Со новата методологија се затвора влезот во Унијата

До октомвриската блокада за проширување на Унијата (2019), која во никој случај не беше само потег на Макрон, обично се велеше – кандидатите божем прават реформи, а Брисел божем им верува. И карванот си врвеше. Сега, откако е објавен нацртот на новата методологија за преговори, имаме сосема поинаква ситуација: Брисел ќе се прави божем ги прима, а балканските кандидати ќе се преправаат божем веруваат. Унијата се изгоре со прерано примените Бугарија и Романија и со тоа заврши бриселско-балканската сага.

Новата методологија во никој случај не е измислена за да го олесни приемот. Целта е дијаметрално спротивна: да нема членство без исполнување на високите критериуми. Ќе се квалификуваат само земјите што навистина се приближиле до основните вредности на Унијата, а тие, објективно, за нив се долгорочно недостижни. Во нацртот, трипати се нагласува – „пристапувањето во ЕУ е процес што бара и поддржува ФУНДАМЕНТАЛНИ реформи и политички и економски промени во земјите-кандидати“. Со други зборови, нема да има гледање низ прсти. Второ, „земјите-членки ќе бидат поканети што посистематично да придонесуваат на процесот на пристапување, вклучувајќи и преку мониторирање на терен со нивни експерти, со директни контрибуции во годишните извештаи и преку секторска експертиза. Тие ќе имаат можност поредовно да го оценуваат вкупниот прогрес“, а ќе треба да го потврдуваат и т.н. „годишен пакет на проширување“, во кој „ќе бидат детално елаборирани постигнатите реформите како и задачите за следната година“. Трето, „земјите-членки ќе треба да се согласат кога земјата-кандидат ќе оди напред во следната фаза на преговорите“. Четврто, се создаваат кластери. Поголеми кочници од овие, кои максимално ќе го отежнуваат преговарањето, не можат ни да се замислат.

Во нацртот јасно се става до знаење дека се бара вистинско, а не божемно: (1) владеење на правото, (2) анулирање на масовната корупција, (3) слободни медиуми, (4) независни институции и професионална администрација, (5) суштинска демократија, (6) економски реформи за забрзан развој и приближување до нивото на развојот на членките, (7) добри односи со соседите, (8) координирана надворешна политика… Добро ни е познато колку сите кандидати се далеку од овие критериуми. Целта на новата методологија е да се спречи влез на неподготвени земји, бидејќи 62 проценти од Французите, 61 од Германците, 58 од Австријците… се против проширување. При такви бројки, кој нормален лидер во овие земји ќе прифати нови членки и тоа од Балканот?

Објективно, на сите кандидати ќе им бидат потребни неколку генерации за да се постигнат спомнатите барања. Поинакви се условите во регионот, а со тоа и навиките на луѓето. Нискиот животен стандард е најголема пречка. Кога основното правило е снајди се и живеј, кога луѓето се на границата на сиромаштија, а таквите се премногу, европските вредности се апстракција. Решенијата се бараат во корупцијата. Таа е масовна бидејќи од неа живеат луѓето во полицијата, судството, образованието, здравството и, се разбира, во целата администрација. Тоа е маѓепсан круг, кој уште долго време нема да овозможува европски вредности.

Поаѓајќи од овие недискутабилни премиси, јасно е дека нови членки нема да има најверојатно следните дваесетина години, а самиот датум за преговори не значи апсолутно ништо. Уште утре да ни го дадат, а тоа евентуално би било само за да влијаат на претстојните избори, ќе следува бескрајно преговарање, слично како со Турција. Иако од новата методологија се исклучуваат Србија и Црна Гора, кои веќе предолго преговараат, новите критериуми сигурно ќе важат и за нив. Како исклучок, можен е прием само на Црна Гора, за да се покаже дека проширувањето не е мртво.
Македонската приказна е најлоша. Откако срамно се откажавме од нашето име и идентитет, со капитулантските договори речиси отворено им дадовме право на Атина и на Софија да нѐ газат во процесот на преговори. На најофицијален начин (Влада, парламент…), Бугарија веќе ни стави до знаење дека ако сакаме членство мораме да исполниме над 20 ултиматуми и уцени, кои се апсолутно неприфатливи. Грција се држи малку повоздржано ама намерите ѝ се исти. Тие веќе кажаа дека ќе прават сѐ за да го подобрат штетниот договор од Преспа, што е можно само преку нашите преговори. Деталите не ги знаеме ама нема дилеми дека сѐ ќе биде погубно за Македонците. Овие две земји веројатно соработуваат против нас, макар со премолчена согласност. Уште пред петнаесетина години, по посета на Атина, еден британски експерт за Балканот пренесе дека таму очекуваат Бугарија да се вклучи во случајот за името и да ја преземе штафетата. Сега тоа е реалност.

