Тројца или четворица кандидати за претседател?

Мој драг пријател што сака политички прогнози, ме покани да прогнозирам како ќе завршат изборите, и дека може да изберам кој било од тројцата кандидати… бидејќи неговата прогноза е дека на овие претседателски избори ќе победи четвртиот кандидат

Претседателската трка влегува во завршница со службеното потврдување на тројца кандидати за претседател: Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река. Во трите претходни осврти на претстојните претседателски избори, „Самостојни претседателски избори“, „Претседателски кандидати за поширока поддршка“ и „Натпартски кандидати за партиски натпревар“, коментирав дека за успешни претседателски избори се потребни претседателски кандидати што можат да ја надминат поддршката од политичката партија што ги предлага, што можат да обезбедат поддршка и од други партии и од независните гласачи, и дека се потребни не еден силен кандидат, туку двајца силни кандидати, за да ги мобилизираат гласачите и на левицата и на десницата. Се чини дека тој услов е исполнет, а дополнително има и силен кандидат од опозициските партии на етничките Албанци. Со тројца силни кандидати се чини дека се исполнуваат претпоставките за успешни претседателски избори, барем во првиот круг, иако останува да се види како ќе се води кампањата и како ќе влијае таа.

Деновиве е објавена анкета за јавното мислење на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и на Институтот за демократија, спроведена од „М-проспект“. Според анкетата, двајца кандидати, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, се изедначени, 25 проценти наспроти 22,4 проценти, а третиот Блерим Река има поддршка од 10,9 проценти. Поддршката за двајцата водечки кандидати е генерирана во различни групи, каде што Гордана Силјановска Давкова има поголема поддршка меѓу гласачите етнички Македонци (32,2 проценти наспроти 26,1 процент за Пендаровски), додека Стево Пендаровски има одредена поддршка меѓу гласачите етнички Албанци.

И перцепциите на граѓаните за Стево Пендаровски и за Гордана Силјановска Давкова се изедначени во однос на нивната чесност, близината до граѓаните, разбирливоста во комуникацијата и одбраната на државните интереси. Во однос на независноста од партиите како таква ја перцепираат Силјановска 24,3 проценти, а Пендаровски 19 проценти. Малку поголема разлика постои во „угледот кај странците“ каде што за Пендаровски тоа го мислат 39,3 проценти, наспроти 14,2 проценти за Силјановска. Прашање за анализа е дали последната перцепција е клучниот генератор за поддршка на кандидатите, на различен начин, меѓу гласачите етнички Македонци и етнички Албанци.

И покрај одредена перцепција дека кандидатите се независни од партиите, анкетата потврдува дека колку и да се гради таа перцепција за натпартиски кандидати, дури и за „консензуален“ кандидат, во основа кај претседателските избори станува збор за партиски натпревар. Видлива и јасна е поларизацијата на партиските симпатизери, при што четворица од петмина симпатизери ги поддржуваат своите кандидати, односно од СДСМ се за Стево Пендаровски, од ВМРО-ДПМНЕ за Гордана Силјановска Давкова и од АзА/Беса за Блерим Река. И Стево Пендаровски не е перципиран како „консензуален“ кандидат, бидејќи за него би гласале 15,2 проценти гласачи етнички Албанци, додека за Блерим Река би гласале 41,4 проценти. Дури и за симпатизерите на ДУИ прв избор е Блерим Река со 57,1 проценти, наспроти 25,7 проценти за Пендаровски.

И доколку Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, односно СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се изедначени, се чини дека Алијансата за Албанците (АзА) и Беса се сигурни победници со Блерим Река. Од друга страна, ДУИ ќе се најде во процепот, јазот меѓу полибералните гласачи етнички Албанци, кои сѐ повеќе ќе вртат кон СДСМ и потрадиционалните што најверојатно ќе се вртат кон АзА и Беса.

Непосредно по објавувањето на анкетата, мој драг пријател што сака политички прогнози, ме покани да прогнозирам како ќе завршат изборите, и дека може да изберам кој било од тројцата кандидати… бидејќи неговата прогноза е дека на овие претседателски избори ќе победи четвртиот кандидат, Талат Џафери. Во основа тоа е прогноза дека во вториот круг на изборите нема да се постигне цензусот од 40 проценти одзив. На големиот предизвик на самостојните претседателски избори, се надоврзуваат неуспехот на референдумот и јавно искажаната загриженост на ЕУ за можен бојкот на изборите. Во 2014 година одзивот во првиот круг изнесува околу 48 проценти, што може да се очекува и сега на 21 април, бидејќи од анкетата може да се прогнозира одзив од 44 до 48 проценти. На таквата прогноза влијае учеството на кандидат етнички Албанец. Но во вториот круг нема да има таков кандидат и се зголемува апстиненцијата меѓу етничките Албанци од 16,8 проценти, кои сигурно нема да излезат, и расте на 37,3 проценти во вториот круг. Има можности да се избегне тоа, што ќе зависи од шансите за победа на двајцата кандидати, мобилизацијата на партиите, нови договори меѓу партиите, пред сѐ со АзА/Беса, но и покрај сѐ постои ризик за неуспешни претседателски избори и победа на четвртиот кандидат. Оттука гласините дека СДСМ во таков случај планира да изврши промена на претседателот на Собранието, не како реалност, туку како предупредување до ДУИ да се ангажираат соодветно во претседателските избори.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2019