Требаше да се сообразиме пред да се вообразиме

Тешко време за фактите… Пред нив не само што одамна не се молчи (а најмалку од новите „богови“), туку сѐ погласна е вревата што се крева против нивната неприкосновеност. Таа (неприкосновеноста) од „диферентиа специфика“ на фактите, сѐ повеќе е одлика на толкувачите на факти. Да се биде неприкосновен толкувач на фактите значи да се присвои „правото“ на сообразување на фактите со една помодерна и моќна вистина прокламирана од пирамидата на новите „богови на војната“. Оттука и „правото“ на светост и „правото“ на вето, „право“ на замолчување на оние што се сомневаат во неприкосновеноста на вревата и одбиваат да се сообразат со „новата вистина“ поставена над фактите. Фактите на минатото и фактите на сегашноста. Фактите на историскиот континуитет и фактите на сегашниот дисконтинуитет. Самиот феномен на таквата сообразба, пак, воопшто не е модерен, туку стар колку што е стар погледот на човекот вперен горе (не нужно кон небото). Колку е посилна вревата и колку помалку се молчи пред фактите, толку „потивки“ и поопасни се усилбите да се замолчат сомнежите во вревата што тежнее кон неприкосновеност. И светост. А вревата штотуку започнува.

Само по себе, вревата е нешто напорно за слушање. Човек, сосема природно и спонтано, ги затвора ушите да се заштити од агресијата врз слухот. Врз умот и душата. Да се спречи ваквата природна, но бездруго несакана реакција, а со цел да се сообрази слушателот со својата слушателска „суштина“, пожелно е вревата да биде допадлива и привлечна, особено кога не е тоа. Да личи на прослава. Вообичаено сме мошне толерантни на вревата од прославите за време на свадби и годишнини. Не само што сме толерантни туку сме и активни слушатели. Отворени ни се и ушите и душите. Прозрачни сме, како Скопје на Кензо Танге. Не само што убаво слушаме туку сакаме и сестрано да учествуваме. Срце ни тупка и нозе не нѐ држат, душа ќе излезе да се фати на орото, до невестата…
Ама „невестата“ ја нема на оваа прослава. Можеби ќе дојде в година, ако се „дотераме“ по нејзина мера и мерак. Сеедно, тука се музичарите и свадбата може да почне.
Ако една од целите на авангардата е да шокира, тогаш она што е шокантно на прославата по повод поканата за членство во НАТО не е толку „свадбата без невеста“ колку присуството на она што се препознава (и било препознавано) како културна авангарда. Она што е вообичаено идејна извидница на едно општество и деконструктор на доминантните (политички) наративи, самоназначена како отпорник против секој вид сообразба и културен фалсификат. Истерувач на илузии и слични духови. Авангардата како „културен шокатор“.

Не знам од каква природа се мотивите на уметниците за присуство на настанот, ниту дали се чувствуваат измамено или заслужно со своето учество или едноставно поради предозирана политичка коректност. Сепак очекував (се надевав) на сцената за „една минута молчење“. Тоа ќе беше доволно авангардно, да им се оддаде почит на фактите на жртвената пирамида, како онаа на Маите во чест на богот Чак. А фактите се многу, почнувајќи од согласноста за промена на Уставот и асиметричност на договорот за името, трајно губење на она што е веќе „изборено“ во меѓународното признавање и поништување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата за непречен прием на Македонија во меѓународни организации под привремената референца, откажување од македонското малцинство и македонските топоними во Грција, промени на историскиот наратив и континуитетот на македонската историја во духот на договорот, закана од исчезнување на македонскиот национален идентитет… И низа придружни, помали или поголеми отстапки со финансиски и административни импликации. Сѐ заради „билет“ за два воза на кои можеби не ќе стигнеме да се качиме, а од кои едниот сигурно води на „жртвената пирамида“ на новите „богови на војната“. Со поголем издаток од бруто-општествениот производ и повеќе „топовско месо“ за новите војни, од онаа страна на праведното и нужното.

Кај Маите, Чак е бог на дождот и молњата и, соодветно, на плодноста и сушата, во чие име и за чија наклонетост и милост се жртвувани запленетите со вадење на срцето, дури тоа уште чука. Ритуалот во тоа име бил изведуван на врвот на пирамида поставена како компас спрема страните на светот, со четири помошници обоени во сино, кои ја држат жртвата врз камен дури им го вадат срцето со нож од кремен. Кожата на жртвата потоа служела како наметка за изведување танц како симболика за повторно раѓање, а телото на жртвата се делело за гозба и сувенири. Накратко, таква е другата страна на цивилизациската приказна за Маите. И не само нивна туку и на секоја „цивилизација“. Разликите се во ритуалите и деталите. Во орудијата и распнувањата. Во именувањата и „колатералите“. Едно е сепак непроменето. Патот на жртвата до жртвеникот. На дофат на ѕвездите, а далеку. Но за тоа, жртвуваниот (како и пожртвуваниот) не треба да се грижи. Негово е да го изоди трнливиот пат и да си легне на камен-постела, а срцето (буквално) да му го даде на друг. Новите методи на вадење срце (и душа) се безболни. Без ножеви од кремен, а со фини мастилни пенкала. Дар од кумот, богот на Земјата!

Секоја сличност на компасот и пирамидата, на помошниците и сината боја е навистина случајна, иако симболично „вреват“. Каков што е сличен по звучност и насловот на колумната со оној на романот на Блаже Миневски „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“. И таму, уште на самиот почеток застрашувачка е вревата – „Веќе ти нема спас! Одовде до јужниот ветар со мирис на печени пиперки заедно ќе патиме низ ова писмо. Ти затоа што мора да го читаш без прескокнување; јас – затоа што мора да го пишувам без премолчување. Сега, значи штом го отвори, мора да го прочиташ докрај… ако се прекине кругот на надежта, веднаш почнува кругот на несреќите. А тешко на оној што еднаш ќе влезе во тој круг!“

Од кругот на јаловата надеж брзо се испаѓа, но од кругот на несреќите (малку) потешко. Не затоа што не сме сообразени со стандардите на кои инсистираат закитените со ѕвезди и компаси, туку бидејќи се вообразивме, а уште несообразени најпрво со „вревата“ на фактите во сопствениот дом, а потоа и со исправка на фактите по мера на она што е нужно и умно. Постои една подзаборавена анегдота за Хегел според која неговите ученици му префрлаат за несообразност на неговото учење со фактите, односно со постојното, на што Хегел им одговара „дотолку полошо по фактите“. Меѓутоа, остроумниот одговор сугерира многу повеќе од арогантност на еден интелект, навестувајќи ја нужноста од преиспитување на фактите што станале само сведоштво на еден безумен и отуѓен свет (професорот Цуцуловски ова убаво го опишува во една своја колумна од пред дваесетина години).
Во светот на стоките, пак, авангардата сѐ повеќе ја избира тезгата за свој подиум, барајќи ја својата вредност во цената, меѓу другите производи и услуги. На пазарот за сѐ и сешто. На тој „болвин“ пазар. Таму не им е место на името и честа. Попусто сета врева. Фактите се погласни.
Пред да се вообразиме како големи трговци на она што не сме го спечалиле, да се сообразиме најпрво со фактите. Со образ, а како поинаку? Без образ, човек е авангарда само на своето исчезнување. Има време за сликање.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)