Убавицата Атиџе и ѕверот

Медената земја на Атиџе е земја што почива на вродена добрина, мудрост и убавина, а тој микрокосмос таму некаде, во некоја пустелија, е местото каде што се води последната битка за надеж на ова проколнато човештво

Како што обично и бива, нема настан/личност што не може да биде повод за поделби: од крајност во крајност, нештата се симплифицираат и се прикажуваат како исклучително добри или безнадежно лоши. Откако заврши кавгата околу ракометарите, на ред е Атиџе. Не е тешко да се предвиди дека утре ќе се јадеме околу нешто друго – без мед, ама со многу пелин. И оние што не ја гледале „Медена земја“, сега се фокусирани на Атиџе (повеќе отколку на филмот). Причината е во номинацијата за „оскар“, во две категории, што само по себе е преседан. Со други зборови, да не конкурираше за престижната американска награда (уау, на нашите стратегиски сојузници!), Атиџе ќе беше само една заборавена (филмска) хероина од документарец во македонска продукција. Иако ги имав прочитано извонредните рецензии за филмот, сепак успеав да го видам во оној краток период во кој пиратската верзија беше достапна на Јутјуб. На мајка ми ѝ се вратија спомени за баба ми Менка (нејзина тетка), која исто така собирала мед од диви улишта и исто така им зборувала/пеела на пчелите. Мене ме трогна дијалогот меѓу ќерката и мајка ѝ (на возраст блиска до таа на мајка ми), затоа што такви разговори, речиси со исти реченици, водиме секојдневно. Не може да не те допрат онаа широка насмевка и радоста што извира од Атиџе додека си игра со децата, или блискоста со која му дава мед и на кучето. Сите ликови, сета природа, сите карактери – сето тоа е Македонија, сакале ние или не. И не е соцреализам, туку е грдото лице на капитализмот. А уметноста е тука да им даде утеха/признание на вознемирените и да ги вознемири индиферентните (Банкси).

Мрчаторите и паметњаковичите што сметаат дека политиката, ракометот, уметноста, книгите, нобел, меѓународните кризи или домашните случувања се резервиран/ексклузивен домен за експерти (како нив, бидејќи тие се, нели, ренесансни ликови над обичните смртници) се неспособни не само за емпатија туку и за убавина. Тие живеат од и со ѕверот (естаблишментот, од лакомоста, од профитот), па во убавината на „небањатите“ гледаат примитивизам, а не последица на неправдата. Сите настани/нешта се во микрокосмосот на секој поединец (во зависност од интересот, независно од експертизата). Секоја човечка дејност е од луѓе (или нелуѓе) за луѓе (или нелуѓе), и тука степенот на образование, стручноста, знаењето, искуството, возраста, полот и слично се сосема небитни. (Дури и пишувањето колумни е за (таканаречените) обични луѓе, а понекогаш и за нив како субјекти или објекти на животниот тек и простор.) Активен граѓанин (или ако сакате, жив човек, а не зомби) е само оној што има интерес и реагира на она што се случува околу него или што влијае на неговиот живот, на еден или друг начин. Што би рекол Брехт, ако вие не се занимавате со политиката, таа се занимава со вас. Размената на мислења (дури и ако е ступидна, површна, погрешна) е инхерентно човечка потреба; ниското ниво на дебата е друга приказна, која треба да најде одговор зошто фрустрациите се толку големи и зошто гневот/ставот се изразува на социјален медиум, а не во стварниот живот или во медиумите-фабрики. Сосема е нормално, особено во демократско општество (какво што не сме, ама лажно се претставуваме), секој да има став за сѐ. Вклучувајќи и за Атиџе… Само арогантни елитисти и циници, кои мислат дека во вените им тече сина крв, си дозволуваат другите да ги наречат „и шуто и рогато“, а за дебатата ќе напишат дека личи на (цитирам) „шарените шалвари и неодоливата насмевка со она неповторливо забало на Атиџе, таа специјалистичка студија на ортодонтски случај од конгресни стоматолошки димензии!“. Ова се зборови на човек што се смета за врвен новинар, кој откриваше „агенти на злото“ додека живееше како бубрег во лој во дувлото во кое главна улога имаше кАтиџе (која успеа дури и операција на желудникот за естетски цели да направи со наши пари).

