Суета

„Диоген вели: „Толку!“

Диоген вели: „Толку! Не барам веќе, нема. Треба да се поправа“.
Денес најважната работа на секој човек е да не полуди. Такво време дојде: луѓето сè почесто полудуваат. Кој не сака да полуди, нека се ослободи од суетата.
Суетата е превисоко мислење за себе. Нејзината формула е „јас па јас“. Таа е лажно чувство дека моето „јас“ е центарот на сокакот, селото, улицата, градот, државата, полуостровот, континентот или планетата на која живеам. Според големината на територијата на која се распостила „јас“, суетните се делат на суетни маалски и геополитички мангупи, суетни градски и глобални шмизли, суетни градоначалници, пратеници во локална самоуправа или републички пратеници, локални, народни и меѓународни спортисти, уметници, политичари, локални или мундијални новинари, локални и геополитички пластични хирурзи, и најпосле, суетни претседатели на куќен совет или на држави. Претседателиве, преку Твитер, со фаци изобличени од суета (кои ни цела максилофацијална хирургија не би можела да им ги испегла) управуваат не само со влезови на згради, туку и со цели народи.

Суетниот и срамежливиот, кој е негова целосна спротивност, имаат само една заедничка особина – знаат да се вцрват. Но, срамежливиот се вцрвува затоа што мисли дека неговото јас премногу се раширило и ги загрозува другите, без да има право на тоа, додека суетниот мисли дека неговото јас премалку се раширило, и дека од другите му е одземено правото да се рашири онолку колку што реално заслужува. Суетниот постојано мисли дека нешто неправедно му е одземено, и се гневи на таа апстрактна неправда што постои само во неговата глава. Тој мисли дека целиот свет е создаден за да го види и препознае него, неговите таленти и способности, неговото богатство, неговата начитаност, неговите бицепси и латисимуси. Без него светот е ништо. Но и тој без светот е ништо: тој е убеден дека луѓето од целиот свет ништо друго не прават од утро до мрак, освен што мислат како да му наштетат и да му закинат од неговите заслуги. И, да: тој се наоѓа во состојба на постојано болно посакување, а секогаш посакува повеќе одошто може. За разлика од лакомиот, кој посакува повеќе одошто му треба. Лоша комбинација е кога двете ќе се здружат во еден човек: тогаш обично се добива лош владетел.

Суетниот секогаш за себе мисли дека е најдобар, но проблемот не е само во тоа, туку во фактот што суетниот не дозволува да има други добри околу него. Затоа, тој е по дефиниција тиранин. Суетниот нема огледало и свест за тоа кој всушност е. Затоа што нема огледало, суетниот може да умре со убеденост дека има долга кадрава коса, а да биде ќелав. И тоа никој да не му го каже. Напротив, најчесто е опкружен од ласкавци, кои од интерес му ја расчешлуваат секој ден кадравата ќела. Не е ли тоа многу тажно?
Ви се чини дека пишувам општопознати нешта?

Да. Но очигледностите најлесно се поттурнуваат под килим. Толку е очигледно дека луѓето со векови се убиваат за пари, со векови се проституираат за пари, со векови се алкохолизираат и дрогираат или затоа што имаат, или затоа што немаат пари, па сепак, никој не предложил укинување на парите. А ова е очигледност што ја знае секој гувернер на народна банка, и секој економист, па сепак луѓето и натаму стануваат гувернери и студираат економија. Затоа, ќе бидам досаден, и ќе повторувам очигледни и општопознати нешта. Во време кога сите сакаат да бидат интересни по секоја цена, јас одбирам да бидам здодевен, без никаква цена.

Немојте да се тешите со тоа дека многумина големи луѓе низ историјата или митологијата биле суетни. На пример, Едип: тој пострада и попадна во ужасна трагедија (си го уби сопствениот татко и се ожени со сопствената мајка), само затоа што беше суетен и мислеше дека знае сè (ја реши загатката на Сфингата, е голема работа, таа загатка е за деца во градинка!). Ама, не знаеше кои му се вистинските родители. Тој податок боговите му го скрија, само колку да му покажат дека незнаењето нема крај и затоа, со знаењето нема гордеење. Мислеше Едип и дека има право на сè, дури и на предимство на минување во оној теснец, каде што разгневен што некој патник во кочија од спротивната насока сака да помине пред него, го извади мечот и го отепа, без да знае дека тој дрзник е токму неговиот вистински татко. Како што пред некоја година на еден скопски паркинг еден нов Едип извади пиштол и го отепа дрскиот ближен свој, кој му го зеде местото за паркирање, како побрз и поснаодлив.

Немојте, велам, да се тешите дека знаењето може да ве спаси од суета; напротив, кај плитките луѓе знаењето ја разгорува суетата. Дури и да имаше Едип таблет, па преку Гугл да ја најдеше адресата на своите родители, пак немаше да се спаси од својата суета и гнев, зашто повторно немаше да знае дека оној човек во кочијата му е татко. Божјата промисла ја нема на Гугл, како ни човековата волја да стане подобар човек.
Ако навистина сакате да се ослободите од суетата, секогаш, дури и кога сте најдобар во нешто, кажете за себе дека сте најлош. Со тоа, ако навистина сте најдобар, ништо од вашата големина нема да ви биде одземено, а ако сте навистина најлош – барем ќе изговорите една вистина. А сигурен знак дека сте се ослободиле од превисокото мислење за себе е – кога веќе ништо не ќе може да ве навреди. Кога се нема високо мислење за себе, нема ни навреда. Тогаш сте засекогаш вакцинирани од бесното лудило на суетата. Толку.

(Од следниот вторник продолжуваме со новата серија текстови од нашиот истакнат колумнист Венко Андоновски.)