Смртниот спокој на Македонците

Мислам дека Македонците никогаш не биле толку анемични и рамнодушни кон сопствената судбина. Во малцинство се тие што не се. Дај Боже да грешам, ама силни се знаците што го говорат спротивното. А токму сега ние треба да се бориме до последниот здив за одбрана на Името ако не сакаме да бидеме на крајот колектив, народ на безидентитетски европски и НАТО-мртовци

Малку е страшен насловот на нашата денешна колумна, драг читателу. Да. Ама е безмилосно дијагностички. А, кој е и каков е тој спокој? Тоа е спокојот на Македонците седнати пред телевизорите и во кафеаните, растрчани по супермаркетите и зафатени со досуредување на становите и викендичките, стуткани во скудниот живот што капе капка по капка, сосредоточени на елементарното задоволство, што и не е сепак мала доблест. Тоа се вика скромност, а може да се дефинира и како богатство во сиромаштијата. Толку. Но зошто е, сепак, тој спокој смртен. Затоа, драг читателу, што и тој речиси совршено се вглобува во идентитетската смрт со која и однадвор (Брисел, Вашингтон, Атина) и однатре (нашата марионетска влада) е цврсто опколен. Неговиот колективен идентитетски ковчег полн со смрт е добро осмислен. Треба уште да се спушти сè уште отворениот капак. И толку. Гробот од Букурешт 1913 година всушност не е ни затворен за нас, како што мислевме. Тој сега го чека новиот македонски мртовечки ковчег на смртта, надевајќи се со неговите гробари дека ќе биде последниот. Оти гробарите знаат дека Македонија и Македонците имаат вампирски квалитети, па и по закопот излегувале да ги плашат за сопствен ќеф нив. Тие сега му подготвиле спектакуларен, дури свечен (оти сакаат некрофилски свадби) погреб на македонското Име. Името на „столченото племе“ како што го дефинира него Блаже Конески, на кого, кога размислувам за МАНУ не можам да му најдам достоен адекват од нејзиното основање до денес.

Дијагнозата ја поставивме во насловот на колумната. Сега нешто повеќе за болеста, која како феномен (не само биолошки како што мислиме) српскиот поет Бранко Миљковиќ ја смета за помудра од здравјето. Да, ако и здравјето, како во нашиот македонски случај за кој станува збор, е болест. Како и што е всушност. Оти хамлетовската дилема: дали е поважен ситниот егоистички од колективниот идентитетски живот, и по цена на најголема саможртва, ние ја решивме како што стојат работите во полза на првиот нејзин став, без да мислиме на нашите синови, ќерки и внуци што доаѓаат од иднината и кога ќе стигнат тука не ќе знаат ни кои се ни што се. Да. Токму така, драг читателу. Оти, што мислиш, зошто во архаичните магиски култури примитивниот длабок човек давал, in medias res, поправилен одговор на таа дилема од нас. Тој неа дури не си ја ни поставувал, бидејќи не бил шизофрено битие каков што е човекот на модерната култура, какви што сме сега посебно и ние Македонците. Тој бил совршено магиски интегриран со животот и космосот.

Имено, затоа и ја знаел големата тајна на Името за која сме ние и глуви и слепи. Знаел дека Името, како на племето така и на индивидуата, има свето значење. Знаел дека е тоа најевидентниот носител во животот што извира од него. Токму затоа, поаѓајќи од ова длабоко интуитивно спознание, тој на новороденчињата им давал две имиња: едното вистинско, а другото лажно. Вистинското било носител на животот и како такво се криело како најстрога тајна. Зошто? За да не го дознаат и да не го усмртат лошите сили. Затоа тоа не се изговарало и него во длабок молк го знаеле, и чувале, само родителите. Наместо него, од таа причина, во оптек, за комуникација се користело лажното име.

Ете каква света почит кон Името имал примитивниот човек, кој во однос на човекот на модерната материјалистичка цивилизација е неспоредливо подуховен, бидејќи знаел што е архетип и да се изразува со симболи. Неговиот однос кон Името како есенција и света содржина на нештата и светот го покажува тоа. А каков е нашиот, на Македонците, однос кон него. Со исклучок на еден помал број, речиси никаков за мнозинството. Не претерувам. Со цела низа факти може да се илустрира тоа. Последно: на неодамнешниот митинг организиран од страна на СУМ против преименувањето, пред Собранието во Скопје беа собрани одвај неколку илјади граѓани. Да имаа, пак, таков или сличен проблем Албанците ќе се собереа сто илјади.

Капа симнувам. Тоа е вистината, па Заев, Димитров, Бејли, Гарет и другите хиени на македонскиот идентитет можат мирно да си ја тераат работата. И толку плански ја тераат, што не знам дали до излегувањето на мојата колумна во „Нова Македонија“ со отстреланото Име нема да биде веќе спуштен и потрупан тој во гробот. Таа калварија, таа голгота се одвива со брзина на светлината. И затоа бев многу, бескрајно многу тажен на митингот на СУМ. Тажен оти знаев дека Македонците турнати, и по своја вина, во апатија седат, додека трае протестот, пред телевизорите или во кафеаните, рамнодушни, мислејќи дека има кој да мисли за нив. Како да им е сеедно дали нема веќе утре некој од ќеф, само за да ја задоволи суетата на Саломе (Европа и Атина) слично на Ирод (сега во улогата на Заев и Димитров) ќе му ја отсече за крвавиот танц на злото главата на Името. Името што ја симболизира душата на народот, кој потоа обезглавен како жив мртовец ќе талка низ обесвестената Европа. Тоа ли е вашиот идеал, ај да ви се обратам в лице, Македонци што сте седнати пред телевизорите додека некои протестираат и го креваат до Господ гласот за одбрана на Името, за да го спасат сопствениот народ од идентитетска смрт. Кажете! Писатели, интелектуалци, академици, универзитетски професори, уметници, музичари, филозофи…