За нас, во нацрт-методологијата е клучно нагласено зголеменото влијание на членките на Унијата во процесот на преговори. Тоа како да е смислено за им се овозможи на Бугарија и на Грција да нѐ кочат кога сакаат и колку сакаат. Во принцип, таа процедура нема никакво влијание за Албанија, БиХ или Косово. Србија веќе преговара по старата шема и Хрватска нема да може нагласено да се меша кај нив. И од тие причини, преговорите на Македонија со Унијата ќе бидат наша најголема голгота досега. Во секое поглавје, во секој кластер, двете соседни земји сигурно ќе имаат безброј сопки. Тогаш ќе се урива сѐ македонско што ни останало. Ќе мораме понизно да се откажуваме од многу суштински работи. Двете соседни земји ќе бидат егзекутори на американската политика за дефинитивно бришење на македонизмот.

„Контролори“ од Бугарија сигурно постојано ќе бидат кај нас и во сите поглавја ќе сплеткарат на бескомпромисен начин. Ќе го бараат невозможното. Грците нема да заостануваат. Нема да дозволуваат да напредуваме. Ќе нѐ вртат во круг. Факт е дека Атина и Софија со душа се залагаат што побргу да ги започнеме преговорите. Тоа е нивни интерес бидејќи само така можат да ги постигнат сите свои преостанати нелегални и нелегитимни интереси, кои не успеаја да ги протнат во за нас погубните договори. (Исто како што ни направија САД со Привремената спогодба во 1995 г.).

Меѓутоа, за нас е најважен фактот дека ним воопшто не им одговора Македонија да стане и членка и затоа ќе направат сѐ за да нѐ спречат. Нивната цел е бескрајно да преговараме и така да зависиме од нив. Причините се главно две. Прво, Бугарија и Грција се свесни дека ако влеземе во Унијата ќе можеме без поголем проблем да ги откажеме договорите со нив и да си го вратиме името и сѐ друго што историски ни припаѓа. Практично, тоа би било без сериозни последици бидејќи нема механизми за да може да нѐ истераат. Второ, ако е Македонија дел од Унијата и Македонците во овие две земји, кои се целосно обесправени, ќе добијат ветар во грбот. Иако ние срамно се откажавме од нив, тие повторно ќе станат реалност и нивниот глас повеќе ќе се слуша. Затоа, Бугарија и Грција ќе направат сѐ нашите преговори да траат со децении. Само така ќе се овозможи да приврши асимилацијата, поточно геноцидот врз Македонците кај нив. Новата методологија им дава огромен маневарски простор на овие две земји да нѐ држат што подолго надвор од Унијата. Исто како Турција, која е жртва на слични политики на поважните членки. Ова не е ништо ново. Прв Плевнелиев директно ни порача: „Македонија – да! – ама без македонизмот. Без Македонците“.

Нема никаков индикатор дека плановите на Бугарија и на Грција не ги делат и САД. Горното сценарио извонредно се вклопува во нивните досегашни политики кон Македонија.

Нацрт-методологијата одлично ја отсликува длабоката криза во која се наоѓа Унијата и која не дозволува проширување. Таа сигурно подолго ќе потрае. Брисел е без јасни ориентири. Освен дека треба да го држат надвор остатокот од Балканот, немаат никаква друга стратегија. Не им е воопшто јасно дека релативно брза трансформација на земјите од регионот, што е нивни долгорочен и траен интерес, е можна само во процес на преговори за членство, кои треба што поскоро да започнат и не смеат да траат предолго. Вака, оставаат празен простор, со изневерени нивни ветувања и разочараност кај народите и политичките елити, што ќе води до уште поголема и погруба американска доминација, што воопшто не е во нивна корист.

Тешко е да се оди и да се води напред кога се губат мотивите и перспективите, кои до вчера беа неоспорни и постојано повторувани од претставниците на Унијата. Брисел не сфаќа дека сите политички и безбедносни проблеми за нив можат да дојдат главно од Балканот и дека е секогаш подобро да се спречат нештата отколку да се лечат. Нивните разлики со Вашингтон, кои веројатно ќе ескалираат, лесно можат да им се рефлектираат токму преку овој регион. Мора да загрижува неспособноста на Брисел да се соочи со проблемите на Балканот. Без Косово, кое е далеку од Унијата, преостанатите пет земји (Албанија, БиХ, Македонија, Србија и Црна Гора) имаат околу 16 милиони жители што не претставува никаков предизвик за Унијата, која има речиси 450. ЕУ е резултат на историска визија. Без неа, никогаш не може далеку да се стигне. Во Брисел, такво нешто сега очигледно немаат.

Ова се реални претпоставки и очекувања, кои мора да ги имаме предвид. Најавите се доволно јасни и прецизни дека европските изгледи не ни се баш розови и дека се неопходни алтернативни решенија. Залажувањето на народот со некаков датум и жртвите што се дадоа за таа цел, нѐ фрлија во бездна.