Создавање на човекот (3)

Зафатени со трудот деноноќен на новото создавање, глеј Тие двајцата одвај го забележаа првото расцутено гранче како блескава поплава од светлина, како огнено крило на серафим што беше слетал ниско кај нив за да им ја предаде од Отецот во дланки химната на постоењето. Ама, секунда-две, и нешто друго веднаш потоа, видоа Тие восхитувачко што бувна како откровение пред тесниот влез на каменото живеалиште во кое сè уште не ја имаше запеано тркалезната неолитска песна на садовите грнчарското колце. Беше тоа Големото око на сите живи божји созданија. Големото око на сите нивни очи заедно: на дивите ѕверови, на рибите излезени од морињата, на птиците од сите сорти и на инсектите во роеви како соѕвездијата на Млечниот Пат што зуеја со музиката на хаосот, кружејќи како свадбарско оро во огнена елипса. Сите тие собрани во едно големо љубопитно око сега ѕиркаа и ѕуреа зачудено внатре во камената пештера со раширени зеници чиј пречник стигнуваше да го префати открај-накрај бескрајот. И, на прв поглед, тие созданија собрани тука потсетуваа на оние славни Мудреци од Исток што дојдоа по многу столетија од тој миг пред пештерата во која се роди Божјиот Син, да се поклонат и да го даруваат под знакот на новата ѕвезда што светна заедно со Него на небото. Да. А знаеше Создателот дека тој и тука, во палеолитот, се создава сега во огнената прегратка на двете пламнати со божествена страст тела на Мажот и Жената, веќе излезени од ледената епоха и стапнати на прагот на Неолитот. Се создава. Оти ако не е така ќе се нарекуваше ли покрај Божји и Човечки син тој. А според товарот на судбината што ја изнесе на Голгота дури и многу повеќе човечки отколку божји.

И гледаат тие созданија, собрани во Големото око, внатре во каменото живеалиште слично на матката на Жена во која е собран целиот свет на постоењето, зјапаат како во откровение додека Тие двајцата во еротска екстаза на создавањето се љубат со огромни сончеви бакнежи на тенкиот раб меѓу животот и смртта, а и од ваму и оттаму се шири бездната на постоењето. И го забележаа тие, додека беа пламнати како смола, Големото око на сите од Бог сотворени живи созданија, а тука беше вглобено и окото на растителниот свет стигнато од прапотопските мочуришта и шуми. Го гледаат сега Тие сеокото на биолошкиот и растителниот свет и чувствуваат дека тоа, восхитено од глетката, го разбира тој судбински пламен, тој огнен ракопис на еротската ковачница, на Мажот-чекан и на Жената-наковална закотвени во Првиот грев посладок од медот на Првата матица пчели, ама сега веќе благословен, по казната, од Создателот и престорен во црква и олтар, во ѕвездено оро, во свадбена ружа, венчален прстен и музика на хаосот што урива сè пред себе.

Гледаат тие двајцата низ тесната камена врата на ковачницата полна со огнот на еросот во откровението опшиено отсекаде со златото на Првата пролет, гледаат со раширени зеници чиј пречник го минува од ваму и оттаму бескрајот на просторот, како зјапнале во нив ѕверовите, рибите, инсектите и растенијата додека тој ги вади од Нејзиниот рудник најскапоцените дијаманти, Синот и Ќерката, првата алка на идните поколенија и народи меѓу кои Македонците стигнаа најрано носејќи ги подмишка Новото сонце и Новата зора на светот. Гледаат како зјапнале во нив како сина космичка бездна, самото севидо око на Создателот, тие занемени од чудото на новото создавање на светот. Ама, имено, толку е многу звучна таа немост што грми од длабочината на тишината како химна што слави со моќта на хаосот полн со грмотевици и молњи, префаќајќи се со огнот на пастирите и гласот на ангелите таа мугра кога се роди Синот Божји во Витлеем. Тие што стојат занемени и ги гледаат со Големото око двете нивни пламнати тела од кои и камената пештера усвитена како жар веќе се топи и истечува во распупениот пејзаж како огнена река на светата страст што свадбува, создава и крштева. И, макар занемено, пее химни и псалми старозаветни и новозаветни, составени уште пред создавањето на светот за овој миг. Големото око, пее наспроти струјата на судбината, пее без разлика што потоа доаѓа едно темно де профундис, едно ноктурно, едно моменто мори, страшниот колеж на децата во Витлеем и на децата на Грамос и Вичо.

