Стоиме на бездна, пред длабоки води, без дно

Кога пред две години почнав да пишувам тука, во „Нова Македонија“, што за мене беше извонредна можност за јавен говор, си ветив дека овој простор нема да го употребувам за лична промоција или за афирмација на некои настани или дела што ги создавам јас или се однесуваат на мојата работа во уметноста. И сега, ако повлечам една цртка под овие околу стотина белешки за моите, сепак да бидеме искрени докрај, длабоко лични, длабоко себични агони за настани и идеи што ги заплискуваат Македонија и Македонците од сите страни на светот и времето, во голема мера и сум се придржувал до тоа ветување дадено јавно кон вас, моите читатели. Иако тоа заветување во суштина беше насочено кон самиот себеси, со намера докрај да издржам на сопствените убедувања за возможноста од личен подвиг само низ принципите на самодисциплина, самоисполнителност и самоодговорност. Моето зарекување се должи на две работи. И првата и втората се поврзани со уметноста и со мене како уметник, кој, ова е поразително ама е вистина, во последните четири години не создал ниту едно уметничко дело. Јас со ова мора да се соочам. Иако, уште од првиот ден со доаѓањето на власт на СДСМ предупредив дека црвената буржоазија, партијата и нивните трабанти ќе направат сѐ за да нѐ ископаничат од светот на уметноста и културата. Дека како збир на множества од претходниот час, со сунѓер ќе бидеме избришани од таблата на животот, како да не сме биле ништо, освен брехтовски македонски кругови со креда. Зборував и тоа дека ќе го направат пред очите на светот, со поддршка од таканаречениот слободен запад, кој ќе премолчи и одрече сѐ што овие триесет години ни го прикажуваа како вредности, доблести, квалитети, кои достојно ќе се наречат европски и ќе бидат идеал кон кој ќе се стремиме. О, заблуди, о невешти самозалажувања.

Но во секое зло има и нешто добро, драги мои, тоа е секогаш така. Убеден сум дека ова се деновите кога сите лаги за европскиот запад и Америка одат во мајчината. И не сум среќен поради тоа. Страдам затоа што во таа „мајчина“ заминуваат и моите убедувања, верувања и идеали. Јас сум роден, надоен, израснат и образован да разбирам, прифаќам и пренесувам на други, ова, веќе сосема очигледно, е само агрегатна состојба на пареа што се крева и исчезнува некаде над нашите глави. Толку е. Аш. И ги нема повеќе. Како тоа никогаш никогаш да не било состојба на води, длабоки води на немир и страст за светот на слободата, братството и еднаквоста. Светот на сонувачите на Бертолучи или ако сакате светот на сонувачите на луѓето со Лузна на лицето и болка на душата. Е мој Тони Монтана, јас дури сега сфатив дека онаа палма покрај морето со портокалово зајдисонце е само слика, тапет, бутафорија, кулиса и лага. Само филм што привршува. Полека истекуваат и кредите. Костимите и маските се тргнати и сосема јасно може да ги видиме уплашените лица и кревките тела што се криеле за силните супермени и кумови. Боже, каков филм. Сепак, не очајувам, беше прекрасно да се биде дел од оваа толку убедлива илузија. Ви благодарам што ми овозможивте да ги видам тие гигантски фабрики за производство за соништа и идеали. О, бескрајно фала. Но мора да се живее. Имам доволно години за да разберам дека животот во лаги и илузии не води никаде, освен кон забава. А забавата заврши. Ние веќе сме влезени во онаа состојба што Пејо Јаворов ја пее во „Нирвана“. Време на „вечните води, води без брег и води без дно, и во нив не се огледуваат ѕвездите небесни, и бродиме наоколу без сон и трепериме пред бескрајните длабочини“. Ова е една од моите омилени песни на најголемиот бугарски поет на сите времиња, дух што се скитал по бескрајот на ова и бескрајот на сите времиња. И да се вратиме малку назад. За причините за ова мое писание зборував. За самодисциплината како императив на уметникот и творечката завист како гориво што го движи механизмот на творештвото. Јас, драги мои, немам илузии.

