Советски американски држави

Светот е згрешена гротеска. Лошо раскажан виц. Кисела насмевка поради немоќ пред злобата. Симболично кажано. Реално, светот се испреврте наопаку. Меѓу советска Америка и демократска Русија се прпелка Европа без компас. Провоцираш, Русјаков! Твоето русофилство ќе те врати во 19 век. Го сакам 19 век, поискрен е од веков што го векуваме. Јас сум американофил исто колку русофил. И да, провоцирам русофоби

Ја гледам книгата „Петар Пан“ во автомобилот на другар ми.
А-ха, свикав, расистичка литература.
Да, се смее, ја правам ќерка ми расист.
Нам ни е смешно, ама не е. За паника е. Пред неколку дена, компанијата „Дизни“ ги обележи своите филмови „Петар Пан“, „Аристокетс“ и „Дамбо“ како расистички. Не смее да ги гледаат деца под седум години. Среќа што Џејмс М. Бари одамна е мртов. Веројатно ќе заглавеше во затвор за расизам. Ама се плашам за Тим Бартон. Тој последен направи нова филмска верзија на „Дамбо“.
Надградената приказна на нацифашизмот, наречена политичка коректност го засилува својот налудничав марш. Хистеричните неолиберали сè повеќе наликуваат на НКВД. Новата нормалност е абортирано зомби од нацизам, фашизам и комунизам.
Што е следно? „Снежана“ е расистичка приказна, затоа што ниту едно џуџе не е црнче? И хомофобична бидејќи нема геј меѓу нив. Или „Бамби“: Плаче по мртвата мајка. По мајка еј! А термините татко и мајка забранети, затоа што ги навредуваат оние што не можат да бидат мајки, бидејќи немаат матка. И затоа никој веќе не смее да има мајка. „Заспаната убавица“ е шовинистичка и мизогинична приказна. Убавицата е кревка и беспомошна во рацете на мажот-чудовиште. Ниту на „Могли“, сосе „Повик на дивината“ и Радјард Киплинг, не му се пишува добро. Сигурно Путин е виновен. Зошто Путин? Гарант нашол начин како да влијае врз Ханс Кристијан Андерсен, браќата Грим, Киплинг и плејада други расисти.

Срцки ми се русофобиве. Отекоа за Навални. Очигледен испрдок на западни тајни служби. Со никаков рејтинг. Неговата приказна е лош шпионски трилер. Ама тоа е проблем на Русите. Мене ми се смешни нашиве русофоби. Просечниот Американец не се возбудува толку за Путинова Русија колку што тука кај нас има поголеми Американци од Американците. Толку се запенавија за апсењето на Навални, да се помисли човек, брат им е. И веднаш заклучија дека Русија е диктатура, а Путин монструм. Протестите во Москва за поддршка на Навални ги доживеаја како, еве, само што не почнала Октомвриска револуција во јануари. Оти, ама ич не мирисаат на украинска тава зачинета со нашево шаренило. И потоа полицијата излезе и ги растури протестите. Е тука западнаа во екстаза дозирана со хистерија. Нашиве „Американци“. Да си помисли човек по нив мавала полицијата. Истите овие русофоби, не се сеќавам дека ги гледав на протести кога ни земаа име и идентитет. Ниту нешто кренаа глас против бруталноста на полицијата што фрлаше шок-бомби врз мирни демонстранти вечерта по насилната промена на името. Ама што има да се потат за некоја таму Македонија? Они се Американци, само случајно се родиле како Македонци. Или пак да ги чујам нешто да искоментираат за она што се случува на Западот.

Ама заборавам дека сè уште важи она, на Западот ништо ново. Таму секогаш течат мед и млеко. И децата се раѓаат паметни, убави, богати и живеат среќно до крајот на животот. Демократија тече од чешмите. Особено ако се гледаат западните мејнстрим-медиуми.
Симпатична е цензурата на западната нова нормалност. Порано тоа се нарекуваше тоталитаризам. Сега е политичка коректност. Цензура што си ја спроведуваат сами на себе. Нема шанса да видиш на нивните медиуми што точно се случува кај нив. Протести, хаос, бруталност на полицијата, апсења. САД, Германија, Холандија, Австрија. Мора да копаш по алтернативни медиуми за да видиш како во, од вчера Бајденова Америка, полицајци газат со кола демонстранти што лежат на улица. Ќе се убиеш барајќи по интернет-портали за да видиш како холандската полиција брутално тепа демонстранти во парк. А како протестираат? Седат на трева. Не носат маски. Тоа е протестот. И џандарите крвнички маваат по нив. Можеби затоа на Холанѓаните им пукна филмот. Ене, го запалија Амстердам. Исто како во Германија. Ама тоа го нема во западните медиуми. Таму е лошиот Путин. Жртвата Навални. Полицијата што тепа руски демократи. Оти кога тепа руската полиција, тоа е ѕверство и диктатура. А кога американската, холандската или француската полиција дробат од мавање, тогаш демократија им капе од пендреците.

Светот е згрешена гротеска. Лошо раскажан виц. Кисела насмевка поради немоќ пред злобата. Симболично кажано. Реално, светот се испреврте наопаку. Меѓу советска Америка и демократска Русија се прпелка Европа без компас.
Провоцираш, Русјаков! Твоето русофилство ќе те врати во 19 век.
Го сакам 19 век, поискрен е од веков што го векуваме. Јас сум американофил исто колку русофил. И да, провоцирам русофоби.
Вистина е. Јас сум американофил и русофил. Тие ми се двете белодробни крила на уметноста. Двете реки книжевност што ми се слеваат во океанот на страста за читање. Две очи на свеста задоена со магијата на филмот. Тоа е така со уметноста. Но љубејќи им ја креативноста паралелно, забележав нешто интересно. Соединетите Американски Држави освен совршена кинематографија, го имаат и Холивуд. Го сакам јас и тој Холивуд. Знаат да создадат исклучителни филмски приказни. Но тука не пишувам за тој Холивуд. Тука пишувам за пропагандистичкиот Холивуд. Политички пропагандистичкиот. Сте забележале ли колку се опседнати со Русите? Во секој втор филм мора да има Руси. Русите секако се негативци. Сакаат да го окупираат светот. Да ја уништат Америка. Да ја украдат вселената само за себе. И секако, против нив имаме илјадници „рамбовци“ Американци што ги кршат од мавање. Тоа е така од Студената војна наваму. Здодевни се, ама не застануваат.

Дали ја имаме истата приказна во Русија? Дали се опседнати со Американците? Прават ли свои филмови каде што Американецот сака да ја уништи Русија? Јас не сум гледал таков. А гледам руски филмови. Многу. И да ги има, веројатно може да се избројат на прсти. А што е најинтересно, во Русија по кината играат сите оние американски блокбастери. Во кои добрите Американци тепаат лоши Руси. Се смеат ли Русите? Сигурно се смеат. Јас би се смеел.
Не ми е јасно само од каде таа силна опседнатост? Што е тоа што толку ги измачува Американците? Страв ли е? Или можеби фрустрации? Немам одговор. Но со нивното однесување како од Студената војна, а со денешнава политичка коректност на новата нормалност на која само уште гулаг ѝ недостига, кај и да е, САД ќе стане скратеница за советски американски држави.