Тогаш ме болеше Македонија, сега баш ме заболе за Нордистан

Се крена врева околу тајни хонорарци што терале владина пропаганда.
Многумина се возбудија бидејќи биле плаќани од буџетот да манипулираат со јавноста. Јас не се возбудив. Мене не ме интересираат нивните имиња. Ниту пак сумите што ги земале. Јас знам кои се

Чудни нешта се случуваат во мојата населба. Некои соседи почнаа да се однесуваат необично. Полицаецот Иљо го симна НАТО-знамето што му висеше на тераса. Почна да зборува наоколу дека сите ние сме мртви души. Чудно почна да се однесува и Мирко, капетан во Армијата на Нордистан. Инсистира да му се обраќаме со Евгениј, тврди дека животот е бесмислен, ако му се спротивставиш, те предизвикува на двобој. И Ана се промени. До вчера беше глумица што со никого не разговара и сите нè гледа од високо. Сега е нежна и романтична. Како галеб од вишновата градина. Пензионерите веќе не се расправаат за политика. Вчера ги фатив среде жестока караница кој поет е подобар, Есенин или Мајаковски. Дури и подвоената личност на маалскиот психијатар, кого го нарекувавме доктор Џекил и мистер Хајд, сега се спои во еден романтичен доктор Живаго.
Што се случува, бре, луѓе? Што им е на соседите?
Пст, не викај, зарем ти не знаеш? Примија руска вакцина. Полицајци, војска, уметници, доктори.
Па, дали сме ние нормални? Војска и полиција? И кој сега ќе гине за НАТО на руските фронтови? Како полицијата ќе се справи со подметнувањето руско влијание во реалноста? Страшната и моќна НАТО-армија на Нордистан, прва во светот по нови чизми и баретки, ама без име на државата, подготвена да ја покори Русија, сега се пелцува со руска вакцина. И како сега да знаеме дека на денот кога Столтенберг ќе ги прати нашиве војници да ја освојат Москва, овие нема да заиграат казачок?
Оти тоа Русите знаат да бидат многу незгодни. Ако можат да ти ја подметнат Грета Тунберг во блескавата нова нормалност на владата, којзнае каков чип ќе ти сместат во вакцината. Се разбира, само идиот може да мисли дека Бил Гејтс подметнува чипови во вакцини, ама секој прогресивен припадник на граѓанството луѓенца знае како Русите преку хибридни напади може да те чипираат и без чип.

А само што не пукнало, оти, еве, Бајден нешто прогласува вонредна состојба спрема Русија, па пушта воени бродови низ Црно Море да провоцираат руска трпеливост. Добро сега, бродовите храбро се вратија, откако беа предупредени да не биде по играчка, плачка, ама па и не е на арно работава. Сеедно што многумина велат, ова е старата добра тактика на демократите, кога се на власт да креваат тензија со Русија или да замаваат по некоја муслиманска земја што случајно има нафта, зашто не знаат како поинаку да ги дефокусираат своите граѓани од фактот колку се неспособни за решавање реални проблеми во кои Империјата сериозно тоне, ама здодевни се веќе со тие „вег д дог“ финти, кои палат само кај нивното прогресивно граѓанство, оти толку им сече, но ова со вонредниве состојби сериозно загрижува. Мислам дека никој од нас на планетава не е расположен да му се сруши нов глобален колеж врз глава, иако секој ден сѐ повеќе изгледа дека натаму сме тргнале.
А кога веќе го споменав нивното урбано граѓанство луѓенца, да скокнеме малку и до Нордистан, кај нашава интелектуална бижутерија. Се крена врева околу тајни хонорарци што терале владина пропаганда. Многумина се возбудија бидејќи биле плаќани од буџетот да манипулираат со јавноста. Јас не се возбудив. Мене не ме интересираат нивните имиња. Ниту пак сумите што ги земале.

Јас знам кои се. Тоа се оние што мене ме напаѓаа дека сум платеник на режимот. Вмровски полтрон. Мегафон на власта. Ми се закануваа со прогон и затвор. Секојдневно ја имав врз себе нивната хистерија. Се обидував да им објаснам дека не ја поддржувам партијата на власт, туку сум во војна со нивната марионетска улога во претставата на изопачената моќ, која сака да спроведе идентитетски холокауст врз Македонија. Оти мене толку политика и не ме интересираше, колку што чувствував должност како човечко битие да кренам глас против геноцид во најава, макар тоа било во почеток само административно бришење на сè што е македонско. Но за нив бев платеник, гомнар, фашист, поддржувач на режим, кој треба да скапе во затвор.
Затоа што бев дел од „Еднооки“, политичка сатира што ги исмејуваше сите, приватна продукција што создаде популарен бренд, кој секогаш имаше проблем да си го наплати трудот од телевизиите. Бев платеник зашто снимав документарци за македонската историја што одеа на МРТ. И сега, неупатен човек ќе рече, е па така ти наплаќале за ставовите. Проблем за оние што ме обвинуваат е фактот дека речиси немаше продукција и режисер што не работеле такви документарци. Меѓу нив имаше леви, десни, неопределени, шарени, еднобојни, безбојни, аполитични, па излегува дека и оние што врескаа против Груевски, а правеа филмови, биле платеници.
Грев беа и овие колумни во „Нова Македонија“. Мојата војна со изопачената моќ и нивните тукашни политички, медиумски и невладини сателити што го одработија и испорачаа укинувањето на македонскиот идентитет, исто така ме направи платеник на режимот.

Сеедно што излезе точно сè што напишав тука. Ме обвинуваа за добивање книжевни и филмски проекти како поддржувач не режимот. Тој пак, „режимот“, две години по ред ме одбиваше за книга и шест години за филм. Беа презафатени со финансирање проекти на борците против режимот. Претпоставував дека е така поради мојата војна со политиките на САД, ЕУ и НАТО спрема Македонија, а се знае дека вмровците, и тогаш и сега, толку се евроатлантски настроени што на човек веднаш му доаѓа да ги вакцинира со руска вакцина.
Но тогаш ме болеше Македонија, сега баш ме заболе за Нордистан.
Единствено се молам на бога да донесе правда за уставобранителите врз кои моќта се изживува, оти само тие се жртви за татковината која веќе не постои. Па, така, гајле ми е дека јас и денес сум платеник на режимот што веќе го нема, а интелектуалната бижутерија тајни хонорарци за воспевање на новата нормалност и понатаму се слободоумни и независни. А за да ви стане јасно како функционира нивната прогресивна хистерија, завршувам со еден краток дијалог.
Кај си сега Русјаков да врескаш за Јанша, кој заговара нови граници на Балканот, како што врескаше за тиранската платформа?
А каде беше ти што денес врескаш за нонпејперот на Јанша, кога британскиот дипломат Тимоти Лес, далеку пред Јанша, тврдеше дека Македонија, Косово и Босна се нефункционални држави, па бараше нивна поделба и припојување со Албанија, Србија и Хрватска?
Значи, Русјаков, беше и си остана режимски платеник на руска цицка.