаку катастрофално лоша „Болоња“), огромен дел наши работни обврски се однесуваа(т) на администрирање, пополнување обрасци, електронски и писмени, како и состанчења на прв циклус, на втор циклус, на трет циклус – и плус уште во понекоја комисија. Отсекогаш сум сметала дека е тоа лошо управување со човечките ресурси (да се изразам модерно, иако за тоа има многу поедноставни, ама не толку софистицирани изрази): времето на редовен професор е напразно изгубено ако треба да шета од седница на седница, и тоа секоја недела или две по неколкупати.

Второ, огромен дел од работното време е поврзан со наставната, но не нужно и со научната/истражувачката/апликативната дејност. При секоја реформа, попусто укажувавме на невозможноста со ист успех да се остваруваат две дејности, кои бараат различни капацитети и временска динамика. Тоа е како во народната за носење две лубеници под иста мишка…
Обично, научната/творечката е онаа што е жртвувана, затоа што со по четири курса во семестар (тоа се осум предмети во една академска година), човек се чувствува како исцеден лимон по завршувањето на часовите, консултациите, читањето есеи и семинарски (плус дипломски, магистерски и докторски тези) итн. Која е логиката најстарите професори, оние што акумулирале најмногу знаење и можат најмногу да дадат во науката да им предаваат на студенти од прва година? Кога ова ќе им го кажев на колегите од развиените земји, ме гледаа во неверица.

Ковид-19, велат, нѐ затече неподготвени за вршење далечинска наставна дејност. Велат, професорите се неуки, невешти, не се снаоѓаат добро со разните електронски училници, платформи за држење настава… И тоа е донекаде точно, затоа што досега си имавме многу конкретни маки. На пример, во училницата се бориш да најдеш маркер или бришач за таблата, а ЛЦД-проектор или нешто посложено е научна фантастика. Максимум што можам е на студентите да им нацртам нешто на табла – и притоа да се трудам да бидам многу елоквентна и инвентивна за да ги држам будни и заинтересирани. Бидејќи не применувам „полициски“ методи, а учењето го сметам за активност што мора да е водена од личната желба и мотивација/амбиција, а не од принудни мерки или инерција, со текот на семестарот доаѓа до нужно намалување на присуството на час. Најголем успех за еден професор е да ги ослободи студентите од стегите и од тремата и да ги натера да поставуваат прашања или да искажат свое мислење.

Ете, ќе одам во пензија за некоја година, но не сфатив што е тоа што студентите (со ретки исклучоци, се разбира) ги прави толку пасивни слушатели наместо активни учесници во процесот на учење. Колоквиумите и испитите се посебна приказна: доминира масовна употреба на разни електронски апаратчиња („бубачки“) и други средства за препишување, по што специјалистичките ординации имаа наплив на пациенти со воспаление на ушите. Откако ги отфрлив „болоњските императиви“ во вид на бесмислени колоквиуми и доставување „купечки“ семинарски (од фирми што јавно, на ачик, се рекламираат и нудат трудови на грамови за пари), усните испити покажуваат сосема друга слика. Можеби звучам грубо, но не помогнаа ни протести, ни Сократовци, ни Vox Academica, ни пленуми: високото, како и пониските степени на образование, се во длабока криза и апатија.

Голем број студенти и не знаат зошто се запишале на факултет (или на одредена програма), тоа се прави по автоматизам, без следење на афинитетите или љубопитноста, амбициите се сведуваат на добивање парче хартија наречено диплома. Професорите се сведени на „селски учител(к)и“; ова го велам без намера да навредам, само заради обемот на предавања, кои нужно се сведуваат на импровизации – бидејќи и „најренесансните“ меѓу нас не можат со ист успех да предаваат осум предмети годишно, односно 20-30 предмети во четиригодишни студии, плус на магистерски и докторски студии. Хиперпродукцијата го прави своето. Но откако новата влада го намали притисокот во делот на научната продукција, мнозина здивнаа и не се бунат: полесно им е да верглаат на часови отколку да остават придонес во науката (во вид на книги, статии, истражувања, конференции).

Имајќи ја предвид спецификата на секоја научна област, некои од нашите обврски можат да се реализираат и виртуелно, иако физичкиот контакт во принцип е она што училницата ја прави училница. Но комуникацијата преку интернет има и некои предности, но не само во време на ковид-19: кога во редовни услови би имале можност за употреба на соодветна техника за видеоконференции или презентација на мултимедиумски материјали, студентите би имале многу поинтересни предавања и побрзо би учеле. На пример, би можеле да гледаме видеоклип/филм/презентација, да имаме гостин предавач од светска класа, да правиме симулации и сл.

