Та зарем не сме ниту обични вируси!?

Б.1.1.529 – тоа е официјалната ознака за новата мутација на ковид! „Нагалено“, СЗО ја нарече омикрон. Европската служба за здравство, пак, со седиште во Стокхолм, констатира дека омикрон е ковид-варијанта кај која постои досега најголемо отстапување, т.е. содржи најголем број ген-мутации, во споредба со првичниот вирус од почетокот на пандемијата. Допрва ќе се проверуваат сомнежите дека оваа варијанта можеби е отпорна на нашето и онака сомнително оружје – вакцината. Ако се покаже дека вирусот мутирал до степен да ја избегне и онака кревката одбрана на вакцината, тоа ќе биде сериозен предизвик не само за медицинската наука туку и за човештвото воопшто.
Ги следам деновиве овие информации за мутацијата на вирусот и констатирам колку фасцинантен е животот. Иако, во случајов, ова „ѕвере“ ни направи сериозни проблеми, не можете а да не бидете восхитени од природата, од животот воопшто. Да не се восхитувате на фактот колку „жилаво копиле“ е самиот живот, па макар тој бил во форма и на обичен вирус. Иако, науката (барем дотаму до каде што јас ја учев во средно) сè уште не е на сигурно каде да ги класифицира вирусите: дали тоа се воопшто живи организми или не се. За некои, вирусите се форма на живот, бидејќи тие носат генетички материјал, се репродуцираат и еволуираат по пат на природна селекција, додека, пак, за други тие не се тоа, затоа што им недостигаат клучни карактеристики, како што е клеточната структура, која се смета за основно обележје на животот. Науката ги класифицира како „биолошки објекти“, а не како организми. Овие карактеристики, заедно со фактот дека се меѓу најстарите „суштества“ на планетава, ги обвива со уште поголема мистерија. На меѓата на живите организми, ниту „животинче“ ниту „ништо“, а сепак „нешто“ што упорно опстојува. Тие се наоѓаат на најнизок степен на организација на живиот свет, без клеточна структура, а сепак го поседуваат најважното својство на биолошките системи – генетичкиот континуитет! Немаат мембрана, цитоплазма или каква било супклеточна органела, а сепак го поседуваат најважното – „меморијата“!

И види во што се состои чудото: кога поседуваш „меморија“, наоѓаш начин како да преживееш и да им ја пренесеш на поколенијата. Макар и како паразит! И такви, едноставни, погледнете каква „мудрост“ поседуваат: го мамат домаќинот за да преживеат! Затоа што немаат карактеристики на другите животни форми, тие се размножуваат со користење на генетичкиот материјал на клетката домаќин! Нè користат нас, животните или растенијата за да ја пренесат „веста“, информацијата, да ја зачуваат историјата, за да остават наследство! Без карактеристики на другите живи суштества, тие сепак ја имаат најважната карактеристика – нуклеинска киселина (ДНК или РНК), која претставува генетички материјал, т.е. носител на генетичката информација на вирусот! Тоа клето животинче-објект не се откажува од пренесување на својот глас од минатото во иднината!
Како човек да не биде восхитен од оваа вешта измама на еден обичен вирус, од жилавоста на животот, од упорноста да се зачува и пренесе наследството! И си велам, та зарем ние не сме ниту едни обични вируси!? Еден обичен вирус се бори да го пренесе наследството, да опстои низ времето, да го запази паметењето и да си ја „зачува историјата“, а ние тукутака ја отфрламе! Се разбира, размислувањата во оваа насока на пренос на сознанијата од сферата на природата и природните науки во сферата на општеството и општествените науки се само обични аналогии, а аналогијата е најслабата форма на заклучување. Затоа, нека биде сметано само за тоа – за една обична аналогија. Но макар само и како метафора, сепак е доволно илустративна за времето што го живееме и особено за нашата несфатлива состојба на духот!
Ако еден вирус се бори да опстои низ времето, да ја зачува својата „историја“ и да ја пренесе, борејќи се упорно и жилаво, та зарем еден народ е помал и од вирус!? Со каква леснотија се откажуваме од нашиот „генетички материјал“, со каква ноншалантност го отфрламе сопственото колективно наследство, со каква несериозност ја покриваме со правта на заборавот нашата историска свест!

