Три работи за подобрување: тестирањето, следењето на контактите и болниците

Со овие подобрувања ќе може да се намалат човечките жртви, да се подобри контролата и да се овозможи побрзо ублажување на мерките за социјално дистанцирање за да се спречи целосен економски колапс

По написот „Македонија заличува на организирана држава“, посветен на ковид-19, добив прашања на што е заснован тој заклучок. Неколку работи за тоа. Прво, заклучокот дека заличува на организирана држава не значи дека е перфектно и дека нема простор за подобрување. Второ, тој заклучок е заснован на здравствените и епидемиолошките мерки, но не и на економијата и на образованието, каде што значително се заостанува со мерките. Сега за сега Венко Филипче и Наќе Чулев, односно здравството и полицијата (и армијата), ја вршат својата работа. Кај нив двајца, освен професионалноста, морам да ја истакнам смиреноста во комуникацијата, која е исклучително важна во контекст на општата паника.

Трето, споредбите со земјите со кои обично се споредуваме говорат во прилог на тоа. Да ги земеме за споредба Србија, Хрватска и Словенија. Ние имаме 158 заразени и четири починати на еден милион жители, со прв случај на 25 февруари. Хрватска има 211 заразени и еден починат на еден милион, со прв случај на 24 февруари, Словенија 286 заразени и седум починати на еден милион, со прв случај на 3 март, а Србија има 103 заразени и три починати на еден милион, со прв случај 5 март. Земајќи ги предвид комуникацијата со Италија, економијата, социокултурниот контекст, може да бидеме задоволни од контролата на ковид-19.

И четврто, можеби најважно, мерките се оценуваат и се менуваат во тек, има учење на грешките. На почетокот беа одредени Велес, Штип и Гостивар, ако добро се сеќавам, како места каде што ќе се изолираат заразените. Сите што го познаваат здравствениот систем знаат дека тоа е смешно, бидејќи таму нема соодветни услови за средни и тешки случаи. Таа одлука тивко се измени и резултат е дека поголем дел од капацитетот на Клиниката за инфективни болести е наменет за ковид-19, а дополнително се подигна и импровизираната болница во двориштето на клиниката (придонес на армијата). Кога бројката на самоизолирани достигна околу 10.000 лица, веројатно над границите на бројот што може да бидат под надзор на полицијата, се пристапи кон државен карантин во хотели и во одморалишта. Брзо се надградија и мерките во трговијата, каде што се подобри и заштитата на вработените (плексиглас-заштита или визири на касите) и на клиентите (контролиран влез, дезинфекција, дистанца).

И петто, со наведеното лидерство на одговорните, и реакцијата на граѓаните и на фирмите е за поздравување. Да, веројатно постојано ќе има исклучоци на неодговорност, но големо мнозинство граѓани и фирми се адаптираат и ги применуваат мерките. Уште повеќе, помагаат во мобилизација на сите сили, на пример, во производството на визири за сите здравствени работници. Рано е за заслуги и пофалби, ама во морето на негативност, мора и да се истакнат и позитивните работи.
Истовремено, со ставот дека заличуваме на организирана држава, три работи за подобрување: тестирањето, следењето на контакти (мапирањето) и болниците.
По искуството на Јужна Кореја, Германија тргна во масовно тестирање, кое е важно на две нивоа. Прво, помага во утврдување на сите случаи, вклучувајќи ги и тие „од нога“, без симптоми и лесна слика, што е клучно за изолација и забавување или запирање на заразата. Второ, помага во разбирањето на ковид-19, на пример одредување стапки на заболени и смртност, што е важно за планирање на капацитетите на здравството и сите други мерки. Кај нас веќе имаме градови како Куманово и Битола, како и случаи во Скопје, каде што недостига нултиот случај, што значи дека има заразен што е таму и има можност да зарази други луѓе. Најрадикален е случајот во Струга. Епидемиолошките анкети укажувале на контакти Струга со Дебар.

На 14 март е одржана средба на полицијата со жителите во Лабуништа за ковид-19, а министерот Филипче најави тестирање во Струшко. Но првото тестирање, направено по барање, на 26 март!? Многу неодговорно. Доколку Германија стреми кон 500.000 теста неделно (антитела-тестови), ние би требало да постигнеме меѓу 5.000 и 10.000 теста неделно.
Како што пишував, Кина, Сингапур, Хонгконг, Тајван и други покажуваат дека се клучни самоизолацијата и следењето на контактите на заболените. Овие земји употребија анализа на биг-дата, односно следење на ГПС/ГПРС на мобилните и за спроведување на самоизолацијата и за одредување на контактите и можните новозаразени. Казните за прекршување на самоизолацијата се парични и затворски. Израел е прва условно западна земја што ја применува оваа мерка. Биг-дата како ГОС од мобилен, или употреба на кредитна картичка во продавница и банкомати се комбинираат и се формира патека на движење на заразените лица, чиј идентитет е заштитен, кои се објавуваат заедно со повик на сите засегнати да пристапат кон тестирање. Во Европа, Германија и Австрија воспоставуваат соработка со телекомите, а Чешка усвои мерки.

И на крајот болниците, од два аспекта. Првиот, поважниот, е дека заштитата на медицинскиот персонал е ниска и поради ниската заштитна култура (и дисциплина) и поради недостигот од заштитни средства. Клиники во Скопје (кожна, кардиологија), болници во Куманово, Битола, Кавадарци, Охрид, амбуланти во повеќе места се компромитирани, а учеството на медицински персонал во заразените е високо. Не смееме да дозволиме ниту нашите болници да станат места на ширење на епидемијата, ниту да се компромитираат здравствените капацитети, и човечки и просторни. Од втор аспект, треба да се пристапи кон хоспитализација на сите болни, вклучувајќи и лесни случаи, наспроти сегашната политика за лекување дома, од две причини. Првата, не сите заразени ќе имаат услови за самоизолација и да не ги заразат членовите на семејството, истите тие треба да се сместат во импровизирани болници во спортските сали. Втората, ковид-19 покажува нагло влошување по релативно лесен почеток, соодветно и за лесните случаи ќе треба да има одреден здравствен надзор.
Со овие подобрувања ќе може да се намалат човечките жртви, да се подобри контролата и да се овозможи побрзо ублажување на мерките за социјално дистанцирање за да се спречи целосен економски колапс.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus