Телеграма до храбрите жени на мојот народ

Некои од нив ќе ги наречат железни дами. Но тој епитет е премногу студен и несоодветен. Железото е ’рѓа во предумисла, а на нивното величие не му е нужна заштита од корозија, тие самите се отпор против корозијата на правото и вистината. Можеби посоодветно би им прилегал епитетот на жадот, како симбол за праведност и храброст…

Можеби никогаш нема да дознаеме уште колку (ни) требаше да ја домакедончиме Македонија, онака како што пишуваше и прашуваше Гане Тодоровски во песната „Фуснота без повод“, но можеби ќе дознаеме уште колку ќе (ни) треба да ја размакедончиме. Така ни било „пишано“ – гробот да ѝ го ископаме, а крштевка да ѝ славиме. Сами си пишавме. Препишавме од напишаното и се запишавме во отпишаните. Такви ќе нè помни историјата на неславните, оние што сами се распродале.
Оваа колумна е „телеграма“ по повод ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, која се дочека како раѓање, а ја погреба државата каква што ја знаеме.

Адресирана е до храбрите и умни жени на мојот народ. Оние што не молчеа и не молчат пред националниот срам и горливите прашања, кои ја засегаа(т) државата и нејзината иднина. Оние што отворено посегнаа по одговори, со јасна мисла и жизнен збор, а не оддалеку со маша. Оние што на себе ја понесоа историската одговорност за немолчење и ѝ се спротивставија на сервилноста на политичките елити, ставајќи ги националните интереси пред сопствените. Оние што (о)станаа стамени кога затресе од темели, во одбрана на унитарноста и уставноста. Оние малкуте што истапија чекор напред кон вистината и правото, кога многумина (повеќето мажи) отстапија два чекори назад во конспиративна тишина. Оние што им рекоа „НЕ“ на чинот на самоукинувањето и на ревизијата на историјата. Оние што не се криеја зад народот, туку застанаа пред него, дури и кога него го немаше на „барикадите“, очи в очи со разјарениот левијатан на власта, зашто знаат „на кое животно очите на меч му личат/на ранетото/но само личат/рече лавот што умираше“ (од песната „Одговор“ на Љубинка Донева). Оние… наша последна крепост.

Гласно го констатираа она што се гледаше и од најзафрлените места на државата – дека „царот“ е гол, а државата е фрлена под нозе. Оние што ѝ фрлија ракавица на дрскоста в лице! Сеедно што с(м)е поразени. „Та, што е поразот? Миг само! А идеалот – вечност… Вистината се провира низ противречности за да се облагороди низ ризик!“ (од „Крсте Мисирков по 1903 година“ на Гане Тодоровски).
Покажаа дека во вечната борба против далеку помоќниот Голијат, Давид би можел да биде и жена. Го потврдија и поетското откровение во еден прозаичен свет – дека жената не му е „ребро“ на посилниот пол, туку „божја еманација“ што му е многу повеќе од рамна! (алузија на еден стих од „Лилит“ на Виолета Танчева-Златева)
Ова е телеграма до нив.

Како израз на сочувство и восхит, наместо ордени. Лажните ордени и нобеловите награди за лажен мир (ќе) ги делат победниците во „војните“, но оние на храбрите жени на мојот народ ќе бидат запишани во срцата и мислите на современиците, а можеби и во некои скриени читанки.
Некои од нив ќе ги наречат железни дами. Но тој епитет е премногу студен и несоодветен. Железото е ’рѓа во предумисла, а на нивното величие не му е нужна заштита од корозија, тие самите се отпор против корозијата на правото и вистината. Можеби посоодветно би им прилегал епитетот на жадот, како симбол за праведност и храброст (меѓу некои други ценетости), на кој му се препишуваат и лековити својства, или барем ублажувачки.
Кога минатото се брише, а „никако да ни ја простат сегашноста“, во нив, храбрите и умни жени на мојот народ, ја полагам надежта за иднината на оваа земја. Зарем имаме проблем со мажите? Не…

Оние што ја читале „Драга Вулф“ на поетесата Елена Пренџова ќе ги препознаат стиховите „…Зарем ние имаме проблем со мажите?! Ние имаме проблем со жените кои мислат дека имаме проблем со мажите…“, а, кои послужија како инспирација на следните редови.

Ние имаме проблем со оние што со предумисла ги погазија правата за кои се избориле нашите предци, а не нивните гласачи, кои му припаѓаат на секој поединец, во согласност со Повелбата и Универзалната декларација на човековите права на ОН! Оние што не го заштитија ни човечкото достоинство на македонскиот граѓанин (не според новата дефиниција), а од него (пре)платени. Оние што други замолчуваа, а самите молчеа кога требаше најмногу да се говори со љубов и посветеност за татковината и вистината. За волја на вистината (или за жал), повеќето се мажи.
Зарем ние имаме проблем со Грците? Ние имаме проблем со Македонците, кои мислат дека имаме проблем со Грците, како што Грците имаат проблем со Грците, кои мислат дека имаат проблем со Македонците.

Зарем бранителите на македонската култура имаат проблем со европската култура? Бранителите на македонската култура имаат проблем со политичката некултура на македонските политички елити.
Најпосле, зарем Македонците имаат проблем со северномакедонците? Проблем имаат Македонците што сметаат дека се поголеми Европејци ако се помалку Македонци…
Зарем е патриотизам да се откажеш од името на државата што те хранела безмалку три декади? Во наше време, Македонците сè уште се жртви и право на избор само „за по дома“.

Ех Македонијо, се превртуваш ли во гробот? Што ти тежи повеќе на надгробната плоча – трошките патриотизам или изобилното предавство? Незадоволената правда или задовол(е)ната неправда? Голата вистина или шарено облечената (само)измама?
Оваа колумна е малку пократка (можеби и предолга за ваква пригода), но телеграмите треба да се кратки, кога носат неубави и кога носат убави вести. Ова сепак не е ламент, ниту евангелие. Ова се само неколку почесни збора во ветерот, кои можеби ќе завршат во нечии едра. Толку.
Другото е тишина, како отпор или како тишина пред бура.

Авторот е магистер по мир и развој и поет