Суви пливачи

Несомнено е дека тие подготовки, во кои спаѓаше и промената на името, целосно ни ја скрија сликата на нашиот внатрешен општествен и економски живот, во нашата држава. Сите, со месеци, како во транс викавме, врескавме, се надвикувавме околу името, додека за тоа време нашата економија, култура, образование и нашите животи – пропаѓаа со вртоглава брзина. Сите наши сили беа фрлени на една карта – кумството на детето, кое веќе беше крстено

Постои една руска парабола за еден човек што целиот живот се подготвувал да влезе во студената вода на реката со санти мраз, и да ја преплива. Целта му била да направи подвиг, да стигне до другиот брег. Реката, со извор во Сибир, била толку студена што многумина посилни од него не успеале да ја препливаат. Но, овој човек решил со темелни подготовки да го стори подвигот, и затоа, секој ден доаѓал на брегот, се соблекувал гол како од мајка роден, и потоа тренирал издржливост на минусни руски температури. Секојдневно си ја мерел телесната температура по пет минути стоење и очекувал дека со тренинзите, температурата на телото нема веќе да опаѓа, туку ќе се одржува на 37 степени, без разлика што е гол. Потоа правел телесни вежби за загревање, а понекогаш загазувал и во водата, но само до глуждовите. Сфаќајќи дека сè уште не е подготвен, се враќал назад. И секој ден повторно доаѓал во исто време. Траењето на „тренингот“ сè повеќе се зголемувало, така што човекот сè повеќе часови поминувал на брегот. Потоа почнал да доаѓа и претпладне и попладне, што резултирало со отказ од работното место.

Семејството се запустило, децата немале што да јадат, сопругата не можела да постигне без сопругот да ги посврши домашните работи и конечно – сите од семејството му свртеле грб. Но, овој упорен чудак не се откажувал од подготовките на својот апсурден подвиг: имено, само стотина метри подолу имало мост по кој реката можела да се помине. И колку повеќе овој чудак тренирал, толку повеќе се фокусирал на подготовките, а не на влегувањето во реката. И не само тоа – сè почесто им наоѓал мана на своите подготовки, па развил цел систем за нивно подобрување, за тие да станат – совршени. Направил дури и ПЛАН ЗА ПОДГОТОВКА НА ПОДГОТОВКИТЕ. Кога пријателите еден ден дошле кај упорниот подготвувач, и кога го прашале кога мисли да скокне во реката, тој целосно збунет и занесен во мерењето и бележењето на своите резултати, прашал; „Која река?“ Конечно пријателите сфатиле дека на подготвувачот му се случила познатата апсурдна ситуација кога незабележливо, средството што треба да служи да се стигне до целта, самото станува цел. Нешто што најчесто се гледа кај оние богати луѓе, кај кои печалењето пари станало цел, а не средство за подобар живот.

Така некако личи и нашата подготовка за прием во ЕУ и во НАТО. „Другиот брег“ кон кој се стремиме бара ригорозни и постојани подготовки. Тоа секојдневно ни го кажуваат нашите пријатели од Запад. Ние тие подготовки ревносно ги извршуваме – на сите нивоа. Но и ПРЕМНОГУ ФОРМАЛНО, што не е исто што и ПРЕРЕВНОСНО. На пример, веќе целосно го усвоивме методот на „табеларно мислење“, така што во прецизни табели и графи ги мериме сите наши постигнати резултати во сите области. До втора и трета децимала мериме постигнат успех пред некого да примиме во средно училиште или на факултет, а богами во децимали веќе го мериме и знаењето на учениците и на студентите, така што точно знаеме каде е децималната граница меѓу оцените 9 и 10. Во децимали веќе ги мериме и човековите права или правата на животните. Ние сме веќе ИЗДРЕСИРАНИ да се подготвуваме: ние, може без претерување да се каже, по професија сме ПРОФЕСИОНАЛНИ ПОДГОТВУВАЧИ ЗА ВЛЕЗ.

Имаме веќе и специјалисти од таа област што се вика „евроатлантски интеграции“.
Минатата седмица се затекнав на еден книжевен фестивал во Белград. Хотелот беше преполн со семинаристи од Македонија и од Србија. Стануваше збор за семинар на темата „Евроинтеграции“, а го водеше една авторитетна европска госпоѓа. Значи, подготовки за другиот брег, и тоа професионални, на највисоко можно ниво. Од разговорот со една девојка од македонската делегација, дознав дека таа завршила студии во Париз, дека потоа се вратила во Македонија, запишала постдипломски студии и многу, многу се разочарала, зашто образовниот систем на таа наша земја обземена со подготовки, бил – катастрофа. Рече уште дека на тие постдипломски студии (не го спомнувам името на институтот), „секој професор си предавал што ќе му падне на памет“, без да се држи до пропишаниот курикулум (наставна програма, по старо кажано). Девојката се откажала од својата магистерска и се свртела кон практични работи: ете, сега се надева дека со посета на вакви „семинари и едукации“ за евроинтеграции можеби и ќе „закачи“ некое работно место на професионален подготвувач за другиот брег. Тоа е доказ дека можеби и ние, како и оној „сув пливач“ сме веќе во фазата кога подготовките ни станале цел – стануваме професионални подготвувачи за влез во реката, обземени со резултатите од подготовките, без воопшто и да ПОГЛЕДНЕМЕ во реката или да се прашаме што се случува со неа.

Несомнено е дека тие подготовки, во кои спаѓаше и промената на името, целосно ни ја скрија сликата на нашиот внатрешен општествен и економски живот, во нашата држава. Сите, со месеци, како во транс викавме, врескавме, се надвикувавме околу името, додека за тоа време нашата економија, култура, образование и нашите животи – пропаѓаа со вртоглава брзина. Сите наши сили беа фрлени на една карта – кумството на детето, кое веќе беше крстено. Сите гледавме во името, никој во својата нива. Ете, и онаа девојка искрено вели – нашето образование е катастрофа, и оди секој ден подолу и подолу. Никој од нас не мрдна со мал прст да се спречи тоа. Нашите плати се и понатаму, традиционално авангардно очајни. Некој рече, и не знам зошто сите му поверувавме – дека не можеме да ги зголемиме „однатре“, туку само ако стапнеме на другиот брег. Тоа, се разбира, е обична лага. Никако да сфатиме дека и додека се подготвуваме, па дури и утре да допливаме до другиот брег, некој мора да земе мотика и да ги копа нивите на овој брег. Има нешто целосно паланечко во тоа сфаќање на другиот брег како „волшебен“ и спасоносен – ние веќе, преку разни илузионистички сеанси, семинари, кампањи или препораки, се китиме со идните инсигнии на тој „прекрасен нов свет“ (Хаксли), станувајќи со тие инсигнии специјалисти за подготовки за евроатлантски интеграции. А всушност сме КЛАСИЧНИ ДОМАШНИ НЕРАБОТНИЦИ.

Јас лично мислам дека сè додека сме неработници (односно професионални подготвувачи за влез), нема да има ништо од тој замислен рај на другиот брег. Како што рече и Влатко Стефановски во неодамнешното интервју за НИН, од Европа нема „ни леб ни сол“. Сами треба да си замесиме, сами да си посолиме. Ние се однесуваме како нашата мотика да е меѓународно прашање. Како друг да треба да ни копа, сее, жнее. Кога ќе спласне еуфоријата за името, ќе видиме дека детето ни заслабнало. Ќе мора некој да каже: „Куме, побрзај со името, додека го крстиш, детето треба нешто и да јаде“.
Ви го должам само уште крајот на руската приказна. Кога еден ден, под силен притисок на пријателите, човекот дошол со цврста намера да скокне во водата, реката веќе не постоела. Со указ на некоја влада, била пренасочена кон некоја огромна хидроакумулација, каде што била попотребна одошто во крајот во кој дотогаш течела и служела за подготовките на нашиот „кандидат за другиот брег“. Па сега видете сами – дали приказната има тажен или смешен крај, и дали тоа не е едно исто.