Спутник

Порано или подоцна, сите вештачки „спутници“ паѓаат, сосе нивните опоненти, но верувам (како и многу генерации пред нас), дека и во „името на сите нас“ од седумдесет и некоја, Балашевиќ останува еден од ретките верни сопатници од младоста до староста, од првите до последните љубови, преку две татковини, чиј „сигнал“ овде долу сѐ уште се слуша со отворена душа

Во блиското минато, човештвото имало ретки сопатници со геополитичко значење, каков што е да речеме – „Спутник 1“ (на рускиот јазик, спутник значи и сопатник) – првиот вештачки сателит на Земјата, лансиран од СССР, како симбол на технолошката надмоќ во Студената војна и пионер во вселенската трка. Неговите батерии траеле кратко – само три недели, пред да падне и изгори во атмосферата на Земјата, но сигналот долу е слушнат, разбран и следен од опонентите на советската (над)моќ.
По него, полетува и вториот сателит – „Спутник 2“, со првата жртва во вселената во име на прогресот – кучето Лајка, кое умира во орбитата од прегревање на леталото. Во годините потоа, следуваат третиот и четвртиот „Спутник“, последниот како тест-проба пред испраќањето на првиот човечки (со)патник во вселената и освен некое животинче, носи и човечка кукла, посреќна од Лајка: слетува безбедно на Земјата, во предвечерјето на изградбата на Берлинскиот ѕид.
„Спутник 5“ е најновиот „сопатник“ со геополитички призвук и значење, иако е наменет за лична одбрана (првата регистрирана вакцина против ковид-19), овој пат „лансиран“ во човечката крв за да ја спречи инвазијата на вирусот.

Вакцината (како и оние од земјите-опоненти во „незатоплената“ војна, како и од другите моќни сопатници на новата геополитичка станица) – веројатно ќе ја добие битката, но не и војната: човекот е еволутивниот сопатник на вирусот, а не обратно (вирусите – ни живи, ни мртви, постојат милиони години пред човекот и уште се некаков предуслов за неговото постоење). Нејсе, мала е можноста токму оној со бројот 5 (или ви) да влезе во нашата „орбита“, без оглед на северната определба или токму поради тоа.
Но постојат и други „спутници“ – сопатници низ ова кратко (често и тесно) патување, наречено живот: повеќето се случајни, како во возовите на шините и другите животни врвици, а некои – избрани и ретки, како сопатници во пријателството и љубовта.
Последните (избраните) се исклучителни по својата природа, онака како што „прегрнувањето ги исклучува сите, освен еден“ во песната на Рајнер Кунце. Често ни се чинат и (до)судени до последен здив, дури и кога од нив сме добронамерно (о)судени, или особено тогаш: оние чиј суд за нас го цениме со искрена благонаклоност и уважување.
Најпосле (или најпрво), има уште еден, мошне редок меѓу ретките: им припаѓа на случајните, а по чувство – избрани сопатници; слично на прегрнување што не исклучува никого, напротив – ги прегрнува повеќето или сите, поточно сите оние што сакаат да бидат прегрнати, а не е вера тоа што ги прибира (верската определба е ирелевантна за нивната „прегратка“) – прегратка за човечката ранливост и минливост во походот на вечниот неспокој.

Деновиве, еден таков, редок сопатник на многу генерации на овој преубав и претажен полуостров, го напушти „циркусот“, се симна од „рингишпилот“ и отпатува на некоја нова мисија, на некоја следна (космичка) станица, во некои виш(н)и (не)рамнини, да плови и исправа мостови меѓу световите: Ѓорѓе Балашевиќ, или по „нашки“ – Ѓоле. Човекот – кој му остана верен на стариот компас во градите – единствениот што го покажува патот овде долу и тогаш кога престанува да работи.
За него, како и за неговата муза – ова соѕвездие останува провинција, а провинцијата – доволна вселена. Но неговата мисија не беше ниту месијанска, ниту војна под ѕвездите, а просто човечка – утешителна, копнежлива и нежна, како допирот на свилата и тогаш кога сите бистрини неповратно бидуваат поматени за „избраните“ за избирачи во политичките циркуси распослани од Триглав до Вардар и „(не)врзаните“ во балканскиот рингишпил, кој врти само надолу, кон дното на сите дна; за оние – ни живи, ни мртви, како вирусите и за оние – и живи, и мртви, (не)испишани од онаа земја над земјите, под земјата – Југославија.
Двапати го видов Балашевиќ: еднаш како студент во земјата со надежно минато, а вторпат – со положени испити, но во земја што редовно паѓа на уписот за понадежна иднина (поради испитот за безнадежна сегашност).

Третиот пат (доколку го има), нема да биде во оваа провинција на вселената. Секако не во овој циркус и не на овој рингишпил. Би требало да е некаде каде што уписот не е условен со самопонижување, а индексот и оценките веројатно немаат значење (впрочем, како и овде), уште помалку пасошот или личната карта. Некаде, каде што единствено би значеле определбата на душата и положената жртва за другите. Во таков еден свет, сопатниците би биле нужно – сопатници по душа, какви што се ретките врски на овој свет, пријателски или љубовни, или – и едното и другото, на патување што нема цел да го освои светот и патем да ја изгуби душата. Како во онаа парабола на Ентони де Мело за туристите во автобус со навлечени завеси на прозорците, кои не ги забележуваат езерата и планините, реките и ливадите, туку се расправаат за тоа кој заслужува да седи напред, кој е најпривлечен или кој ужива најголем углед… На крајот – патувањето завршува.
Стариот компас во градите престана да работи, но неговата тишина и натаму покажува на непреведливите длабочини во нас и нештата непреводливи во зборови, а неговиот глас во етерот уште е „регрутерска“ за многу (не)предадени генерации дека, иако светот не може да се спаси со песна, сепак тагата поубаво звучи кога ќе се отпее, како во севдахот или како во онаа негова (и наша) Севдалинка, (не)запишана под секој камен и на оваа (из)жолчена и тажна македонска земја…

Порано или подоцна, сите вештачки „спутници“ паѓаат, сосе нивните опоненти, но верувам (како и многу генерации пред нас), дека и во „името на сите нас“ од седумдесет и некоја, Балашевиќ останува еден од ретките верни сопатници од младоста до староста, од првите до последните љубови, преку две татковини, чиј „сигнал“ овде долу сѐ уште се слуша со отворена душа. Неговите песни се вакцината против раниот мраз врз душата и се инјектира право в срце – најкраткиот пат за сè што е љубов и вистина.