Употребата на опиоидни супстанции е особено опасна за децата

Опиоидните лекови, иако се ефектни и со брзо дејство, претставуваат меч со две сечила. Тие никако не треба да бидат прв избор при намалување каква било болка во детската возраст, но и кај адолесцентите и возрасните, зашто многу лесно доведуваат до толеранција и сѐ поголема потреба од супстанцијата, што е сигурен пат кон зависност

Зголеменото пропишување опиоидни супстанции во последните две децении, главно во развиените земји (САД, Канада и некои европски земји), доведе до драматично зголемување на нивната злоупотреба, до зголемена инцидентност на зависности, но и на смртен исход поврзан со нивната употреба. Поради тоа, овој напис нека биде мало предупредување и за нашите родители, доктори и за целата општа популација.

Опиоидите претставуваат супстанции што влијаат на опиоидните рецептори за тие да произведат ефекти слични на морфинот. Рецепторите се наоѓаат главно во централниот и периферниот нервен систем, но и во гастроинтестиналниот тракт. Овие рецептори се посредници помеѓу психоактивните и соматските ефекти на опиоидите. Во медицинската практика овие супстанции примарно се користат за ослободување од болка, но и при анестезија. Други медицински примени се за намалување на дијарејата, заменска терапија кај зависностите, смалување на кашлицата итн. Најсилните опиоиди, каков што е карфентанилот, се дозволени само во ветеринарната медицина. Во немедицински услови опиоидите се употребуваат заради постигнување еуфорични ефекти или за превенирање состојби на социјално повлекување.

Странични ефекти при земање на овие супстанции се чешање, седираност, лошење, респираторна депресија, запек или еуфорија. Нивна долгорочна употреба предизвикува толеранција и физичка зависност. Еуфоријата е причина за нивна „рекреативна“ употреба, но тоа, за жал, најчесто води до вистинска зависност. Преголема доза од овие супстанции многу често резултира со смрт поради респираторна депресија.
Опиоидите се именувани според опиумот, или морфиум, кои претставуваат природни супстанции. Денес постојат многубројни синтетички опиоидни супстанции. Опиоидните медикаменти се добиени синтетички и се категоризирани како хидрокодон, кодеин, оксикодон, пропоксифен, трамадол, морфин, метадон, хидриоморфин, меперидин, фентанил и други.

Опиоидите се најефективни при лекување на акутната болка (како што е онаа во хирургијата). Тие дејствуваат многу брзо по земањето и доведуваат до ефектно намалување на страдањето, па затоа честопати се употребуваат поради таа намена. Сепак, новите показатели потврдуваат јасен ризик од пролонгирана употреба на опиоидите. Тие имаат голема улога во палијативната нега, кај терминално болни од канцер, но и при болни од ревматоиден артритис.

Болката е една од најчестите причини кога луѓето бараат медицинска помош каде било во светот. Во САД се проценува дека при состојби каде што постои болка, во 20 проценти од случаите се пропишуваат токму опиоидни аналгетици. Така, се проценува дека повеќе од 250 милиони рецепти за опиоидни лекови се пропишани само во текот на 2012 година. Во периодот 1999-2010 продажбата на овие супстанции пораснала четирикратно. Она што загрижува е пропишувањето опиоиди и кај педијатриската популација што не е во согласност со одобрените упатства за медицински постапки при вакви состојби. Тоа повлекува уште една опасност – пораст на хоспитализации поради труење со овие супстанции, кои во периодот од 1997 до 2012 само во САД пораснале за 165 отсто. Во таа смисла, постојат статистички податоци дека едно од 4 деца во гимназиска возраст било експонирано на прескрипција на опиоиди било од медицински или немедицински личности. Ваквата состојба доведува до вистинска зависност.

Несомнен факт е дека земањето опиоиди е вовед во хероинска зависност. И покрај ваквите сознанија, скоро да нема студии за опиоидни труења кај децата под 6 години, кои се третирани во ургентните единици или, пак, биле хоспитализирани на педијатриските одделенија.

Една од ретките понови студии, направена од Американската асоцијација за контрола на отрови, а која покрива период од 16-годишно следење, покажува дека многу често ваквите случаи се пријавувани како труење со храна, интолеранција или неволно земање на отровот од страна на детето, или, уште почесто, како медицински недокажано труење со опиоиди.

Медицинските податоци за исходот од примената биле означени како многу драстични, како смрт, мајорни ефекти, умерени ефекти, мали ефекти или, пак, тврдење – без никакви последици, што не било доволно за понатамошно следење на пријавените случаи.

Причините зошто биле употребени опиоидите се разни, од ненамерни експериментирања кај децата, ненамерни медицински грешки, но и злоупотреба, суспектно самоубиство или остануваат сосема непознати. Супстанциите биле земани или како таблети, како течност или аеросоли, како крема, лосион, пудра итн.
Најголем е процентот на регистрирани деца што биле на мала возраст (0-5 години), а кај кои е земен опиоид најчесто ненамерно (85%), додека следниот врв на користење е во периодот на адолесценцијата, кога дрогата е земана сосема свесно. Најчести знаци по примената доза биле од сонливост до летаргија и повраќање, а траењето на симптомите е најмногу до 24 саати. Овие состојби во најголем број случаи се лекувани со дилуција/иригирање/миење или давање медицински јаглен како адсорбенс, додека многу поретко се давани антидоти.

Мора да се запамети дека токсичноста на опиоидите е толку посилна колку што детето е на помала возраст. Опиоидите предизвикуваат сериозни оштетувања на централниот нервен систем, респираторна депресија и поради тоа превенирање на експозицијата на овие супстанции кај децата е од особено значење. Во таа насока, родителите треба да бидат подучувани како и каде да се чуваат сите лекарства во домот, особено оние со седативно дејство. Инаку, не е покажана разлика во половата дистрибуција за опиоидна употреба.

Кај адолесцентите, момчињата почесто користат опиоиди и тоа свесно, но девојчињата повеќе се склони кон самоубиствени обиди. Затоа и хоспитализациите се почести кај девојчињата што се обиделе да извршат самоубиство со земање вакви супстанции.
За обележување е дека над 22 проценти од адолесцентите во САД имаат некакви ментални проблеми, кои им предизвикуваат силен стрес и затоа се смета дека е висок процентот на злоупотреба на опиоидите токму во оваа возраст. Да нагласам, дека и кај жените доста е често пропишувањето опиоидни супстанции најмногу поради некакви болки.

Да завршам со пораката: опиоидните лекови, иако се ефектни и со брзо дејство претставуваат меч со две сечила. Тие никако не треба да бидат прв избор при намалување на каква било болка во детската возраст, но и кај адолесцентите и возрасните, зашто многу лесно доведуваат до толеранција и сѐ поголема потреба од супстанцијата, што е сигурен пат кон зависност.

(Авторката е педијатарка и психолог)