Така. И трае тој восхит, гласот на таа химна, без разлика што од голите стрништа на судбината, поклопувајќи ги и просторот и времето, се ближи тешката сенка на Каин, а по неа низ светот, и пред да се роди и очовечи Синот Божји, крстосува полн со отров бакнежот на Јуда Искариотски, криејќи се погано зад усните на Спасителот. Така, од отровот на тој бакнеж, што стигна подоцна како чума и во Македонија, напукнува како тенка стаклена срча Материјата, секој нејзин атом и од него излетуваат врз чаршафот на смртта распослан од Сатаната гаснејќи електроните, ламбата што ја запали Господ за да ја види својата творба. И тоа е екстаза, мрачно растројство на сетилата, не она химниското на Рембо, страшниот делириум на смртта, темниот Дионис што пее над урнатините на Хирошима и Нагасаки и над Македонија, чиј животодавен оган на човештвото Европа го спакува во пепел и го стави во урна во гробницата на својата мртовечка цивилизација. И тоа е чума, онаа што повте Гоце да ја истера не само од Македонија, туку и од Европа, лепра, која, како што рече Парцелзиус, и не е тоа, туку посебна „болест на Златото“, квинтесенцијата потврдена, пред сè, со Оној што се осмели да се искачи за општо спасение на Голгота.
Ете, така пловат во времето. Оние што допрва надоаѓаат по Првиот бакнеж на Тој и Таа во камената пештера, што надоаѓаат со сенката на Каин, која ја отвори и раната на Спасителот, а потоа и на Македонија, додека тие Двајцата несвесни за тоа го топеа со страста примордијална, страшно огнена, и со еросот на колковите и големите сончеви бакнежи ледот на палеолитот, отворајќи ги по педесет милиони години со клучот на страста светкавиците и громовите во пупките на Првата пролет на човештвото и тешките венчални ружи за младоженците што го обновуваат и шират во концентрични кругови постоењето. Од пурпур и од оган се тие кругови што го префаќаат бескрајот на просторвремето, додека Тие двајцата во ковачницата на еросот влегуваат еден во друг и додека го слушаат, создавајќи поколенија и народи, гласот на Тој што застанал на работ што го двои животот од смртта, моќното космичко Јас, како грми: „Лазаре стани!“ Да. А тие сè уште далеку од тоа ехо-поплава што ја опколува бескрајната иднина и што стигнува до нив во бранови се љубат среде хаосот на рацете, прегратките и бучежот на изворите и морињата на страста на првиот грев од која и Бог се збуни, топејќи го ледот, Белото, нулти точката на постоењето во чисто Злато. Во квинтесенција што е помудра од секоја болест, таа што ги спотна лудо електроните во материјата што се преобрази во Роса мистица на љубовниците-алхемичари, Големата Афирмација, таква каква што ја спозна неа и Иринеј кога го виде „Синот Божји засеан во секоја бразда“ и откровенски крикна: „Нека биде нива! Нека нема веќе сиромаси!“. Оти и Создателот со Синот, ама и Тие двајцата што ја прегрнаа храбро Првата ноќ по изгонот, слатката страст на гревот, и ѝ погледнаа в очи на смртта се еднакво заслужни за браздата, семето и жртвата. За гумното, ноќвите, тестото, фурната и воденицата што меле и тракоти со камењата-сончеви планети по севезден во нивната љубовничка постела во тесната камена пештера, а сепак поширока од бескрајот, доаѓајќи зад рабовите на Орион и Сириус. Тие двајцата, застанати храбро на работ од животот и смртта и исполнети од петици до врв со она моќно Пра што може да ја додржи судбината и да се отима во бранови од гравитацијата што го збуни и Њутна и што влече со секоја секунда кон гробот. Тие што работеа деноноќно, без да склопат око во ковачницата на сонот и на љубовта за да ја скорнат од ледената космичка Нула, првиот мистичен математички интеграл на постоењето, Првата пролет. Тие, толку многу осамени на прапочетокот, а истовремено со целото човештво во себе среде ледената космичка ноќ, тресејќи ја со громови и светкавици големата крошна на вселената од која како зрели раноесенски плодови паѓаат наземи ѕвездите во роеви, гнездејќи се како птичји јата во подножје на двете пламнати тела.
