Униформите на новиот духовен инженеринг

Ете го прашањето од кое сакам да побегнам. Таму долу кај нас, во северниот протекторат, на југ од Европа, во Западен Балкан, источно од рајот, безумноста тера стриптиз обидувајќи се да ни предизвика духовна ерекција. Тоа сакам да му го кажам, оти како да му објаснам дека се обезличивме, се осакативме сечејќи си парчиња идентитетско месо за да добиеме место во редот за чекање пред шалтерот на нашите илузии

Не ми се пишува. Уморен сум. Ми се спие. Очи ми се склопуваат сами од себе. Ноќва се вратив од неколкудневен пат. Авиони, автобуси, автомобили. Загреб, Пула, Ровињ. И сега треба да склопам колумна кога со задоволство очи би склопил. Па уште интересно да ви биде. Вие очекувате тензија, хумор, гротеска, сакате заплет, критика, нешто умно да ви кажам. Е па, тешко денес. Баталете ме. Фатете се за нешто корисно. Фатете си женска. Или дечко. Јас поим немам што се случуваше таму кај вас. Не се фатив за интернет. Не следев возбудливи дешавки случени северно од здравиот разум. Убаво ми беше тука. Низ лавиринтите на истарските градови. Каде што исто како мене, талкале Да Винчи, Данте, Џојс…

Господине, да не сте се изгубиле? Постара госпоѓа ме прашува на англиски. Се обидувам, велам, ама не ми успева.

Како да ѝ објаснам дека сакам навистина да се изгубам тука? И тоа не само телесно. И умов сака да се изгуби. Да исфрли од себе непотребни будалаштини од македонската политичка жабокречина. Седам и пијам пиво во барот „Џојс“, каде што некогаш Џемс како некој изгубен ирски Уликс ги пишувал еротските писма до својата Нора. Се појавува пензионираниот Попај и ме прашува дали може да седне на мојата маса во полниот бар. Морнарска капа, бела маица и бели панталони, му фали уште лулето. По неколкуминутен разговор ме прашува како е во Македонија, дали жените уште се толку убави какви што тој ги знае од својата младост. Убави се, му велам, прекрасни. Ама безумната политика сака да ги нагрди лепејќи им се на колената. Таа грда исфрустрирана политика сите нè нагрди.

Што се случува таму долу кај вас? Ете го прашањето од кое сакам да побегнам. Таму долу кај нас, во северниот протекторат, на југ од Европа, во Западен Балкан, источно од рајот, безумноста тера стриптиз обидувајќи се да ни предизвика духовна ерекција. Тоа сакам да му го кажам, оти како да му објаснам дека се обезличивме, се осакативме сечејќи си парчиња идентитетско месо за да добиеме место во редот за чекање пред шалтерот на нашите илузии, чекање што би траело десетина години, а не се знае дали воопшто ќе влеземе. Како да му зборувам дека нè силуваа со хистеријата околу еден Мијалков, а сега кога судот го суди, сведоците не го ни споменуваат?

Во Пула сум по покана од мојот пријател, писателот Алдо Климан. Учествувам на тркалезна маса. Темата е „Македонија – суверенитет, идентитет, слобода“. Моето излагање има наслов „Македонскиот идентитет во гасните комори на модерниот европски нацизам“. Има гости од Македонија, Хрватска, Италија и од Словенија. Меѓу нив е и Ларис Гајсер, новинарот на „Ла верита“, човекот што влета во македонскиот апсурд и го испреврте наопаку. Во нормално расположение би го нападнал со милион политички прашања. И тоа конкретно за политичките превирања низ Европа, оти слушајќи му го излагањето сфаќам дека станува збор за исклучително информиран политиколог, кој совршено е упатен во геополитичките премрежиња низ светот. Ама кај мене од она нормалното, малку е останато.

Како е во Италија? Се читаат ли уште Манара, Прат, Серпиери? Ја има ли „Алан Форд“ уште онаа популарност од некогаш? Или сè уште изданијата на Серџо Бонели се најпродавани?

Ете што го прашав. Тука, во Пула, со мирис на море во ушите, ми се бега од политика како таа да е чума што коси сè пред себе. Многу повеќе сакам да се престорам во Корто Малтезе, кој ја бара својата Друна бегајќи од аланфордовската гротеска на секојдневието од кое доаѓам. Попрво би се фрлил меѓу гладни лавови во арената среде Пула, отколку да размислувам за хистеријата на новинарите распослана пред нозете на францускиот амбасадор во Македонија, кој само до вчера беше дел од божествениот амбасадорски пантеон каде што истите овие новинари и новинарки пуштаа лиги, виткаа ’рбети, паѓаа на колена и ширеа колкови.

А таму, во подземните ходници на арената каде што се наоѓа продавницата за сувенири, ја наоѓам глаголицата сместена на стотици вида артикли подготвени да ги привлечат туристите. Глаголица, древна хрватска азбука. Така пишува секаде каде што е изложена.

Опаа, велам гласно, ние му се сереме на македонскиот јазик, успеваме да се претставиме пред битисувањето како последни малоумни идиоти менувајќи го во мајчин, а ваму Хрватите си ја лапнаа глаголицата.
Не паничи, ми вели Елка Улчар, има разлика, нашата глаголица е облеста, а хрватската аглеста.

Браво, вадам „мудар“ заклучок, значи Кирил и Методиј развиле добра франшиза.
Тоа е, мора човек да наоѓа излез во смеата, а да не полуди. Оти како да му објаснам на деведесетиедногодишниот италијански поет Џакомо Скоти, кој се претстави со темата „Љубов за Македонија“, а ги превел на италијански сите македонски врвни поети како Рацин и Конески, дека залуден му бил трудот, дека ние, ете, на патот кон ЕУтаназија подготвени сме да се откажеме од сето културно и уметничко наследство за со смкнати гаќи, натртени да влеземе каде што не нè сакаат, оти кој сака робовски менталитет со извалкан задник?

Низ тесните улички на Пула го наоѓам Сале Веруда. Опуштен, насмеан, како светот да е панк-концерт, продава плочи и тера низ битисувањето онака донкихотски. Стариот пулски панкер, гитаристот на култните „КУД Идијоти“, додека се сликаме, а јас му објаснувам дека бил дел од потта, халуцинациите и незаборавните воздишки на еротичната младост, се прашувам како да му објаснам дека кај нас некогашната авангарда сега пее на концерти во чест на алијанса, која масакрира држави и касапи детски соништа?

Завршувам со Ровињ. Тука човек, низ тесните лавиринти на магичните улички, додека над глава ти висат пружените алишта од балкон до балкон, може на јаве да сонува потрага по совршената љубов. Како да им објаснам на сенките на древните морепловци, пирати и трубадури, чии животи се плетеле низ камените сокаци над кои бдее света Фума, дека неколку стотини километри оттука, во древната и мистична Македонија, обездушени тела и човеколики политички зомбија сакаат да ги избришат сите приказни што го обликуваат постоењето за да нè облечат во нови и безлични алишта, униформите на изопачениот духовен инженеринг?