Собраниски или парламентарни избори?

Најнапред ја имам обврската да бидам искрен пред себе и пред читателите. Текст со слична содржина каква што ќе прочитате подолу сум објавил пред собраниските избори, во октомври 2016 година, во тогашниот весник „Дневник“. На прашањето што го третирав во тој текст се навраќам повторно, не со надеж дека нешто ќе сменам, туку од чувство на граѓанска обврска да укажам на неуставното користење на одредени термини од страна на политичарите, а со нив и од медиумите. Некои ќе ми дадат право, некои ќе помислат дека барам влакно во јајцето, други дека удирам во ѕид со глава (како што мислам и самиот). Сигурно некои од читателите, имајќи ја предвид вжештената политичка атмосфера проследена со афери и скандали, текстов со право ќе го сместат во рубриката, насловена според народната поговорка, „село гори баба се чешла“. Но, сепак, подобро кажи, макар и глупост, одошто да одмолчиш факти, вели една животна препорака.

За што станува збор?
Речиси стана практика политичарите, пратениците, министрите и другите јавни личности од собраниската трибина, говорно и разговорно, во нивната официјална комуникација, како и во кратки изјави или подолги интервјуа, Собранието на Република Македонија да го именуваат со називот „парламент“, или „парламентарно собрание“, а пратениците да се нарекуваат парламентарци, иако нема уставна и законска основа за такво „одомаќинување“. Тој говор е засилен сега, пред скорешните вонредни собраниски избори.
Кога би бил некој краткофитилен запаленко, би извлекол дециден и категоричен заклучок и веднаш би извикал: „Во Република Македонија (сега Северна) нема парламент и не може да се одржат парламентарни избори. Тие се противуставни (антиуставни), не се во согласност со Уставот, највисокиот правен акт на државата, лажно го прикажуваат општествено-политичкото уредување, не ја изразуваат организацијата на државната власт, ниту пак се валидни со некој од важечките закони, особено со оние поврзани со изборите“.
Од каде произлегува ваквиот заклучок? Во Уставот на Република Македонија, уште од оној донесен на 17 ноември 1991 година, како и во големите промени со амандманите од 16 ноември 2001 г. (значи рамно десет години подоцна од првиот Устав, а во согласност со Охридскиот договор) никаде не се спомнуваат зборовите „парламент“ или „парламентарни избори“. Според Уставот, членот 1 и 2, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Значи: од напишаното и цитираното од Уставот јасно произлегува дека Македонија има Собрание, нема парламент. Не е парламентарна држава, нема официјален парламентарен политички систем, нигде нема пишана трага од некаков правно формулиран парламент или парламентаризам како политички систем, како државноправно устројство. Терминот „парламентарни избори“ го нема ниту во Изборниот законик, ниту пак во кој било акт на Државната изборна комисија, која се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите и врши надзор над работата на изборните органи. Во согласност со сето погоре кажано, не според моето мислење, туку според Уставот и законите, изборите во Република Македонија официјално може да се именуваат како – собраниски, пратенички, претставнички, народни, затоа што се избираат претставници на народот, но никако парламентарни.
Слично може да се каже и за пратениците. Во делот за организацијата на државната власт, Собранието на Република Македонија уставно е дефинирано како „претставнички“ (наводите се мои) орган на граѓаните и носител на законодавната власт во републиката. Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување. Значи: насекаде станува збор за пратеници, никаде за избор на парламентарци. Имајќи ги предвид тие одредби не може (или не би требало) Собранието како носител на законодавната власт да ги крши Уставот и законите. Не може, барем во нормална демократска држава, ако сме таква или претендираме да станеме.

Посочените термини може да си ги употребуваат граѓаните во приватната комуникација, во кафеана, пред задруга, на улица. Но не може да си дозволат претседателот на Собранието, потпретседателите, пратениците, министрите и другите службени лица да ги користат неуставните термини. (Зло)употребата на тие термини од нивна страна, ајде нека не значи кршење, но сигурно значи непочитување на Уставот, непочитување на општествениот систем на државата, и на самата држава. Конечно, употребата на термините, македонски парламент и македонски парламентарци значи не само искривоколчување на Уставот, туку и лажно претставување на општествено-политичкиот систем, измама што се спроведува пред граѓаните и пред гласачите. А, знаеме, и за најмала измама, за најобично лажно претставување, е одредена соодветна казна. Секако и омаловажување на највисокиот правен акт на државата. Почитувањето на Уставот и законите го покажува степенот на почитување на сопствената држава, на власта што ја раководи земјата и на нејзините легални институции.

Ако по најновите измени во Уставот, направени по спогодбата со Грција за името, од службените лица се инсистира на употребата на новото уставно име Северна Република Македонија, ако толку политичарите се држат до уставните одредби, тогаш, тоа би требало да важи за сите одредби еднакво. А не за нешто Уставот да важи, за друго да не важи. Да не мудруваме, но во многу книги за специјалните војни е напишано дека уривањето на некои системи, држави и лидери, почнува со ситници, на почетокот незабележливи од мнозинството граѓани, со навидум наивни прекршувања на законите, на традициите и на семејните вредности. Таков е американскиот модел – капка по капка, од капка до порој. Кога граѓаните изненадени ќе се судрат со стихија, за сѐ е веќе доцна.

Изразот „парламент“ доаѓа од францускиот збор „парлер“ што значи говор, говорење. Првпат почнал да се користи во средновековна Англија и Франција, за тело што имало советодавна улога и му служело на кралот, а долги години подоцна го поприма денешниот облик на државно уредување што се нарекува „парламентарен систем“ или парламентаризам. Во поранешните комунистички држави од советски тип, парламентот се сметаше за реакционерна буржоаска институција. Кај нив функционираа совети или собранија, кои беа подредени на единствената владејачка комунистичка партија. Слично беше и со поранешните југословенски републики, но тие и по независноста за највисокиот законодавен дом го задржаа називот „собрание“, се разбира, на нивниот јазик, (Сабор – Хрватска, Скупштина – Србија, Народно собрание – Бугарија). Изразот парламент најмногу е застапен во државите на Комонвелтот, односно во поранешните британски колонии, а од европските држави го користат Италија и Романија, како и Европската Унија, која своето највисоко законодавно тело го нарече Европски парламент. Другите земји си имаат називи карактеристични за нивниот јазик или традиција, како што се Бундестаг во Германија, Дума во Русија, Сејм во Полска, Рада во Украина, Кнесет во Израел, Конгрес во САД и така натаму. Не верувам дека некој политичар во Германија би се осмелил својот Бундестаг да го именува како германски парламент, особено не од клупите на Бундестагот.

На крајот да не бидам погрешно разбран: не тврдам дека сум сто отсто во право кога укажувам на неуставните термини – парламент, парламентаризам, парламентарци во македонската политика, иако знам дека едно е закон, друго жаргон. Нивната употреба, сега пред изборите, а и потоа, не е забранета, но не е препорачлива. Не, барем за оние што ги пишуваат законите, ги изгласуваат и ги спроведуваат, ако ги спроведуваат.

[email protected]