Улогата на лагата во политиката

Со еден мој стар, дамнешен другар, со кого сум дружел често, а сега помалку, повеќепати сме расправале за политиката, иако тој нема некакво политичко искуство, но има природна дарба одлично да ги оценува карактерите на луѓето, талент што јас го немам. Тој, впрочем и како многумина, политички се информира преку рекла-кажала и единствено преку мобилниот телефон. Чита само кратки вести, нема трпение за долги коментари или за прелистување весници. Штом нешто ќе прочита на телефонот, веднаш коментира и не само што коментира туку дебатира, носи и заклучоци преку кои веднаш тврди дека е во право. Се трудев да го одвикнам од тој блицкриг-начин на сфаќање на политиката, но морам да признаам, без успех. Можеби од наведените причини темата на овој текст е зошто не треба премногу да им се верува на сите вести и новости што ќе ги чуеме и прочитаме, на сите изјави и коментари што излегуваат од устите на политичарите, како на домашните така и на странските.
Најверојатно некој што немал друга попаметна работа, се обидел да подвлече слични изрази и синоними за политичките измамници. Еве го редоследот што го претставил, односно „титулите“ што ги добиле, изразите со кои се нарекувани политичарите: продавачи на магла, манипулатори, демагози, блефери, муватори, хохштаплери, пробисвети, лажливци, профитери, никаквеци, шарлатани, политиканти, сплеткароши, кариеристи, превртливци, илузионисти, магионичари, митомани, преваранти, бандити, лигуши, елитисти, фалсификатори, подли, клептомани, марионети. На оваа „основна листа“ сигурно дека може да се додадат и други изрази зависно од јазичното подрачје, од дијалектот, од сленгот, но и како такви сигурно би имале исто или слично значење. Изразите може да се употребат со еднаква вредност и кај други професии, кај новинарите на пример, но не случајно некој рекол: кога на Олимписките игри би постоела спортска дисциплина во лажење екипата составена од политичари сигурно би застанала на победничкиот пиедестал.

Политичките лаги постојат откако постои политиката, тука нема ништо спорно. На база на лаги, на лажни вести и лажни сведоци, почнувале востанија, војни, се вршеле меѓусебни одмазди, ништење на кариери. Историјата е полна со такви примери. Нив не ги измислувале обични луѓе, тие биле смислено креирани во највисоки државни и воени кругови, во елитни кабинети и службени простории. Ниту една земја без оглед колку е стара или млада, демократска или авторитарна не е имуна од користење очигледни лаги за остварување на некоја повисока цел, потребна во актуелниот момент. Нема разлика дали станува збор за Америка, за европски држави, за Русија или за Кина, за арапските или за други азиски земји. А и Џорџ Орвел запишал дека политиката сама по себе се темели на лаги, измами, омраза и шизофренија.
Во денешниов текст би сакал на читателите да им посочам неколку лични примери за улогата на лагата во распадот на Југославија и битката за независност на Македонија, примери што подучуваат дека не треба да им се верува премногу на зборовите што се изрекуваат во јавноста, туку повеќе на она што се одвива зад кулисите на таа матна сцена. Дека не секогаш е вистина она што ќе се чуе и види на телевизија, дека не е секој ден вистина она што се чита низ редовите на весниците, туку она што се чита меѓу редови. Она што е транспарентно е всушност лага, а она што се крие или демантира подоцна станува вистина.
Сега да му дадеме прилика на сеќавањето, (иако со годините тоа си истекува во тенки млазеви) како потсетување за постарите читатели и како наук за помладите. Кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век стануваше сѐ појасно дека Титова Југославија отворено се судира со прашањето на својот опстанок. Беше пропаднат комунизмот како систем, но и натаму функционираа сојузните институции на кои сила и надеж им даваше тогашниот претседател на Владата, Анте Марковиќ. Министер за одбрана беше прославениот генерал Вељко Кадиевиќ. Еден ден, мислам дека беше кон крајот на 1990 или почетокот на 1991, во Скопје, во Домот на армијата, Кадиевиќ, заедно со други генерали, имаше средба со дел од политичкиот актив на Републиката на која присуствуваа и директорите и главните уредници на македонските медиуми.

