УКИМ на дното

Во услови на режим, празничните денови, секуларни или верски, служат за дефокусирање и за пацификација (и пасивизација), како дијазепам за колективно смирување, барем ако се суди според атмосферата во Македонија… Тие добро им доаѓаат на политичарите да наполнат батерии, ама и на луѓето уморни од сè. Најголемата битка деновиве беше онаа за причестувањето, односно симболичката битка меѓу мантиите и белите мантили. Оставам да процените кој победи. За Први мај – штама! Ќе помисли некој живееме во остварениот рај на земјата, нема невработени, нема експлоатирани, нема понижени, нема сиромашни… Дури и одбележувањето на денот кога загина Гоце Делчев ја нема искрата во себе: политичарите ќе се наредат пред неговиот гроб да положат цвеќиња, а децата веќе капитулирале. Учејќи „дигитално“ и онлајн, препишуваат од Википедија (тоа модерно се нарекува самостојно истражување) и наидуваат на информацијата дека Гоце бил Бугарин, па тоа го внесуваат во писмените задачи. Учителките вредно ги коригираат, ама особено во делот на прашањето „мојата татковина се вика…“, па неуморно ја додаваат Република Северна. Веројатно ќе беше згодно денес да пишувам за Гоце и за тоа како сè уште му копаат по коските и ги парчосуваат неговото дело и наративот што нè обединува. Но зарем не сум пишувала и за тоа? Новината е што сега дигитално ќе ја продолжат таа некрофилска операција, за на крајот да заклучат дека тоа не е ни толку битно. Сè за ЕУ!

Решив да пишувам за УКИМ. Не е сосема надвор од контекст (барем првомајски). Имено, токму пред празникот, некои колеги дури и ги споменаа битката за работнички права, Чикаго (1886 година) и значењето на синдикалната борба. Иронијата е што тоа дојде од оние што капитулирале пред трошките и понижувањето на владината понуда во вид на колективен договор. Во целосна тајност, еден божем синдикат (НАКС), кој не претставува ни 10 отсто од вработените, но е на „ти“ со Мила, се договарал во кабинетот на министерката, па и премиерот побрза да се пофали дека конечно ги решил социјалниот статус и финансирањето во високото образование. Апсурдот е што тоа го направиле надвор од решенијата на Законот (Националниот совет и Собранието се одговорни за финансиската автономија на универзитетот, а не божемните квазисоцијалистички преговори на „работодавците“ и „вработените“). Целата приказна за синдикалното организирање во високото образование е фарса. Се труди да ги прикаже ректорите и деканите како работодавци, а да ја изземе државата од одговорноста што ја носи според устав и закон. Реално, нашите божемни „работодавци“ се комплетно кастрирани: не можат да одлучат ниту за вработување, ниту за сопствените средства без амин од државата. Нема да навлегувам во детали, но имајте го предвид ова: понудата е платите на професорите да се покачат од септември 2022 за 4.000 денари (не умри магаре до зелена трева), тие на ненаставниот кадар практично се намалуваат, а хигиеничарките би имале плата под минималната! Значи, најранливите категории, јакиве синдикалци ги заборавиле или жртвувале!

Бидејќи во целава работа е замешан и СОНК (кој ниту го претставува високото образование, ниту има поим за сложеноста на работата на асистент или редовен професор), споредбата меѓу коефициентите на тие од средното образование и високото дава го одговорот зошто ни во лудило млад, интелигентен и амбициозен човек не би се вработил на универзитет за да добие плата во висина на хаусмајстор со средно образование.
Да, да, апсолутно сум свесна дека муабетов не ве допира, ниту трогнува: уво го боли обичниот работник, или оној од прекаријатот без сигурна работа за платите на професорите и администрацијата! И не треба да го боли. Нас и онака нè гледаат како паразити, мрзливци, па и корумпирани и предатори, делумно благодарение на објективни показатели, но уште повеќе поради континуираната пропаганда и антикампања на сите влади, кои редум сакаат да го држат универзитетот на кратко јаженце и да го дисциплинираат, „милом или силом“. Така, секогаш кога ќе се појави искра на критичко и/или слободоумно дејствување или критика на некоја владина реформа (како таа на МОН), се посега по мерки. Најомилена им е онаа за рангирањето на универзитетите. Пискотници се слушаат од Галичник до Река, што тешка несреќа ги збра сите загрижени околу квалитетот на нашите универзитети. УКИМ бил на дното (всушност на некое 1.300-то место од вкупно 13.000 универзитети, ама нашиве очекувале да се доближиме барем до Љубљана). Истиве не се грижат за рангирањето на земјата на „Транспаренси интернешнал“, на листата на „Фридом хаус“, за падот на медиумските слободи, за колапсот буквално на сите полиња – освен на листата на број на починати од ковид. Но што ќе правиме со УКИМ? Тоа било срамота, недостојно за државата и за дипломираните. Некои би си ги кинеле и дипломите и би си го бришеле УКИМ од сивито (биографијата). Не знам што очекуваат од универзитет што неретко нема греење, во кој библиотеките се со наслови од минатиот век, кој нема средства за истражувања, уште помалку за учества на светски конгреси и конференции? УКИМ не треба да ве загрижува, бидејќи како сте тргнале, сам ќе одумре.

