Три бои црвено

Слобода, еднаквост, братство – идеите што одамна прераснале во бои, боите во знамиња, а овие во развеана стварност, една по една се враќаат на мерникот на актуелното преживување за нивно повторно одмерување.
Не помалку, лично и генерациско преиспитување – што значи денес да се биде слободен, еднаков или солидарен со другите? Колку од личната слобода сме подготвени да заложиме во име на прокламираното општо добро? Колку бараниот залог е оправдан?

И колкава (не)довербата во оние што ја ограничуваат слободата ја „мери“ (не)оправданоста?
Најпосле, колку добри моменти од овој „извонреден“ живот сме подготвени да размениме за непредвидливо долгата вонредна состојба? Зашто животот сепак од нив се состои, од добрите моменти. Како би ги толкувале денес стиховите на Борхес: „Кога би можел мојот живот да го живеам пак… би бил помалку по чистотата, повеќе би ризикувал, повеќе би патувал, би набљудувал повеќе зајдисонца, на повеќе планини би се искачил, повеќе реки би препливал, би одел на повеќе места каде што никогаш не сум заминал…“ Секако, ова не е упатство за време на корона, иако може да (се) послужи во секое време.

Идеите за кои гинеле милиони, а доделени од раѓање, па оттука прифатени како еднаш и засекогаш дадени, лесно може да се вратат на крстот за распнување (големите кризи и пресврти на тоа потсетуваат), а само една идеја воскреснала оттаму и уште некако преживува меѓу луѓето: онаа за безусловна љубов.
Продолжените вонредни ограничувања на личните слободи и дискриминација по возраст за излез на „копно“, а засилени со меѓусебната стигматизација поради добро „наѓубрениот“ страв од умирачка, направија животот да „звучи“ како вегетација среде општата лицитација на смртта.

Не е само сеќавањето „смешна“ лупа што ситните нешта ги преувеличува (како што пееше Балашевиќ), туку и онаа „страшна“ лупа што небаре секоја смрт ѝ ја припишува на короната, а притоа е заборавна и слепа за сите оние „смрти“ надвор од неа и пред неа, а кои се во добар дел (еколошка и економска) последица на вградените структурни противречности и системски дефекти и како такви (нетангирани) ќе останат и по неа, ако не и побројни.
Забраната за движење во природа, толку посакувана (и би рекол нужна) во оваа жива заѕиданост, е последната станица на отуѓувањето. Како сега да се примени советот на Борхес: „Кога би можел повторно да живеам, уште од пролет би почнал да одам бос и така би одел до крајот на есента…“ Нејсе.
Наспроти „лицитацијата“ на смртта, природата (или Бог), или ако милувате – и Бог и Природата „наддаваат“ предност на животот: за едни преку чинот на Христовото воскресение во (вечен) живот, за други (или за дел од нив) – преку пролетната (вечна) обнова.

Оваа пролет, обоена во бојата на Велигден, бојата на родните пупки и онаа на забраните би ја нарекол „Три бои црвено“ – алузија на еден од насловите на филмската трилогија „Три бои: сино, бело и црвено“, на полскиот режисер Кшиштоф Кишловски.
Трилогијата почнува со снимање една година по договорот од Мастрихт на Европската Унија, а боите во насловот се алузија на трите пароли на француската револуција: слобода (сина), еднаквост (бела) и братство (црвена), според нивното широко прифатено популарно значење. Едно друго популарно објаснување ги врзува боите за старите сталежи во Франција – благородништво, свештенство и буржоазија. Официјалното значење на француското знаме е во потеклото на боите на знамето, но, сепак, насловите остануваат непроменети – идеалите на француската револуција во секој филм одделно се преиспитуваат на човечко/лично ниво, а секој од нив е можност за (лична) преобразба.

Во „Три бои сино“ се провлекува грандиозна музичка симфонија насловена „Песна за обединување на Европа“ во стилот на Бетовеновата деветта. Може да се слушнат и стихови од Беседата/химната на љубовта од апостол Павле до Коринтјаните. Впрочем, лично, целата трилогија ја доживувам како патешествие на една идеја (за љубовта), што ја изодува без оддишка голготата низ понорите на животот и противречностите на човечката природа.
Хорот на очекуваното европско обединување (небаре пророчки во денешен контекст) е во контраст со личната драма на отуѓеност. Ако на ова се додаде и завршната сцена од последниот филм – „Три бои црвено“, каде што хероите од цела трилогија се меѓу спасените од бродолом, пораката се чини симболична за спасот на европските народи.
За жал, оваа благородна алузија на Кишловски, тогаш со голема вера во надежите за сеевропско обединување, денес е на работ на брегот, како никогаш претходно.
Па, сепак, она што го вели самиот Кишловски за „Три бои сино“, може да послужи и во оваа „Три бои црвено“, како надеж за духовната криза низ која минуваме секој поединечно, заедно како народ, но и заедно со (или покрај) другите народи:

„Различни луѓе на различни места, но во исто време размислуваат за исти нешта… сите оние ноти на симфонијата што обединува постојат некаде расфрлани, чекајќи некој да ги склопи во некаков ред… фактот што различни луѓе, во различни моменти, на различни места, со различен социјален статус, може да ги склопат на ист начин, за мене е знак за она што ги обединува луѓето“, заклучува Кишловски и со тоа, како да се надоврзува на максимата на Гоце Делчев во замислата на светот.
Слобода, еднаквост, братство – идеите што одамна прераснале во бои, боите во знамиња, а овие во развеана стварност, една по една, се враќаат на мерникот на актуелното преживување за нивно повторно одмерување.

Ќе си спомнеме колку лесно боите се фрлаат, потешко се бришат, а најтешко се оправдуваат од оваа страна на животот. Кога нема добра „У-врска“ (како и во секоја репарација на релација старо-ново), се лупат како лушпи од велигденски јајца, а со нив паѓаат и фасадите. По нив, останува само вкусот на фарба во устата, од испуканите ѕидови на довербата и преродбата.
Но лицитацијата на животот сепак ја навасува онаа на смртта.
„Така е секогаш. Тамам си помислил дека смртта те опколува отсекаде, гледаш како се отвора напролет ситното цвеќе во ридовите и како Бог го шири кругот во секоја чашка што цвета, велејќи ѝ не на смртта што вели да.“ (Од поемата „Маж и жена со лице спроти ѕвездите“ на Ефтим Клетников)