Последниот збор за „Медена земја“ ќе го даде жирито на американската филмска академија, но многу поважно е што ќе каже публиката. Филмовите, како и книгите и другите уметнички дела, имаат сопствен живот штом еднаш ќе се споделат јавно. Веќе пишував за документарни (па и играни) филмови, за она како тие ни помагаат да се видиме објективно, од дистанца, себеси (како луѓе) и другите (луѓе), но и општеството во кое живееме, а за кое најчесто сме слепи или заслепени. Без оглед дали „Медена земја“ ќе добие „оскар“, филмот е извонреден. Сам по себе… Не станува тука збор за македонштината, туку за топлата човечка порака и убавина што зрачи од Атиџе. Како Македонци ќе бидеме пресреќни (се надевам, барем мнозинството) ако филмот биде награден. Но и влезот во најтесниот круг е признание за творците на една мала кинематографија, која прави чуда без државна помош, па дури и кога се заканува со цензура и прогон на слободата на творештвото. Најубавите мигови на среќа ни ги приредувале секогаш исклучителни таленти и поединци, наспроти сите сопки што им ги правела државата, која ќе се натопори во прв ред отпосле, кога треба да си припише успех и освои политички поени. Земјава ни е не само медена туку и ледена – видете го само обраќањето на маестро Симон во студената штипска сала. Се прашува човек како можеме да имаме такви индивидуални проблесоци, брилијантни таленти, а не можеме да средиме една држава.

Она што фрла сенка врз овој прекрасен, а потресен филм, е политичката пизма. Таа умее да извалка буквално сѐ и секого… Така, за оние задоени со ариевштина, во филмот немало ништо македонско! Други се загрижени што земјата се претставувала во негативна светлина (сиромаштија, запуштеност, неразвиеност), небаре филмот е туристичка или бизнис-реклама за Си-ен-ен! Трети стискаат палци, бидејќи евентуалната награда ќе била предизборна шлаканица за Заев… А филмот не е за Македонија, тој е многу повеќе од тоа: ги трансцендирал и времето и просторот; со малку зборови кажува многу за човекот, природата, човештвото. Неговите творци ја исткале магијата што е истовремено и македонска и универзална, зборува и за човечката самотија и за интеракциите, и за Гаја, и најмногу за неправдата што извира од општеството, кое навидум е невидливо среде некоја пустелија. Но за оној новинар (за кој во шифри пишуваше и Героски) било смешно што се посегало по (наводно) соцреалистички теории за улогата на уметноста во одбраната на класните интереси на работниот народ, а токму тој доаѓа од класата на неработниот народ што другите ги делат на „бањати“ и „небањати“, на луѓе со здрави заби или со неповторливи забала!

Со ваквиот дрзок и надмен однос (по нискоста) може да се спореди само уште одлуката на Зоолошката градина да го крсти првото женско мајмунче во новата година според неа. Другата крајност е егзалтацијата „И јас сум Атиџе“ (на француски!). Да не стануваше збор за „оскар“ (и помодарство), малкумина и ќе ја забележаа Атиџе Муратова, уште помалку ќе ја сметаа за хероина. А Македонија е полна со жени како Атиџе, ама тие се невидливи или отворено дискриминирани. Општество што се задушува од депонии и од нехигиена сега е во транс поради благородниот однос на Атиџе кон пчелите и балансот во природата!? А оние од урбаната мафија го разбрале филмот затоа што се учени? Се загрижиле за доброто име на земјата, да не помислат дека сме дивјаци? Да не ти се верува! Општество во кое деца гинат во „импровизирани домови“, во кое некои уште живеат без струја и вода, во кое греење нема не само во концертни сали туку и во универзитетски училници, во кое медицинските установи се олицетворение на клоака, таквото општество е „ѕверот“ – дури и кога (политички) се трансформира во принц со помош на пропаганда или тапкање по рамо од странците. Она што филмот веќе ѝ го донесе на Атиџе е пристоен дом во друго село, но нејзиниот тежок од во потрага по мед не може да го избегне пелинот. Всушност, сиот пелин низ кој минала, а кој не ги нарушил нејзината вродена благост и човештина, оставил трага на нејзиното лице (и забало) и судбина. Некои сметаат дека за Атиџе ќе биде голема сатисфакција што ќе се сретнела со Бред Пит, а мене повеќе ме плаши болната вистина дека кога ќе се исклучат светлата на сцената (без оглед на исходот), таа ќе биде само уште една Атиџе од Македонија. Сепак, филмот ќе остане како бесмртно сведоштво за тоа дека корените на Мудроста се во Добрината, а не обратното (Емерсон) – а Добрината ја нагласува Убавината. Медената земја на Атиџе е земја што почива на вродена добрина, мудрост и убавина, а тој микрокосмос таму некаде, во некоја пустелија, е местото каде што се води последната битка за надеж на ова проколнато човештво.