За пензионираните професори нема подмладок, освен ако се наметнат некои ликови со семејни или партиски врски. А и ако случајно се отвори работно место, често најдобрите не сакаат да работат за понижувачки ниска плата – повеќе им се исплати да бидат некакви хонорарци или советници во Владата или кабинетот на Заев или Шилегов. Упс, чекајте, заборавив – таму има и луѓе без соодветно образование. Ах, да, затоа заминуваат во странство! Имам уште мал милион аргументи за да ја поткрепам тезата дека државата ги убива универзитетите што ги отворила ама селективно, а главниот удар е секогаш на УКИМ. Од Тетовскиот универзитет (каде што професор зема две мои плати) не се очекува ништо посебно; доволно е ако нема афера за плагијати и насилство.
Ова не значи дека и јас не сум често во амбивалентен однос кон сопствениот универзитет (на кој сум дипломирала, докторирала и станала професорка), однос на тензија меѓу „љубовта и омразата“. Разочарана сум кога гледам прерано „остарени“ луѓе како без елан си врват низ кариерата, без никаква желба да излезат отаде Табановце, да стапат во дијалог со меѓународните кругови, па немаат ни контакт со сопствениот народ. Има куп мрзеливи, фолиранти, немотивирани и залутани – исто како што има еден куп од оние другите, кои се крајно посветени и вредни. А сите сме ставени во ист куп. Нема критериуми за позитивна селекција и признанија, а не знаеме ни да се почитуваме себеси, ниту да се инспирираме од нечиј успех. Проблемот на УКИМ (но и на другите универзитети) е што ем продуцира некомпетитивна наука, ем е во тивок брак со секоја власт, а оние што отскокнуваат во позитивна смисла само им го расипуваат просекот.

Никогаш не ги разбрав тие што живеат во салонска изолација, во некој замислен свет на божемна елита за која никој не ни слушнал, ни дома ни во странство. Најмногу се срамам од молкот, па и колаборацијата, во време на масовен помор и најбезобразна корупција и деградација на сè што ни е свето (или треба да биде такво). Веројатно „шарените бои“ тешко се мијат, па некои немаат ни образ за акција; други изгубиле и волја за самоорганизирање; трети си седнале во скутот на власта и цицаат привилегии, учествуваат во небулозните реформи (од кои некои се токму во образованието), па дури и не живеат од плата, туку од хонорари. Огромен е бројот на плашливци и кетмани, секогаш во глувчешка дупка. Не дај боже, коментар на Фејсбук не ставаат.
Не се срамам толку од нискиот рејтинг на УКИМ на светските ранг-листи: таму не сме поради море причини, од кои најголем дел се системски, па веројатно и си го заслужуваме местото. Свесна сум дека нè удираат по глава за таквото „потфрлање“ луѓе што се полуинтелектуалци, кои носат дипломи, а и самите не знаат за што се стручни, а за ликови како премиерот кој чита навечер муабет да не правам: и тој е дипломец на УКИМ. Она од што ме фаќа срам, особено овие последни недели и месеци, е активирањето на Сараевскиот универзитет, поточно Филозофскиот факултет, кој се обедини околу платформата „Барање за живот и достоинство“. Не се дигнаа за платите, туку за поморот и неспособната власт, која не може да обезбеди ни вакцини, ни елементарна здравствена заштита на граѓаните. Нивната главна теза гласи „за овие на власт нашите животи се безвредни“.

Протестираат, дебатираат, пишуваат – и најважно од сè, стојат со својот сиромашен и згазен народ и ги артикулираат нивниот гнев и мака. Излегоа и на првомајски митинг. Можеби нема да сменат многу, ама барем се гласни. Ние сме како прегорена свеќа, искомпромитирани, предадени однатре и од постарите и од помладите професори. Издишавме за време на пленумите, кои „глатко“, речиси без отпор, си се претопија во политичко-партиска драмолетка, станаа инструмент за смена на режимот и за воспоставувањето на новиот, полош од претходниот. И сега нè сведоа на глувци што се борат за трошки од еден раскалашен буџет, создаден од кредити и задолжувања. Да, на дното сме. Во секој поглед.