На крајот ќе останат само делата. Никој нема да ги памети колумните во весниците, објавите на социјалните мрежи, протестите по улиците на Скопје. Евентуално некој ќе се сети на онаа снежна ноќ кога марширавме од „Нова Македонија“ до пред Собранието и кога во виулицата од луѓе обеснежени наивно се понадевав дека таа вечер ќе промени сѐ и булеварите ќе ги наполнат жедните и гладните за правда и право да бидат прво достоинствени луѓе, а потоа сѐ друго. Таа вечер помислив дека победивме. Ама, ете, сум се излажал. Како и секој друг наивен уметник кому желбата за убаво му е поголема од неговите способности да го произведе тоа убаво, макар се нарекувало и уметност. И ајде да одиме кон крајот. Имам ли право на песимизам? На лична, длабока лична бездна на разочарувања и безизлез? Имам ли право, макар и како творец, а творецот е илузионист, измислувач на лаги, да прифатам дека ова нурнување нема да води кон дното затоа што ова наше дно е бескрајно?! Не, немам право, и не сега. Не е ова време за плачење и собирање празни чаши, срчи и пепелници од забавата што црвената буржоазија четири години ја прави за да ја прослави својата победа над, знаат тие, многу добро знаат, над посилните од нив, затоа и се жестоки во таа забава, затоа и се упорни во создавањето општ привид на победата, затоа што знаат дека не нѐ победија тие, туку оние што управуваат со нив. Ама не е ова ниту прв, а ниту ќе биде последен пат да нѐ победат Германија, Англија, Франција и сега сосема на крајот и Америка. Има ли нешто чесно во поразот? Не! Без разлика дали си го добил од некој два пати помал или сто пати поголем од тебе. Пораз си е пораз. Не барам алиби, не барам ниту разбирање, ниту сочувство, но нема како да не се соочам со моите неверици дали можам да одговорам на очекувањата што се десет пати поголеми од можностите на медиумот со кој управителствувам и кон мене како човек и вештер за работата за која сум главен. И, најпосле, се плашам дека служејќи му на англискиот крал ќе заборавам дека во суштина требало да му послужам и на светот околу мене, па дури и на самиот себеси. Јежи Менцел е во право во врска со таа работа кога пишува во неговата книга случајно наречена „Години на инаети“ дека правењето филм е како цртање по карпа, кое треба да се заврши додека има боја на четкичката. Бојата не е бескрајна. Таа се троши. Нејќам да звучам патетично, сепак гемиџиите во таа борба за Македонија се изарчија себеси, точно во годините кога нивните животни четки кипеа со бои со кои можеа да ги нацртаат најубавите пејзажи на сите планини, реки и езера на татковината во сите бои на светот. Ама на крајот, само делата остануваат. Како да се направат дела? Па со работење, нема како поинаку. Дела се прават само со работа. Драги мои, ова ќе биде долго, топло и мачно лето. Ќе дојдат и ќе ви ветат сѐ што нема да може да исполнат. Не ви се обраќам вам, кои веќе сте се продале, за работичка, за проектче, за филмче, за претставичка, за улогичка, за што и да е. До вас ова не стигнува и не допира, вие ме презирате и среќен сум поради тоа.

Но, о вие, о достојни да застанете пред бездната на животот, о не прашувајте дали водите се студени, а дната длабоки? Скокнете во бездната. И онака ќе ве турнат. Ако соберете сила и скокнете сами, и ако допрете до дното и ако се кренете повторно нагоре, замислете какво е чувството дека сте успеале сами и по сопствен избор? Замислете го оној момент кога ќе се одбиете од тоа дно од мил и ќе тргнете нагоре, уште нагоре, уште сосема малку нагоре, еве го веќе и сончевиот зрак, само уште малку и еве сте на површината и гледате како некој ви подава рака! Некој што пред вас стигнал до чистите и светли води. И блеснува сонцето и дишете силно и плачете од болка и среќа. „Ова се предвечните води, севечните води, кристални, води без дна и води без брегови, воскликнувачки студени… Во страв да се напиеме од нив, ние страдалните, без соништа, без надежи, препотени и жедни“. Пејо Јаворов се самоубива. Сум се прашувал многупати досега дали скокнал или го турнале во безвремените води? Некој рече дека на тоа дно од мил лежат сите што ги турнале. Дека тоа е дното на оние што немале храброст самите да скокнат. Велат дека на тоа дно се сите оние уплашени и застрашени дека нема дно и нема кревање нагоре, туку само вечно тонење во мил и кал. Велат дека на тоа дно лежат слабите што немаат сила да се кренат од дното и затоа стојат на бездната од животот, во страв од мигот кога ќе бидат турнати или во најлош случај ќе бидат повлечени од најголемите страшливци и кукавици. Понекогаш мислам дека вреди да се скокне во тие води, најпосле, тоа дно е подобро од оваа бездна на која стоиме и чекаме некој да нѐ турне. Јас, драги мои, решив да скокнам. Не ми се стои повеќе на бездна. Лизгаво е. А јас сум од плашлива и гадлива природа, не поднесувам лизгави, а особено лигави места. Најпосле, лето е. Сега му е мајката. Драги мои, се гледаме наесен. Ако се кренам од дното и испливам на површината и некој ме сочека таму и ми подаде рака, ќе ви раскажам, не за таа бездна, не за тоа дно и не за тие спасоносни брегови, тука за таа подадена рака.

Авторот е режисер и универзитетски професор