Среќна Нова година

Четврток. Први август. Осум и триесет наутро. Лежам и гледам низ прозорецот. Море… Ми ѕвони виберот. Гледам на дисплејот. Александар Русјаков. Мој долгогодишен пријател. Се јавувам.
Да не те разбудив, ме праша.
Будна сум, реков.
Се јавив да ти го честитам празников. Е па, среќна Нова година! Да бидеш жива и здрава. Во новата 2020 година ти посакувам конечно да го најдеш оној што ќе ја открие во тебе ангелската добрина и ќе ја прегрне со љубов.
Не е убаво да дуваш рано наутро?
Кој дува? Чекам да почне Виенскиот концерт. Вчера славевме кај мене. Јас, Дики, Ники и Еки. Зборувавме колку ни недостасуваш. Потоа го слушавме новогодишното обраќање на Зоки. Блескаше. „Хев а њу јиар“ ни порача од Мачкин Камен.
Ало, надуван, Мечкин Камен е.

Мечката е руски симбол. Ти си толку неинформирана што не знаеш дека во чест на европскиот менталитет што ни го донесе Питер ван Хојте, го прекрстивме Мечкин во Мачкин Камен. Каква само блескава година за северџанистан. Го одложивме членството во НАТО додека не се реформираат вистински. Ги запревме пристапните преговори со ЕУ додека не си го решат проблемот со Британија. Не може да се зачлениме во Унијата додека оној кловн Борис Џонсон се рашетува низ неа. Наши истражители и обвинители решија огромен меѓународен корупциски скандал. Ја фативме јатрвата на Трамп во гадна рекетарска мрежа преку која изнудувале пари. Го најдовме изгубениот телефон на Доналд во момент кога сакаше да ги избрише сликите со облаци во кои шверцува лажни руски вести. Сега, соочени со наша Вилма, им тече низ ногавици. Па, таа успеа еден Орбан да го сруши, докажувајќи дека тој е главниот инспиратор на настаните од 27 април кога беше брутално ликвидиран Зоки. Се сеќаваш како плачевме? Додека Мелисандра, црвената кралица, со помош на огнениот бог не го оживеа за да ни го донесе Северот како благосостојба.

Сега сум загрижена. Ти не си пушел трева, ти си лапнал ЛСД.
Не сум лапнал ЛСД, ама затоа лапнав авторски хонорар од 700.000 евра за редакција и лектура на двете книги мемоари на Кејти Џејн Остин Пауерс, „Форматираното самарче“, и „Големи, анксиозни и мали“, напишани за време на нејзините страдања во руските логори на вмровската пропаганда и лажните вести. Промоцијата на мемоарите беше во младинскиот културен центар „Нема правда, нема мир“. Вечерта правевме журка на плоштадот „Џес Бејли“. Од хонорарот си купив станче на булеварот „Шарена револуција“. Отворив игротека. Се вика „Кики и Фрики – фини мини-рекетчиња“. Ти ова не го знаеш затоа што отиде на Халкидики на зимување и заглави таму. Патем, каде чекаше Нова година вчера?

Лудаку, знаеш дека сум на одмор во Сочи.
Е, браво! Наместо во пријателска Грција, таа кај непријателот во Русија. Само ти полни го буџетот на Владимир Путин. За да може да го истребува невладиниот сектор на ИСИС низ Сирија. И да се меша во туѓи избори. Како што кај нас се вмеша во независниот правосуден систем. Па го направи зависен. Во тој период на руска зависност, ако си заборавила, исчезнуваа облаци и докази. Паметните телефони нагло оглупуваа. Се ширеа лажни вести дека ОЈО се обидува да ги направи луѓето малоумни, глумејќи лудило дека не можат да ги најдат телефоните, а кога ги нашле тие биле празни. Па, нормално дека се празни, затоа што во периодот кога се криеле од руските хакери кај внуката на цвеќарката, инаку сосетка на братучедот на сестрата на девојката на синот на Кејт, со себе не понеле полнач. Ама тоа не те интересира тебе. Ти отиде да си чекаш Нова година кај непријателот.

Сум ти кажала ли дека уживам кога вака одлепуваш.
Ти стварно мислиш дека се заебавам, а? Значи ништо не си слушнала за големата економска реформа. Каква што светот не видел досега. Зоки ја смисли. Ќе добие Нобелова награда за економија. Во цел свет се занимаваат со кастрење на администрација, намалување даноци, инвестиции и не знам какви сè не будалаштини, ама Зоки смисли нешто ново, брилијантно, блескаво. Ја скративме годината. Намаливме број на месеци исфрлајќи ги август, септември, октомври, ноември и декември. За сметка на нив ќе инвестираме повеќе во оние седум што ни останаа.
Што? Ова не го очекував. Па, дали си ти нормален? Сигурен си дека не си јадел халуциногени печурки?

Жими, Карлос Кастанеда, никакви печурки. Ти велам, реформа за Нобелова. На Зоки му текна. Сега ќе имаме пет милијарди евра повеќе. И осумстотини евра плата. И само по еден невработен во секое семејство. Најмалото дете, секако. И инвестиција за секој град. Тука БМВ, таму НАСА, овде Мајкрософт, онде Формула 1.
Да не е сето ова за да се забошоти аферата „Рекет“?
Аферата „Рекет“ веќе не постои. Затворена приказна. Зоки, Кејт, Кики, Фрики, странски амбасадори што демек беа дел од сето тоа, докажаа дека се невини. Виновен е Боки. Работел за Мицко. Мицко за Грујо. Грујо за Орбан, Орбан за Путин. Крај на приказната.
Кога се докажа дека се невини?
По одморите во август. Значи, во септември.
Ама тоа е идно време. Чекај, нели ги укинавте тие месеци?
Не биди ситничар. Како да не може да се врати човек во иднина и да докаже дека некој е невин. Да, ги укинавме. Па ги форматиравме. Тогаш се докажа невиноста. Потоа пак ги укинавме.

Сè ми се чини дека гротескава е за да се побегне од 2 август, 8 септември, 11 и 23 октомври. Зарем опозицијата не се побуни?
Не знам што ти е тоа 2 август, 8 септември, 11 октомври. Да, се побуни. Побара предвремени избори. А редовни се во декември 2020 година. Зоки прифати. Им го предложи датумот за редовни, 11 декември, ама да почне гласањето еден час порано, во 6 часот, што автоматски ги прави предвремени. Опозицијата се побуни. Не сакаше да чуе. Рекоа или 10 декември или излегуваат на улица. Така што предвремените избори ќе бидат на 10 декември.
Ама нели го укинавте декември?
Го укинавме. Така што нема потреба од избори при вакво блескање.
И сега?
И сега отворај шампањското и среќна Нова година!