Со нас или против нас?

Ако нашите леви и десни, напредни и назадни, конзервативци и демократи, демохристијани и атеисти, не можат да се усогласат за фактите од минатото и за состојбите во сегашноста, прашање е како ќе се согласат за нешто што е многу поважно – за иднината! Има ли национална, општоприфатена стратегија за неа, платформа или доктрина што сите би ја поддржале и која, барем малку, ќе им гарантира некаква сигурност на идните генерации Македонци. Речиси за ништо нема компромис, а камоли разумен компромис!

На почетокот само мало објаснување од авторот до читателите. За овој број на весникот имав подготвено текст поврзан со референдумот. Бидејќи доста доцна дознав дека тој ден е ден на молк и за весниците што се печатат в четврток навечер, тој текст отпадна. Во своевиден цајтнот, се двоумев што да напишам. Пребарувајќи по личната архива, наидов на текстот што ќе го читате, а сум го објавил на 24 март 2016 година во тогашниот весник „Дневник“. Сега има сосема мали стилски интервенции.

Текстот во никој случај не е поврзан со претстојниот референдум и однапред се оградувам од секое поврзување со него.
Фразата „кој не е со нас тој е против нас“ првпат била забележана кон половината на последниот век од старата ера, во граѓанската војна во Рим што се водела меѓу приврзаниците на двајца поранешни пријатели што ја делеле власта во еден краткотраен триумвират – Помпеј и Цезар. Наводно, Помпеј, кој се сметал за многу силен, собирајќи војска рекол: „Кој не е со нас, тој е против нас“, а Цезар, откако со една легија го преминал Рубикон извикал: „Кој не е против нас, тој е со нас“. Епилогот на пресметката е што Помпеј бил поразен, а подоцна убиен, а Цезар станал единствен и многу славен владетел, него го велича историјата.

Петнаесет века подоцна, разглобувајќи ја анатомијата на таа граѓанска војна, Николо Макијавели го обработил овој пример за да докаже дека во битка за власт се дозволени сите средства. Тој и го формулирал стојалиштето дека секој што стои на патот на реализација на некоја цел се смета за непријател. Значи – кој не е со нас, тој е против нас. Неговиот став е дека владетелите одвреме-навреме треба и да измислуваат непријатели (ако ги немаат), бидејќи ако сите нешта во државата се добро и хармонично организирани, тогаш власта и политиката немаат некое големо значење, ниту се од голема важност. Непријателите се измислуваат за да може власта да се регенерира, да се самоафирмира, да се одржува и да зајакнува уште повеќе.

Дека историјата често се злоупотребува според потребите покажува и фактот што долго време таа славна изрека им се припишуваше на болшевиците, се прикажуваше како руско-комунистичка измислица, создадена од Лав Троцки во времето на Ленин, а нашироко пласирана како главна одлика на Советскиот Сојуз за време на Сталин, за чие владеење настрадаа милиони невини луѓе. Сепак, западната пропаганда не успеа да скрие дека таа доктрина најпрво ја обнови и надгради Бенито Мусолини, кога со плакати со тој слоган ја преплави Италија, а потоа масовно ја прифатија и практикуваа нацистите на Хитлер во Германија. Сепак, генерално, сфаќањето дека во реалниот политички свет нема неутрални, неопределени, неврзани посматрачи, е битна одлика на тоталитарните системи, нацизмот на Западот, сталинизмот на Истокот.

Последен важен човек на светската сцена што ја употреби оваа фраза беше американскиот претседател Џорџ Буш Помладиот, во еден од првите гневни говори по уривањето на кулите близначки во Њујорк. Барајќи одмазда за тој терористички акт и повикувајќи ги сите да учествуваат во војната, извика: „Кој не е со нас, тој е против нас“, јасно ставајќи до знаење дека кој не е со Америка, тој е против Америка и како таков ќе биде третиран. Така и беше. Колку да се знае, да не се заборави блиската историја.

Живее ли во Македонија синдромот „или си со нас или против нас“? Постои ли во Македонија, меѓу македонскиот народ, некој консензус околу кое било прашање, освен ако го исклучиме согласувањето за влез во ЕУ и НАТО, иако е сомнително дали и тоа го изразува вистинското мнозинско граѓанско расположение, како што покажуваат анкетите? Кои се тие теми од национално значење и интерес за кои Македонците не се сериозно поделени, за кои би тврделе дека има макар минимум единство, за кои не се суди според тоа дали си со нас или против нас? Дали е тоа името? Правдата? Образованието? Економијата? Демократијата? Криминалот и корупцијата? Патриотизмот? Медиумите? Односите со соседите? Внатрешното национално единство? За културата или спортот? Сѐ што ќе направи едната страна (особено кога е на власт) е генијално, историски неповторливо, со европски и светски стандарди и рекорди, сѐ што ќе направат другите (опозиција) е штетно, катастрофално, погубно. Дваесет и пет години нема заеднички проект, заеднички потфат од општ интерес. И така 25 години, во кои, по секоја смена на власта се почнува од нула, се негира или искривоколчува сѐ што било претходно, од настани до личности, од успеси до порази.

