Топлата вода на образованието

Просто е неверојатно, барем за мене, како може и по поминати 50 години да биде проблем топлата вода во домот што се наоѓа во самиот центар на Скопје. Со што се занимавале управниците менувани и именувани по партиски клуч? Со што се занимавало Министерството за образование, во кое главно необразовани министри се менуваат како што се менува автобус во линија на ЈСП. Ако домот е државен, тогаш и топлата вода е државна, па каде е тогаш државата да се вмеша за да си ја обезбеди

Низ порталите и во весниците неодамна беа објавени во низа едни итни, чудесни вести, мислиш европско знаменце има на нив, а стари од пред половина век. Првата беше со тажен призвук и соопштуваше дека во државниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ немало топла вода за студените што живеат во него. Втората беше радосна, соопштена како голем, безмалку историски успех, подвиг од грамадно значење, едно големо достигнување во водењето на државата. Таа вест носеше наслов „Студентите од Кузман добија вода“. Алал вера, ќе може да се искапат штом веќе не можат да се фрлаат по светиот крст во Вардар.
Со молба да не ми стават замерка читателите ќе се послужам со неколку лични податоци зошто сум ги одбрал тие вести како тема за следниов текст. (Некој што конкурира за некаква општествена или политичка позиција таквите податоци би ги навел како биографски, бидејќи, како што долго време се вработуваат партиски кадри, доволно би било да напише во кратката биографија дека успеал да седи еден час на клупа во училиште и тоа да му се третира како завршен факултет). Значи вака: јас Панде Колемишевски пред точно 50 години, точно и рамно, живеев во студентскиот центар „Кузман Јосифовски-Питу“, машко крило, соба број 533 или 335, не сум сигурен кој број беше, но еден од двата сигурно. Цимер ми беше Јанко, мојот брат близнак. Бев студент при крај на трета година на Филолошкиот факултет, брат ми на агрономија. Оттаму одев во маркетингот на Радио Скопје како хонорарен соработник, не ме примија зашто не сум бил доволно талентиран. Подоцна, на конкурс, бев примен како новинар приправник во весникот „Нова Македонија“, оној основан со акт на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), а овој сегашниот ја презеде и успешно ја продолжи традицијата на претходниот. Од „Кузман Јосифовски-Питу“ до старата зграда на „Нова Македонија“, која сега е приватна сопственост на Европскиот универзитет, нема ни стотина чекори, што се вели. Исто беше растојанието при движење обратно, под услов да не се залуташе на другата страна на улицата каде што беше бифето на МНТ, викано „Прљаво казалиште“, место во кое задушувачкиот чад од цигари беше главната карактеристика, а и името му беше одраз на санитарните критериуми.

Зошто вестите што ги спомнувам на почетокот ги подведувам под придавката „чудесни“? Го добиваат тој заслужен епитет зашто се исти како пред педесет години. Исто напишани безмалку од збор до збор, да не речам препишани од пожолтените архивски страници на „Нова Македонија“ или на „Вечер“, тогаш единствените дневни весници на македонски јазик. И во тоа време еден од главните проблеми на домот беше топлата вода, таквите информации се повторуваа секоја зима, често и во лето. Во науката не е познато кој ја измислил или открил топлата вода како голем технолошки изум што ја унапреди чистотата на човештвото, иако дел од политичарите од секоја генерација упорно работат копајќи ја таа дупка.
Топлата вода во студените тоалети час ја имаше, со денови ја немаше. Како станари се буневме, протестиравме, иако не бевме којзнае колку загрижени зашто и женските и машките, дојдени од цела Македонија, од градови и села, ги немавме достигнато сегашните сфаќања за културата на чистото тело. Особено што тогаш студентските љубовни врски не зависеа многу од мирисот на телото, од видот на парфемот, од брендот на облеката или од скапото шалче на љубената. Сите бевме еднакви, живеевме во „општежитие“ во тогашното едно општество – една партија. Не ни беа познати студентските пленуми иако меѓу нас имаше и такви што благо, колку што можеа, ги поддржаа масовните студентски демонстрации во Белград 1968 г., се обидуваа нешто да сменат и во Скопје, но државните органи дејствуваа превентивно наместо репресивно и вода мораше да има.

Просто е неверојатно, барем за мене, како може и по поминати 50 години да биде проблем топлата вода во домот што се наоѓа во самиот центар на Скопје. Со што се занимавале управниците менувани и именувани по партиски клуч? Со што се занимавало Министерството за образование, во кое главно необразовани министри се менуваат како што се менува автобус во линија на ЈСП. Ако домот е државен, тогаш и топлата вода е државна, па каде е тогаш државата да се вмеша за да си ја обезбеди. Да не се брука за една или преку една топла вода, да не се посрамотува пред Европа и европските амбасадори. Каде отидоа парите од толку тендери за активности со кои требало да се подобри студентскиот стандард? Зошто ниту една од двете големи македонски партии не презеде нешто на тој план, иако во нивните изборни програми ќе прочитате за многу гулаби на гранка: ќе има поголеми стипендии, ќе се реновираат домовите, ќе се изградат нови студентски домови. По сѐ изгледа дека тоа ќе се направи тогаш кога ќе нема доволен број студенти, како што полека снемува зашто во половина градови во државата не се раѓаат толку деца што би биле идни студенти. Студентскиот живот сѐ уште го има епитетот на „крпен живот“, сегашните студенти, исто како и оние од мојата генерација, како главни проблеми ги посочуваат лошите услови во домовите, супстандарниот стандард, лошата храна, слабата хигиена. Една сериозна анкета спроведена не толку одамна на површина го изнесе доминантното мислење дека студентите се чувствуваат прегазени и фрлени на страна во нашето општество.
Ако се има предвид дека во најново време не е во мода високото образование, во мода е ниското, основното, нештата ќе станат појасни и почисти. Како измиени со топла вода. Треба да се има разбирање дека проблемот со топлата вода за студентите не спаѓа во сферата на високата политика, не носи којзнае каква бројка гласови на избори и затоа не е некое жешко прашање за да се решава акутно. Немањето топла вода во студентските домови е хронично, тоа го знам од петте години поминати низ нив. А водата во симболиката покрива три доминантни теми. Таа е извор на животот, средство за прочистување, средиште на обновувањето.

Овие три теми се среќаваат во најдревните преданија, во приказни и народни песни. Водите се места на радост и чуда, не случајно селските извори или чешми биле места кај што луѓето во старо време се среќавале, кај што се раѓала љубовта, кај што преку стомните и бардаците се разменувале добрите и лошите вести, кај што почнувале трачевите. Сигурно и тие што го пишувале Новиот завет од Библијата не случајно избрале свети Јован да го крсти Исуса Христа во вода, зашто и Господ во првите денови кога го создавал светот најпрво се зафатил со водите, а потоа го создал копното за да може на него да живеат оние што ги создаде според сопствениот образ, а тие, низ ликовите на Адам и Ева, први ја изневерија неговата доверба.
Студентскиот живот е убав поради младоста. Студирањето колку и да било мачно и сиромашно останува во најубавите спомени. Меѓу нив се и грдите за топлата вода во домовите. Но и без неа, во тие храмови на младоста се живее со надеж за иднината, иако разочарувањата се намножуваат. Кога некој би направил статистика колку бракови во Македонија иницијално потекнуваат од средби во студентските домови, би се зачудиле од нивната бројност. И колку деца се направени иако немало топла вода во секое време. Тоа не било главен услов да се сака и да се љуби.

[email protected]