Генералот, кој зборуваше смирено, но остро, укажуваше дека поради сложената политичка ситуација Југославија се наоѓа пред граѓанска војна и целосен распад. Тој ги убедуваше присутните дека ЈНА има план како да го спречи тоа, дека ќе преземе сѐ што е во нејзина надлежност и моќ таков расплет никако да не се дозволи. Беше толку убедлив што ретки беа слушателите што изразија сомневање во неговите зборови. Позната е неговата намера да го уапси целото претседателство на државата, да воведе вонредна состојба и армијата да владее неколку месеци. Тоа го тврдеше генералот со највисока позиција во југословенската војска.
И што се случи: ЈНА не се осмели да преземе таков вонуставен чекор од многу причини, воениот план на генералот беше политички отфрлен, неговата војска трпеше порази на отворените фронтови. Во воениот виор во Хрватска потпиша 16 примирја, кои не значеа ништо, војници гинеа под необјаснети околности, родители се завиваа во црно без да знаат зошто гинат нивните деца. Кадиевиќ не само што на почетокот на 1992 поднесе оставка туку кратко потоа побегна во Русија, заборавајќи ги злоделата што беа направени под негова команда. Ништо од плановите, ништо од убедувањата, нула од генералска чест и достоинство. Иако во својата книга за распадот на државата го обвини Вашингтон како главен мотиватор и координатор, тоа воопшто не го оправдува неговиот кукавичлук, ниту пак неговите лаги што ги ширеше на просторот на Југославија, лаги во кои веруваа не мал број граѓани и во Македонија.
Еве и еден друг, поинаков, меѓународен пример што зборува за лицемерството на големата политика, особено кон малите земји каква што е нашата. Кон крајот на 1991 година, во времето кога бев генерален директор на НИП „Нова Македонија“, побараа официјално прием десетина амбасадори што ги претставуваа нивните држави во Белград. Поединечно, во различни но згуснати денови, се сретнав со амбасадорите на Германија, Канада, Кина, Индија, Кенија, Чехословачка, Гана, Унгарија, Италија. Прием не побараа амбасадорите на САД, Британија и на Франција, од поголемите земји. Во водените разговори, сите до еден, (ама сите до еден) како да имаа пишана иста порака што требаше да се пренесе до македонските медиуми, а преку нив до јавноста. Таа нивна препорака, нивните залагања беа преточени во директното барање во уредувачката политика на весниците, во коментарите на новинарите колку што може да се бранат единството и опстанокот на Југославија.

Тоа го говореа и пренесуваа како став на нивните влади, кои биле заинтересирани државата да ги промени политичкиот систем и државното уредување, но да остане во истите граници, обединета, федерална или конфедерална.
Набрзо се случи спротивното. Југославија се распадна како кула од карти. Германија беше првата што ја призна независноста на Словенија, малку подоцна, од нигде никаде беше признаена како посебна држава Босна и Херцеговина (која и денес не е тоа) и, како што течеа настаните, многу подоцна независен статус на држава доби и Република Македонија, единствена во мир, без крвав расплет и без сериозни воени последици. Но и таа независност сѐ до денес е проследена со меѓународни лаги од висок „маштаб“. Македонија беше единствен придружник на Словенија, првите две републики што според мислењето на Бадентеровата комисија заслужуваат и се подготвени за независност. Словенија вклучена, Македонија исклучена. Живи сведоци сме колку имиња и презимиња на странски политичари, крупни ѕверки и ситни службеници, поминаа низ оваа држава ветувајќи зачувување име, европска иднина, голема национална перспектива. Ништо од тие ветувања, од тие нивни пинокио-позиции, освен НАТО, сѐ друго се одложува за некој друг ден. Македонскиот пат до Европа го направија потежок одошто откривањето на Америка од Колумбо. До кога не се знае – најверојатно дотогаш додека не ни стане јасно дека на лагата кратки ѝ се нозете, ама долги ѝ се рацете. Додека наивно веруваме во секои нивни фино, лицемерно формулирани реченици што не кажуваат ништо, кои ги развејува првиот ветер како нова прашина што ја покрива претходно напластената.

Ако е за некаква утеха, треба да се наведе дека современите проследувачи на политичките вистини тврдат дека никогаш не се лажело како што се лаже денес и никогаш не се ширела лагата толку брзо како сега. Многу истражувања покажуваат дека денеска во демократскиот свет се лаже безобразно, систематично, плански и со намера. Нормално, самата лага се камуфлира со разни целофани и обланди и така спакувана често станува официјална вистина. Мамењето стана важен дел од политичкото однесување и практика во модерните демократии. Тоа се третира и прифаќа како нормална појава, така што речиси и да нема политички говор или изјава, а да нема дел вистина, дел лага, кажана или премолчена. Таа форма на говорење веќе не се вика измама, туку се именува со разни еуфемизми, со употреба на лесни амортизери за тешките лаги. Се употребуваат јазични формулации што се сериозна навреда на здравиот разум, кои личат на секс во мозок, ако таков секс е воопшто технички изводлив.

[email protected]