Т’га и пцости од југот

Ова требаше да биде првата колумна во 2019 година, но е првата во „Северџистан“. Тастатурата едвај ја гледам низ солзи, па затоа не очекувајте ништо повеќе од личен и емотивен израз на болка, тага и гнев. Ова е предупредување за оние што очекуваат некаква мотивирачка фразеологија, како и за оние што „јуначки“ дофрлаат „плачете како пи*ки“ (не знаејќи дека она што жена може да преживее, не може ни еден маж – а повеќетемина веќе се покажаа како ФБ-јунаци, мочковци и математичари). Чудно ли е ако црниот петок ме совладува и води кон (анти)катарза и антиклимакс? Оној другиот (разумниот?) дел од мене, кој цела година ми шепотеше дека е попусто, дека непрегорот и битката се за будали и за идеалисти, за диносауруси што одамна изумреле, сега ме гледа в лице и ми се смее цинично… Кога напишав дека сме „kaputt“, мнозина ми се налутија; сум ширела дефетизам. Таа колумна си ја напишав себеси – морав да се соочам со фактите, да повлечам црта, да го видам напишано она што длабоко во себе го знаев. Сепак, навидум смирена и гледајќи го амбисот (кој гледаше во мене), не очекував дека болката ќе биде и физичка. Сега буквално чувствувам наузеја, морам некако да се ослободам од сета насобрана жолч, која (повторно) ми го совладува разумот. А разумот бара да сум прибрана и студена како што му прилега на научник, на некој што успева да се издигне над личното за да ги види контекстот, околностите и вистинските актери на драмата.

Но, оди кажи му на срцево да престане да чука по ритамот на „Болен ми лежи, Миле Под Јорданов“ (оној кој за народ загина, за Македонија)… Не ме слуша! Жалам, ама ова е колумна натопена со жолч, солзи и непребол. Ете, не можам како една хероина да кажам „ќе плачам утре“, зашто сега е моментот на бдеење и редење, како што е редот. Ја гушкам мајка ми, барам топла утеха во некој што преживеал многу полошо од мене, да ми каже дека ќе биде подобро, дека нема да боли толку. Живеела во неколку држави и ќе дочека да ја испратам во некоја нова. (Севернава нема да трае долго, тоа им е јасно и на врапците, дури и на оние со (споени) жички и испиен ум, црпнати од нивите.) Но, не наоѓам утеха. Таа живеела во пет држави, а јас во три – која од која, пораспадната и погнила однатре… Се гушкаме свесни дека ова е, сепак, единствена ситуација, во која „нашите“ нѐ продадоа како Јуда за три гроша и бизнис со марихуана. Овде не можеш да ги обвинуваш ни странците, ни Грците, ни Бугарите, ни Албанците… Оваа наша југовина (како што татко ми ја нарекуваше Македонија во својата поезија) ќе нѐ прибере во своите прегратки, како последно уточиште, па нека ја викаат северна колку сакаат… Македонија (упс, смеам ли да го кажам овој збор?! Да не ја казнат редакцијата? Да не ме казни будната полициска држава?) стана земја за умирање. И на живите не им е многу гајле, а мртвите се навикнале да ги преоруваат нивните коски, да ги преименуваат и на оној свет.
Денот потоа, читам дека на некои од оние што сторија сѐ што се бараше од нив, криејќи се зад професионализам и политичка коректност, им било тешко. Замислете, ги болело срцето, ама ете сега се надевале дека ќе ни тргне на подобро… Јас на такви лажни крокодилски солзи не верувам, како што на оние продадени „народни претставници“ (ах, Нушиќ, Нушиќ што не си жив!) никогаш нема да им простам што ја погазија заклетвата дадена на Уставот! Одработивте, со чинење или нечинење, и токму таа надеж (во време кога надежта почина) ве издава: во овој миг на најголема национална траума покажувате дека сте продадени души.

Слепци (до Самоила до денес), кои мислат дека името било виновно за тоа што полуидиоти и бедници се на чело на државата! Не, вие сте криви, па утре кога ќе ви/ни назначат цензори, кога ќе ги свртат полицијата и инспекциите и кон вас (не само кон нас, небањатите), ќе плачете уште повеќе, бидејќи идентитетот го „шитнавте“ за едно големо НИШТО, за полициска држава и за полиња марихуана од кои ќе печали Семејството… Ни правда, ни мир, ни спокој – ни за живите, ни за мртвите! Никој од нас нема да ги има, ама вие ќе си ја носите и проклетијата што поддржавте квислиншта власт (со надеж)! Да ви се плукнам и во НАТО и во ЕУ, кои поздравуваат геноцид на еден немоќен народ, предаден од сопствените синови-мочковци, желни само за (уште повеќе) пари. Ќе ви фрлаат трошки, за да живуркате, за да ги фалите, за да ги интервјуирате (божем жестоко), или дури и да ги критикувате, онака европски (нежно).

Токму овие што сега глумат болка, а уште повеќе оние што се радуваат (ама не се осмелуваат да организираат огномет), ме ставија на „тапет“ кога минатата година опцув поради полициската бруталност. Сега ќе им порачам дека времето на „финоќа“ – заврши! Откако го сменија Уставот со поткуп на пратеници и со претворање на зградата на парламентот во полициска тврдина, нема причина нештата да не се наречат со вистинските зборови и одговорните да се испратат – каде што им е место! Отсега ќе пцујам секогаш кога ќе ми дојде нагон за повраќање, а тоа, претпоставувам, нема да биде ретко. Впрочем, тоа е и за мое и за нивно добро, бидејќи, како што вели Фројд, цивилизацијата ја измислил оној што наместо со камен удрил со збор, а неизразените емоции не умираат; само се затрупани и подоцна избиваат на површина на грд начин. Замислете која би била алтернативата ако не ги изразам емоциите и ако не (ги) пцујам? Пцостите се дел од речникот на секој народ и на секој поединец. Сетете се на Титовото „мајку вам божју“ или на „fuck the EU“ на Нуланд. Пуританската Америка е шокирана од пцоста на новоизбраната конгресменка Рашида Тлаиб. Според професорката Жуо Џинг-Шмит, пцуењето е универзална и трајна човечка активност, и како таква претставува прозорец во човековата етнологија, психологија и култура.

Таа е нераскинливо поврзана со табуата и со симбиотската другост – еуфемизмот. Во книгата „Зошто пцуеме: невропсихосоцијална теорија на говорот“, еден друг професор (Тимоти Џеј) вели дека пцостите се дел од емоционалниот говор, и како такви се сосема запоставени од психолозите и лингвистите, кои наместо тоа, продуцираат теории за јазикот што се пристојни, ама неточни. Пцостите се зборови за кои се смета дека не смеат да се изустат, особено ако сте на некаква општествена позиција или во јавната сфера. Она што поредокот го забранува е, фактички, алатка на моќ и на мобилизација (против него). Професорот на универзитетот „Колумбија“, Хамид Дабаши (кој за себе вели дека е мултилингвален пцујач) објаснува дека вџашеноста во врска со сочната порака до Трамп не потекнува од содржината на пцоста, туку од тоа кој/а ја кажал/а. Тој добро забележува дека изразувајќи од сѐ срце пцост, со вистински ритам и прецизност, таа скрши толку многу табуа што ја потресе целата бела маскулинистички етаблирана политичка култура. Пцостите се зборови-сунѓери, тие во себе го апсорбираат она што тешко може (или смее) да се изрази, тие го кажуваат некажаното, кое буржоаската култура го потиснува како непожелно. Тие зборови не се израз (само) на непристојност, туку и зборови на отпор и пркос. Во „Пофалбата на глупоста“ Еразмо се подбива со општествено-легитимираната глупост (на моќните) и на сопствен начин ја разобличува, но иако немаме Еразмо (а нашиот најголем филозоф стана народен пратеник и се предаде и себеси и сѐ што глаголеше) ова е вистински миг за пофалба на пцостите, кршење на табуата и на еуфемизмите наметнати по принципот на репресивна толеранција (да ги толерираме нивните злодела, кршење на елементарните принципи на пристојност, морал и демократско однесување). Велат, кај нас мажите пцуеле, а жените – колнеле.

Ама, и јас ќе го прекршам правилото: решив да пцујам секаде и секогаш кога ќе ми забрануваат и казнуваат за „македонштината“, која сега и правно преминува во сферата на буржоаската политичка коректност и етаблираните табуа, санкционирани со закон. Ќе ги пцујам за сите лаги, кршења на сѐ што претпоставува макар и зачеток на демократски поредок, ќе ги пцујам за убиството на Република Македонија. Веројатно, веќе сфативте што ми е на врв на јазикот во моментов. Овие друг јазик не разбираат. За да не ѝ создавам проблеми на редакцијата, ќе потсетам на великанот што го изгубивме неодамна: „Ѝ се прди на Европа за вас!… Не знаете да се чувате… живеете на вересија…. ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ (Димитрија, „Диво Месо“, Горан Стефановски).