ТВ-дуели – чешање јазици во виртуелно сретсело

„Зоран Заев да не бега и да прифати дебата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, за тоа што преговара со Бугарија, далеку од очите на јавноста…“
„Дуел секојпат е прифатлив, тоа може да значи информација повеќе за граѓаните, комплетно отворање на сите важни прашања и секако секојпат сум подготвен да разговараме за сѐ“, одговори премиерот Заев.
Дали политичките дебати и дуели во политиката и кампањите се неопходни и корисни за демократијата или е тоа измислица на телевизиите, далечно ехо на брановите на аналогната и анахрона стратегија на политичкото дејствување. Првиот претседателски ТВ-дуел Никсон – Кенеди е одржан на 26 септември во далечната 1960 година.
А кај нас, во предизборно одмерување на силите во годините од осамостојувањето дојде до само една ТВ-дебата – на националната телевизија, во првиот круг, во која учествуваа сите кандидати за претседател, каде што гледачите, потенцијални гласачи имале можност да видат телевизиска дебата меѓу главните протагонисти на политичкиот мегдан.
Дали непостоењето и прескокнување на овој жанр е политички прекршок или е тоа процена на тимовите што ги водат политичките кампањи. Од ваквата практика, со дуели во фокус имаат полза само двете големи партии и нивните кандидати, а „малите“ натпреварувачи во изборната трка практично се исклучени.

Што значи непостоењето дебата, ценет жанр на политичката естрада? По сѐ изгледа секој појас на малите екрани овозможуваат промоција и дебата што може да биде покорисна од другите форми на „одмерување на силите“ меѓу спротивставените актери на политичката сцена или таа дебата да биде дури и клучна, како што бил случајот по дебатата во 1960 година.
Така размислуваат, заклучуваат и се произнесуваат и дузина други медиумски експерти, портали, телевизии, дел од јавноста, кои според сопствено убедување и преставување, се условно независни.
Пред последните претседателски избори, македонската јавност се соочи со одбивање на кандидатот, тогаш претседател, да излезе на ТВ-дебата, кога беше канет.
„Не сум против ТВ-дуели, но дуелите кај нас повеќе се дуели на омаловажување на личностите отколку спротивставување на идеи и програми. Едноставно, тоа се дуели на суети и личности“, ќе изјави во едно пригода поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.
Медиумите како конверзија на сублимираниот потенцијал на стварноста, отсекогаш биле цел на политиката. Селективноста при одбирот на медиумите од политиката за претставување програмски цели, идеи, визии, програми е во прв ред високиот рејтинг, поточно големата гледаност на одредени програмски појаси. Треба да се има предвид аспектот на хетерогениот состав на гледалиштето – заедница на компетентни и искусни гледачи, кои во нашиот (македонски) случај покрај екраните поминуваат рекордни 5-6 часа дневно, што е уште една потврда во прилог на тезата за доминантниот медиумски карактер на стварноста.

Програмите што се во врвот на медиумски проверки на рејтингот на гледаноста се природно и интересни и за претставување на политичките претенденти. Во гледалиште, чија перцептивна рамка е структуирана и подигната врз балканско-медитеранскиот т.н. сеирџиски менталитет – една од клучните претпоставки за пропаст на цивилизациите во Медитеранот, при што традиционалното „фаќање сеир“ е алтернатива за естетска наслада и информациска љубопитност, продуцентите одговараат соодветно на ваквиот предизвик и ги оформуваат и модифицираат програмите до степен на медиумска ментална доктрина, поаѓајќи од претпоставката „дај му го на гледачот она што го сака“ без оглед за нивото на квалитетот.
Тоа го знаат и политичарите и медиаекспертите и тој концепт успева и трае и имајќи го предвид нивниот/медиумскиот/ близок контакт со голем дел од гледалиштето, граѓаните, читателите, корпусот на потенцијалното гласачко тело, претпочитаат и одбираат да учествуваат во таквите програмски жанрови, на изглед жанровски едноставни и лесни, но корисни за политиките на широка промоција. Современата политика е медиумски писмена и силно обучена и сосема е природно и легитимно нејзиното настојување во предизборниот, па и во сиот периодот на владеење да ја уреди и учествува во таа сфера според логиката и правилата на сопствено /политичко/ убедување и дејствување. На ова ако уште се придодаде силниот подем на комуникациските технологии и алатки, социјалните мрежи, кои во поново време им се на располагање на политичките претенденти, имајќи предвид дека праксата и видливите резултати се врвен критериум на вистината, дебатите и дуелите сѐ повеќе ќе заличуваат на анахрон мегдан за пеам да те натпеам, зборам да те надзборам… виртуелно сретсело, чешање јазици и јадење… бурек.

Очуденоста и коментарите од типот „како можело премиер и претседател да се појавуваат во емисии од видот на лесен ентертејнмент, како ТВ-магазини, Само вистини, Заспиј…, Опуштено, Јади бурек…, и тоа да се претставува и оквалификува како селективност и медиумска неслобода, стануваат беспредметни и депласирани.
Правците на политичкото дејствување во плуралните општества не се формираат во текот на јавните дискусии и дебати ниту пак на нив претерано влијае јавното мислење. Тие настануваат многу повеќе како резултанта од серија компромиси што се постигнуваат помеѓу општествено-политичките сили.