Но тоа претпоставува два услова: прво, знаење (барем) на англиски и елементарно ракување со опремата. За жал, не само меѓу студентите туку и кај дел од професорите има такви што буквално не знаат да комуницираат ниту преку електронска пошта (email), а од странски јазици едвај пелтечат на српски. Затоа, и во оваа сфера пандемијата служи како огледало на она што досега не сме го гледале или игнорирале.

Семестарот е веќе на половина, а факултетите се снаоѓаат кој како стигне и како знае. Исто е и со индивидуалните професори… И покрај напорите, скептик сум дека ќе направиме голем прогрес во „брзо учење“ на предавања на Зум (кој е опасен по приватноста и податоците на компјутерите) или сличните платформи. За испитите се дигна голема прашина, и тоа од студентите (не знам кои, не знам колкумина и во чие име зборуваат), но медиумите пренесоа дека протестираат во врска со идејата испитите да се полагаат преку електронски алатки (гугл-квизови, или дури и со усно испрашување на Скајп или Вибер!?).

По сѐ изгледа летната сесија ќе се одложи за есен, а есента ќе стигне до зимата, и така… Но тоа се технички прашања, бидејќи она што ни се случува на сите, без оглед на степенот на образование и улогата во наставниот процес, е нешто што досега не сме го искусиле. Ми се чини дека најважни се приоритетите: а тоа се менталното и физичкото здравје, на двете страни на мониторите. Но соочувањето со кризата може да биде катализатор што ќе ги разбуди досега затапените инстинкти и потиснатите квалитети и таленти, всушност ќе направи сите да созрееме побрзо. На моите студенти можам да им порачам дека сведочат на жива лабораторија, што е инаку невозможна во општествените науки: од ден на ден, самостојно, со користење на сопствениот критички ум и здрав разум, но и со читање и разговарање, можат да ја тестираат теоријата преку практиката; она што го пишува во учебниците ни оддалеку не ги содржи одговорите за предизвиците на новото време што ни се раѓа пред очите.

Харари беше оптимист кога мислеше дека иднината ќе дојде за 30 години, таа е веќе тука, а многу занимања стануваат или непотребни или бараат брза трансформација. Дефиницијата на интелигенцијата е токму во способноста да се снајдеш во непредвидливи околности! Секој ќе размисли за себе, но моите студенти имаат ретка можност да ги преиспитаат/анализираат концептите на демократијата во услови на пандемија и хистерија, (само)цензурата на медиумите, безбедноста, (опсолетноста на) НАТО и (не)способноста на ЕУ, реалполитиката и медицинската/мека/хуманитарна дипломатија, иновативните рестрикции на човековите права во време на вонредна состојба, политичката култура и поигрувањето со стравовите, колективната параноја и подготвеноста да се жртвува слободата во име (макар и на лажната) безбедност, немоќта на воената и полициската сила во домашни и меѓународни услови, општествената нееднаквоста и „потрошните“ животи наспроти другите („вредните“), неправичната дистрибуција на општествените добра, алокацијата на буџетските средства во воени наместо социјални цели, значењето на науката во т.н. општество на знаење (кое го водат „повторувачи“ и тајкуни), цензурата и самоцензурата, одржливоста на глобалниот систем, кој се потпира на бескрајна експлоатација наспроти идејата за Гаја, политиката на стравот и геополитиката на ковид-19, (не)способноста на институциите да се справуваат со кризи, самопомошта на цивилното општество итн. Секоја од овие теми отвора уште безброј други, кои не е сигурно дали би ги елаборирале во „нормални“ услови…

Потекнувам од семејство во кое сум можела да видам како и надвор од образовниот систем, низ „самоучење“ (исконска љубов кон убавото и знаењето, литературата, поезијата, биологијата, филозофијата итн.), човек може да стане ерудит. Татко ми имаше завршено само четири одделенија основно образование, а беше еден од најпаметните луѓе што сум ги познавала. Мајка ми имаше средно образование, и ене ја на 88 години сѐ уште се образова: наместо да гледа турски серии таа чита, гледа документарни и научни програми и сл. На студентите, мои и туѓи, им посакувам здравје, физичко ама и ментално. Сите сме под стрес, и можеби семестарот не е приоритет во овој миг, но самообразованието е нешто што е работа за цел живот и во сите околности (и кога ќе помине ова).

Всушност, многу повеќе сум научила самостојно, отколку од професорите. Најмудрата мисла во ова време е онаа на духовитиот Марк Твен: „Не дозволувам школувањето да се меша во моето образование!“ Школувањето ќе го завршите, ама тоа нема нужно да ве направи образовани, слободумни и критични и креативни. Искористете го ова време на најдобар можен начин; веројатно ќе научите многу и за себе, за сопствените афинитети, вистинските амбиции, длабоко потиснатите таленти. И научете да го цените животот – својот и туѓиот еднакво!