Секако, културното и историското наследство се далеку од оваа биолошка генетичка информација. Културното и историското наследство, идентитетот воопшто, не се нешто што е „природно“ дадено, тоа не е запишано во нашите гени, како што тоа е случај со генетичкиот материјал. (Затоа и ми се бесмислени сите тие истражувања на разни институти што го истражуваат генетичкиот материјал на нациите, па крајно ненаучно заклучуваат дека во гените некој народ е 45 проценти антички, 23 проценти словенски, 15 проценти германски… Каква е таа ноторна глупост! Културниот идентитет не е природно даден, тој е конструкт). Но, рековме, оваа аналогија со вирусите, макар и на ниво на обична метафора, е доволно илустративен и отрезнувачки момент, над кој вреди да се задумаме.
Не постои ентитет, па макар тоа бил и обичен вирус, кој со таква леснотија може да го отфрли и заборави своето минато! Дури, уште повеќе – не постои таков што доброволно ќе се откаже од својата колективна памет, од своите слободно, ненаметнато и неусловено избрани митови. Макар биле и само тоа – митови. Впрочем, секоја нација и се гради на такви митови. Секоја нација селективно избира од историското минато „парчиња“ од кои го крои етосот на сопствениот идентитет. Идентитетот е токму тоа – специфичен, заеднички етос што го споделуваат членовите на една заедница. Тој идентитет претставува свесно и интенционално избран сет на вредности, идеи и верувања, кои обезбедуваат симболично значење и смисла на поединците и заедницата, преку зајакнување на чувството на припадност. Токму тоа е тој етос на заедницата. Кога се конституира нацијата, тој етос се обезбедува низ еден процес на мистификација и митологизација токму за да се засили тоа чуство на припадност. И во таа смисла, нашите митови не се повеќе или помалку митови од митовите на која било друга нација! Нашите митови не се полоши од бугарските, или грчките… германските.
Секоја нација ги гради овие митови како колективно несвесно низ времето и ги пренесува низ времето. Тој „генетички материјал“ го гарантира опстојувањето на заедницата! Секоја интервенција во тој материјал го руши единството на таа зедница, ја трансформира и ја изложува на опасноста од заборав! Ниту една заедница, ниту еден поединец не е во состојба да преживее, ништејќи го и бришејќи го тоа минато! И токму во оваа смисла, ние како да не сме ниту обичен вирус.

Оттука, оваа нација, како да има аисториска свест! И тоа не само во однос на овој големиот, национален наратив, од кој е подготвена толку лесно да се откаже, туку и во секојдневните мали истории. Од секојдневните мали приказни што го чинат идентитетот и паметот на секоја зедница. Штип, на пример, има 36-годишна непрекината традиција на фестивалот „Макфест“, а градот нема ниту соба, а камоли музеј-паметник на оваа долга и вредна историја! Ист е случајот, да речеме, со ФК Брегалница – еден од најстарите фудбалски клубови во државата, а нема од каде да купите шал или капа од овој клуб. Да не зборувам за низа други институции што немаат своја „памет“, кои не ја чуваат и негуваат својата историја, не го пренесуваат својот „генетски материјал“. Колку ли само локални имиња сме фрлиле во заборав, на колку ли само „обични“ луѓе не сме им го оддале должното признание, колку ли само лични заложби сме негирале, колку ли само сила и младост отишле во неповрат, колку ли вредни напори сме збришале… поради нашата неспособност да паметиме и чуваме!? Ние, тукутака, со неверојатна леснотија се откажуваме од луѓето, институциите, настаните… што се вградиле во сите овие микроистории на нашата држава, на нашите градови и институции! Ниту една институција повеќе не дава часовник за пензионирање (освен можеби две-три плати испратнина), затоа што часовникот-времето, историјата, паметењето повеќе не ни се важни! Ретко која професија и професионално здружение имаат востановено еснафски награди – никој никого повеќе не наградува, не му се заблагодарува, не го памети! (Ох, па тие две години по ред не ја доделуваа наградата „Гоце Делчев“, за наука). Нашата аисториска свест се огледа и во партискиот живот: со секое менување на партиската гарнитура, тие почнуваат сè одново и одново. Сето минато претходно, го бришат како со гумичка и светот почнува од нив (а барем да има што да почне).
Драги мои, народ што не му оддава достојно и должно признание на секој член од својата заедница, кој не го чува и пази своето минато, тешко дека ќе има иднина. Или барем ќе нема светла иднина. Поединец или заедница што со таква неверојатна леснотија го бришат своето минато, не можат да изградат иднина, оти во таа иднина нема што да вградат. Ф. Ниче во една пригода ќе се пофали: „како со нож го пресеков своето минато“! Но таквиот чин на сечење на минатото секогаш е одмаздлив – зарем токму тоа и не го полуде Ниче!? Ќе нè чини ли лудост ова наше сечење на минатото!?

Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија