Страдањето е природна средина за уметникот

Океј, да не гњавам, минатата недела ветив дека ќе напишам зошто сакам да се најдам на црната листа на Бајден. Јас во својата уметност уживам при нејзино создавање, дури и кога главен погон е страдањето. Во политиката влегов со гадење. Немав јас никакви амбиции со неа. Но таа ме зграпчи со сета своја жестокост

За уметникот политиката е затвор, ќелија сместена во радиоактивен облак. Умот секој миг може да добие силиконски канцер. Душата е распната врз усвитена решетка, која испушта импулси деструкција. Уметникот речиси и да не може да ја опише политиката без тоа да заличи на халуциногено бладање. Јас во неа се чувствувам како месечар штотуку разбуден среде минско поле. Политиката создала чудни правила. Раздели, па владеј, вели Римската Империја. Византиска политика на заткулисни сплетки и заседи, нуди Источното Римско Царство. Целта ги оправдува средствата, советува Макијавели. Паричка за поткусурување, честопати била девизата на европскиот империјализам. Посилниот може да им витка раце на послабите, ни соопшти Обама. Некои велат дека политиката е уметност на владеење. Не е. Политиката е ладнокрвна, лицемерна, агресивна, подмолна, вообразена, бездушна. На прсти можат да се избројат креативни владетели. Затоа што политиката вообичаено е деструктивна. Уметникот во неа се чувствува дека е затворен во бронзен бик под кој постојано гори оган.
Океј, да не гњавам, минатата недела ветив дека ќе напишам зошто сакам да се најдам на црната листа на Бајден. Јас во својата уметност уживам при нејзино создавање, дури и кога главен погон е страдањето. Во политиката влегов со гадење. Немав јас никакви амбиции со неа. Но таа ме зграпчи со сета своја жестокост.
Ме згрози изопачената моќ на Европската Унија и американската длабока држава, кои преку лисабонски декларации, привремени спогодби, монтирани воени конфликти и манијакални закани и притисоци, одработуваа преку Грција и Бугарија, идентитетски холокауст врз Македонија и Македонците. Нивните изопачени светогледи ми станаа јасни кога сфатив дека тие, западните политички варвари, воопшто не ја промениле својата намера уште од 1913 година кога ликуваа на поделбата и геноцидот во Македонија. Денес во нив ги препознавам фашизмот, нацизмот и комунизмот склопени во еден моден тренд, наречен неолиберализам.

Ми се огадија домашните политичари. Не дека не бев свесен за нивното полтронство и алчност. Алчен полтрон е исто што и вообразен глупак. Што да очекува човек од луѓе што до вчера, како забегани комунисти, беа спремни да уништат цели семејства ако еден нивни член сонувал демократија, а потоа наеднаш, истите тие, не ја вадат демократијата од уста? Што да се очекува од полтрон што до вчера ги исмеваше Американците, а денес е Американец поголем од нив? Иако од Америка знае само за „Мекдоналдс“, „Кока-кола“ и Белата куќа, и тоа со ограничени познавања.
Ме разочара народот. Поделен и апатичен. Со национална свест на златна рипка во аквариум. Со менталитет на слободен роб. Вообразен, а плашлив и дезориентиран. Мисли сè знае, ама со политички капацитети на пеперутка во инсектариум. Надмен пред немоќни, клечи поданички на моќта. Распнат меѓу оправдувањата дека сите се исти и дека некој моќен веќе ја завршил работата. Оправдувања за самиот да не сноси одговорност. Сите се исти, затоа што и самиот е ист или сака да стане таков. Со интелектуалци што мислат дека Запад ќе им се клања, ама на Исток не би биле повеќе од дактилографи. И сите нешто мантраат дека им треба лидер. Никој не им чини, ама ако се појави и настрада од моќта, ќе го заборават вртејќи му грб. Која е тогаш поентата некој да стане лидер и да тргна во политичка војна со изопачената моќ, ако знае дека зад грб го следи народ чиј најголем цивилизациски дострел е фаќање сеир?
Нормален Марсовец би рекол, батали и глеј си соработникот.

Јас кренав раце и од политичари, и од народ, и од Нордистан. Ама не можам да кренам раце од Македонија. Не Македонија на македонскиот народ, такво нешто веќе не постои, затоа што тој народ прифати дека сите се исти, ама не плаќа радиодифузна такса, членува на НАТО и, еве, веќе утре може гордо како СС-дивизија некогаш, да маршира накај Кремљ. Тоа што ЕУ-бирократите го третираат за пачавра, оти самиот народ така се постави, не е важно, не може они толку да се цинични, колку што се тука спремни на нови понижувања.
Пишувам за мојата Македонија, онаа што бидејќи не може да биде држава со сопствена територија, суверенитет и народ, крена граници во моето срце и таму сега постои како симбол за татковина, оти вистинската е окупирана и административно поништена. Но, во срцево, мојата малечка Македонија ќе продолжи да пркоси на изопачениот Вавилон владеен од бестијален Левијатан.
Тоа, драг мој, претседателе Бајден, значи дека јас како уметник, не плашејќи се од огромната разлика во моќта и можностите, ќе продолжам во својата книжевност да зборувам за мојата Македонија и злото што го силуваше нејзиното тело, па и ја распна душата обидувајќи се да ѝ го убие и духот. Нема да запрам да пишувам за инквизициско есесовските методи со кои беше спроведен идентитетски холокауст врз неа. Тие методи станаа договори наречени Преспански, договор со Бугарија, Тиранска платформа. Човекот во мене може да батали сè, да запали џоинт и да сонува оргија под ѕвездите, ама уметникот нема сили да се направи глув и слеп пред злосторствата против човештвото спакувани во договори за кои вие, претседателе, спремате акти полни закани и црни листи, со кои и самите покажувате дека сте спремни да кренете гулаг среде вашиот Вавилон, нудејќи ја тоталитарната матрица како политичка коректност и изопачена демократска вредност.

И не зборувам за некаква интимна изопаченост, оти како дел од духот на ова деструктивно време и самиот ја носам во себе, зборувам за политичко општествената изопаченост каде што моќта сакати идентитети, територии, народи, а притоа, на оние што ќе кренат глас против злото им се забранува слобода на говор, мисла и пркос.
Може нема да ми успее, може едноставно имам погрешна проекција за својот уметнички квалитет и капацитет, може едноставно не ме бидува, може ќе ме снема, дали со асистенција на моќта или по божја промисла, ама тоа не значи дека нема да дадам сè од себе да ги напишам моите „За кого бијат камбаните“ (Хемингвеј), „Натрапникот во прав“ (Фокнер), „Крик“ (Гинзберг), „Кланица 5“ (Вонегот).
А вие од позиција на неконтролирана моќ слободно заканувајте се, забранувајте, затварајте, ликвидирајте. Сеедно. Не заборавајте дека страдањето е природна средина за уметникот, таму се чувствува слободен и свој на своето.