Разговор број 1
Вакцинирај се!
Не се вакцинирам!

Вам невакцинираните стварно треба да ве изолираат што подалеку од нас здравите. Ма, нарекувај го ти тоа нацизам, концлогор, како сакаш, за здравје се работи. Денеска ќе ме разболиш мене, утре моите деца. Јас лично ќе ти пресудам ако ми чепнеш дете. И не слушате наука бе, не им верувате на доктори.

Чекај, друже, смири се. Па, јас токму тоа го правам. Верувам во наука, слушам доктори. Врвни светски признаени научници, пред сè доктори, го тврдат токму тоа. Дека луѓето не смее присилно да се тераат на вакцинација. Дека вакцината не те штити баш како што кажуваат. Еве ти го Израел. Осумдесет проценти вакцинирани, а новата мутација `ршум прави. И умираат, ако вакцинирани. Патем, до пред некој ден, тврдеа дека тоа фајзерот штити деведесет проценти, а сега велат, шеесет. Од друга страна, ја имаш Шведска, која….

Доста со таа Шведска! Умираат по улици како кучиња, читаш ли ти вистински медиуми и фактчекери или само фејкњуз следиш? А Евреинот не е глуп, тој знае дека вакцинираните се заразуваат со нови мутации баш поради невакцинираните и први ќе ги стрпаат по логори таквите. А тие твои доктори и научници, е нив одма треба пред стрелачки вод, без размислување.

Намали хистерија. Ај јас, невакциниран, ама зошто ја терате жена ми да се вакцинира кога таа прележа и организмот сега ѝ врие антитела.
Па, што ако има антитела кога пак може да ме зарази?
Па, нели си вакциниран?
Баш затоа. Тие антитела само неа ја штитат. А за јас да бидам заштитен, мора и таа да се вакцинира.

Нема логика. Но има луѓе што се природно имуни, не заболуваат, зошто тие да примаат вакцина и да си го слабеат имунитетот? Еве, пред некој ден читав дека новите мутации на вирусот се појавуваат токму кај вакцинирани. Од друга страна, не сум сигурен во вакцината, искрено страв ми е. За вакцина да биде вистински тестирана, потребни се најмалку пет години. А со оваа не помина ни една година, патем сенешто контрадикторни изјави слушам. Тука се и нуспојавите. Да, многумина што ја примиле, велат, океј се, ама од кај да знаеме што ќе им се случува за година, две…
Теории на заговор, а? Вакцините биле подлога за мутации, па не биле сигурни, па не знам какви нуспојави. Кажи си, ставаат чип и преку 5Г те контролираат. Море јас да сум, леб не ви давам да купувате.

Не споменав чип и 5Г, 21 век е. Не ти треба чип за да влијаеш врз луѓе, може преку микробранови зрачења да дејствуваш.
Каков кретен, каков имбецил. И како ти влијаат, а? Бил Гејтс вклучува микробранова печка и, вуууу, право тебе по вакцина. Па ХААРП, па кемтреилс. А бе, сите вие сте за во специјални институции.

Разговор број 2
Неколку дена подоцна.

Кај си бе невакциниран? Си дремеш на клупа, а?
Си дремам. Пет пари не давам што не смеам по кафеани и театри. Се живее и без тоа. Всушност, подобро да живеам изолиран, макар и умрел од глад, ама да останам човек, отколку да ме чипираат со политичко-медиумска пропаганда преку контролирана паника за да ме направат апарат што извршува, а не мисли.

Русите ли те учат така?
Зошто сега Русите?
Па, тие се по контрола на умот и напади на свеста. Ене, ја нападнаа Камала Харис на пат за Виетнам. Па, мораа да го одложат летот поради аномален здравствен инцидент.
Нешто не те разбирам.

Нормално не ме разбираш кога читаш имбецилни теории на заговор наместо да следиш Си-ен-ен, Би-би-си, „Њујоркер“, „Слободна Европа“ или да читаш извештаи на Стејт департмент. Летот на Камала за Виетнам е откажан поради аномален здравствен инцидент идентичен на Хавана-синдром.

Стоп! Застани! Што ти е тоа Хавана-синдром?
Е, глуп и необразован теоретичар на заговори. Хавана, 2016 година. Над 20 американски и канадски дипломати, плус едночудо агенти на терен пријавуваат идентични симптоми. Вртоглавица, губење рамнотежа, паметење и слух, анксиозност и таканаречена когнитивна магла. Пред да започнат симптомите, сите слушале гласна врева во ушите. САД тогаш ја обвинуваа Куба за „сонични напади“. Но не запира тука. Аномалните здравствени инциденти кај американски дипломати продолжуваат низ сиот свет. Во 2020 година се пријавени многу случаи во Виена. Во мај 2021 година, тоа им се случува на 130 члена на американската влада. За тоа зборуваат врвни медиуми.
На 16 јули пишува „Њујоркер“, а Стејт департментот ја потврдува информацијата. И пред тоа, во 2019-та, Би-би-си објавува американска научна студија што зборува за абнормалности на мозокот. Сега за сега, не е сосема точно утврдена причината, ама американските научници се убедени дека е поради насочени микробранови и радиобранови зрачења и јас ќе ти кажам, кога врвни американски научници се сомневаат во нешто, сигурно е вистина. Патем, според извештајот на Националната академија за наука на САД, нарачан од Стејт департментот, се открива дека токму насоченото микробраново зрачење најверојатно е причина за појава на Хавана-синдромот, и тоа, цитирам, „насочена, пулсирачка, радиофреквентна енергија“. И на крајот, високи преставници на администрациите на Трамп и Бајден се сомневаат дека, пак цитирам, „зад ова стојат Русите, односно оперативците на руското ГРУ, воено-разузнавачка служба, преку уреди за микробраново зрачење, со цел крадење податоци од компјутерите и телефоните на американските дипломати и агенти“. А кога високи американски преставници се сомневаат, а Националната академија за науки на САД нешто тврди, тогаш тоа е апсолутна вистина. Така што, драг мој русофилу, твојот Путин сака на сите да ни го спржи мозокот, и тоа на копче, од Кремљ.

Крај на разговорите.

Нема да коментирам. Сами извлечете заклучоци. Само ќе напоменам, интелектуалната бижутерија хистерични мејнстрим сезнајковци и нивните медиуми, кога сакаат ве прават малоумни теоретичари на заговори, а кога им одговара ве прават неинформирани идиоти. Јас само гледам како визиите на Орвел, Хаксли, Бредбери и Гибсон стануваат документарен филм што го живееме, ама вообичаено, од дрвото, не ја гледаме шумата.