И јасно е, ќе има богата жетва за која, како што рече и старозаветниот Исаија, поетот химничар на Божјата слава, ќе нема доволно жетвари за да ја ожнеат и соберат неа во снопови и да ја натрупаат на сончеви крстини слично на крилјата на ангелите-серафими, за да ја нахранат устата на гладните со Лебот што е Тело Христово, Логос на сепостоењето. Да. А тоа е Жетвата-Живот што се крева сега не само од плодната нива на гревот обожествен, чиј бескрај на почетокот. Тие двајцата го покрија со смоквин лист, туку и од раната на Синот Божји, кој слезе да ја поправи грешката на Отецот. И Тој и Тие двајцата се сега бескрајна судбина, заедничка Рана-Уста што пее химна во слава на сепостоењето, на вечноста дембел што се храни од трошните секунди на минливоста. Рана, ама истовремено и преврска за раната на човештвото; но и за раната на птиците, ѕверовите, рибите и инсектите. Па и за ентропијата на универзумот пред да создаде Бог Ново Небо и Нова земја. Така сè до мигот кога Тие двајцата што ја доведоа Првата пролет пред прагот на каменото живеалиште ќе станат атоми, кванти во материјата оживеана, дијамант што патувал милениуми низ ноќта долга на јагленот за да стигне пред олтарот на македонските цркви со сонцето подземно подмишка и да ја осветли светската ноќ, да се вглоби во бакнежот и венчалниот прстен на младожените од кои се множат соѕвездијата на породот. И тоа се знаците дека столченото племе ќе заздрави и повторно ќе го оплодува со Словото на љубовта и подмладува како некогаш светот; како оние двајцата во каменото живеалиште на ледената епоха што ги гонеа со своите пламнати тела, создавајќи ги човештвото, студот и мракот од планетата Земја. Со Словото на љубовта и со раната близначка на раната на Исус што се засводи во олтар и во кубе во првата црква во Негова слава во Филипи и во Македонија. Да. Ама дали и Сатаната нема удел во циклусите на времето и судбината, оти, како што насети и Јејтс, две илјади години по она Свето Рождество на Синот, сега во Витлеем се роди Ѕверот од Откровението на апостол Јован, а некои старозаветни пророци, Даниел пред сè, во тоа ја препознаа цивилизацијата што се именува како Западна. Европа поточно. Или Евроамерика најточно. И еве по два милениуми ние со јанѕа гледаме како нејзината секира на месје Гилотен паѓа врз главата на човештвото. И врз главата на Македонците, врз нивниот венчален прстен, песна и свадбарско оро пламната во седумосмински такт. Ноктурно. Де профундис. О, Боже, како да се истрае оваа болка и рана? Или е, може, тоа по оваа страшна гибел само почеток на новиот голем циклус во кој по Хирошима, Нагасаки и Македонија повторно се отвора кругот на сепостоењето од нулти точка, од Белото, од Нулата, математичка константа на небесното во земното, на материјата преобразена во Злато, кое како што рече Парцелзиус е квинтесенција задолжена да ја лечи лепрата на светот, вклучувајќи и на Западниот Ѕвер; ама тој е мракот, туѓото тело на Белото што го отфрла и фрла во бездна него за да може да се отвори Белата ружа на Новиот прапочеток. Амин!

(Крај)