Сѐ повеќе има знаци дека битката меѓу двете водечки македонски партии, едната власт, другата опозиција, поприма белези на пресметка меѓу спротивставени нецивилизирани племиња, едното античко, другото словенско средновековно, племиња што беспоговорно ги следат своите главатари и старешини, локални шерифи и селски кметови, своите врачови, своите често измислени водачи за еднократна употреба. И во сето тоа, главното правило е: ако не си со нас, значи си против нас, ти си наш непријател. А познато е: кога луѓето се меѓусебно поделени во неколку различни табори, не е тешко да се изманипулираат, да се свртат едни против други, секогаш кога тоа е во интерес на манипулаторите.

Македонскиот народ, раскаран и поделен, сѐ повеќе меѓу себе се среќава на две страни од барикади, на протести и контрапротести, на митинзи и контрамитинзи, разговара преку полициски кордони, се пресметува со фрлање камења, како во првобитната заедница, се плука в лице еден со друг преку жичени огради и боцкави жици, си пцуе и мајка и шајка: бандитска, криминална, арамиска, фалсификаторска – викаат едните; комуњарска, кодошка, хулиганска, предавничка, квислиншка – викаат другите. Во доба на компјутеризација и дигитализација, мислиш фалат уште камата и пиштолот и кој прв ќе потегне. И кој има фајде од тоа? Ова што се случува веќе не е политички фолклор, што некои сакаат да ублажуваат и минимизираат, тоа е опасна, ризична, политичка игра.

Понекогаш се чини дека поранешното таканаречено едноумие, ако било такво, се претвори во двоумие. Или си црвен лав или си црвена тупаница поставена во жолто, или десен или лев, или си националист или граѓански демократ, или со (за) едниот или за другиот лидер. Или си со ВМРО или со СДСМ. Не си ништо ако не си едното или другото, на едната или на другата страна. Или си со нас или си против нас. Другото се орли, разни други симболи, птици и животни. Во тој еднопартизам, откако заврши „тврдиот комунизам“, во периодот на социјализмот, имаше повеќе слобода, поголема толеранција, можности за културен дијалог, место за туѓото мислење и став, без осуда и без сериозни последици, имаше место за многу поголема критика на системот. Можеше секој да биде критикуван, но не плукан и оцрнуван на најпростачки, на најпримитивен начин. Имаше, барем, (ако е за утеха) убавина во изразувањето. И во кавгите и во полемиките, покрај суштина, имаше и некоја сега изгубена етикеција, говорна култура и естетика. Убав збор, просто речено.

И тоа не само во критиките за самоуправниот социјализам и за доминацијата на Сојузот на комунистите во општеството. Критики имаше на разни нивоа: развиена театарска, ликовна, литературна, музичка и други критики, од што денес има само мала, сосема мала трага. Зашто и во тие сфери веќе не важи квалитетот, не се оценува успешноста, туку важи максимата: ако не си со нас, ако не си еден од нас, ти си никој и ништо. Џабе ти биле успеси, џабе ти се брилијантни книги, претстави, настапи, изложби, концерти, меѓународни награди, никој не ти го признава придонесот во минатото или успехот во сегашноста, ако во актуелниот миг не си на нивната, „вистинската страна“. А и кај едната и кај другата страна нема слободни дискусии, нема културни јавни дебати, нема нормален дијалог со размена на мислења, сѐ е некаков вид наредба или кавга, омаловажување, навредување и понижување. Навистина, секој има право на свој став, но прашање е дали другите ти дозволуваат него да го кажеш, а да не настрадаш, вербално или практично.

Ако нашите леви и десни, напредни и назадни, конзервативци и демократи, демохристијани и атеисти, не може да се усогласат за фактите од минатото и за состојбите во сегашноста, прашање е како ќе се согласат за нешто што е многу поважно – за иднината! Има ли национална, општоприфатена стратегија за неа, платформа или доктрина што сите би ја поддржале, и која, барем малку, ќе гарантира некакво национално единство и некаква сигурност на идните генерации Македонци. Речиси за ништо нема компромис, а камоли разумен компромис! Имаат ли, на пример, економијата, образованието, земјоделството, туризмот, екологијата, шумите и водите, национален предзнак. Зар и таквите прашања мора да се расправаат низ призмата и од позиција на едни спроти други: на партизани и фашисти, на бивши комунисти и сегашни антикомунисти. Што ни е побитно како на македонска нација – партијата или државата? Како беше оној запаметлив изборен слоган „Што ќе ми е партијата ако ја немам државата?“, или во практиката беше обратно, превртено: „Што ќе ми е државата ако ја немам партијата?‘‘.

Многу поставени прашања, малку одговори. Без посебен и јасен одговор е прашањето кој и зошто ги форсира поделбите и зошто масовно се шири девизата на Помпеј „ако не си со нас, ти си против нас“, а не на Цезар, која во своите параболи ја користел и Исус и која гласи „кој не е против нас, тој е со нас“. За што се подготвуваме? За граѓанска меѓумакедонска војна, во која ќе се определуваме дали сме за некој наш Помпеј или за Цезар, без разлика кој и каде веќе го поминал својот Рубикон. (24 март 2016, „Дневник“)