Речиси и дека не видов некој од нив на протестниот собир. Па и цели дваесет и осум години, од 1900-та наваму, еве, иста е ситуацијата со нив. И, конечно, што фајде има народот од нив, такви, посебно во еден исклучително трагичен и судбински историски миг каков што е сегашниот? Речиси никакво фајде. Ингениозниот самоук галичанец Ѓорѓија Пулевски не беше интелектуалец, но заврши голема работа. Пред две столетија тој удри царски печат на идентитетот на племето што го родило. Патувајќи со својот просветлен откровенски дух по културно-цивилизациската патека на својот род тој го откри неговиот праизвор – античка Македонија. А многу наши интелектуалци сè уште мислат дека како некоја наезда на неидентификувани комарци, сме дошле тука од некои темни мочуришта зад Карпатите.

Тоа. Општо земено, по сè изгледа дека има две сорти луѓе за проблемот за кој зборуваме: едни што се борат, а други што чекаат да бидат ослободени, иако многу од нив не знаат што е тоа слобода, ниту со својот поданички менталитет се чувствуваат убаво и безбедно во неа. Да. Оти за тоа треба да се поседува поголемо количество самосвест и храброст. Оти слободата не трпи седење пред телевизорите и кафеаните и обожавање на супермаркетите, егоистичка ситнодушност кога е загрозен колективот и евидентно изведен на идентитетско губилиште. Оти оваа закана се однесува сега само на Македонците и само тие можат да се одбранат од неа, но под услов да не ја одбегнуваат и да излезат од дувлото на својата малодушност и евтин конформизам. Што мислат таквите Македонци, комотни до бескрај, дека поплавата што носи сè пред себе ќе ги однесе само оние што излегле чесно и храбро да се спротивстават, а нема да затропа и на нивните врати. Се лажат. Нека се сетат на она што им го рече Исус на оние што нема да бидат будни кога Тој ќе дојде: нека не се поместуваат од местото кај што заспале, оти е доцна и оти го промашиле, не бдееле над сопствената судбина и не се подготвиле за спасението. Да. Тоа е одлична, поучна парабола и за Вас Македонци, седнати пред телевизорите и во кафеаните, кои не ве интересира идентитетската угроза и смрт на сопствениот народ. Маките и гибелта, до физичко истребување, кое не еднаш сме го искусиле од соседите и „цивилизирана“ Европа, дури и потоа следуваат. А да ја чувствувате катастрофичната поплава што е на дело, но вие слепи при очи не ја гледате, ќе се сетите и на параболата со Ное пред потопот, кој изградил брод со кој го спасил, насукувајќи се на Арарат, не само своето семејство, туку и сите видови животни, птици и сорти семиња, обновувајќи го животот по катастрофата предизвикана од развратот и ситнодушниот егоизам на човекот, кој, како и ние сега, заборавил на светите вредности во кои спаѓаат и татковината и родот, нивното Име и божествен идентитет.

Заклучок: нашите Македонци со ситнодушен конформизам и рамнодушност кон катастрофата што бучи над нив, немаат никаква идеја на брод од поплавата, ниту имаат во срцето Арарат на кој ќе се насука тој. Добро, ќе речеш, драг читателу, дека од филозофски аспект рамнодушноста и може да биде ефикасна како некој вид одбрана од неблаго наклонетиот свет и судбина. Прифаќам во извесна мера. Можеби таа е дури и со контемплативен квалитет за филозофите. Можеби и Лао Це и Конфуциј биле рамнодушни во таа смисла. Но тоа е друг тип рамнодушност, на која како таква можеби треба да ѝ побараме друг израз, но рамнодушноста на Македонците кон сопствената идентитетска смрт не е од тој квалитет. Нивниот смртен, речиси мртовечки спокој кон сопствената трагична судбина сега не може со ништо да се оправда. Мислам дека Македонците никогаш не биле толку анемични и рамнодушни кон сопствената судбина. Во малцинство се тие што не се. Дај Боже да грешам, ама силни се знаците што го говорат спротивното. А токму сега ние треба да се бориме до последниот здив за одбрана на Името ако не сакаме да бидеме на крајот колектив, народ на безидентитетски европски и НАТО-мртовци. Јас знам дека на Заев, Димитров, Шеќеринска и другата „легија на странци“ во татковината им е сеедно. Сеедно име е и на пратениците-Македонци во парламентот што го изгласаа деструктивниот закон за двојазичност, а ќе ја изгласаат без око да им трепне и смртта на Името. И, од какво глуво семе само се зачнати тие, се прашувам драг читателу, оти сега ми иде во свеста оној знаменит стих на Блаже Конески ставен во устата на Прличев од истоимената поема во која тој вели дека и нашите (македонските) гробови ќе се борат со нив, гробарите на Македонија. Да. Но тоа се гробовите на чесните и храбрите Македонци, кои не го жалеле ни својот живот за татковината, и гинеле како млади момчиња пред да ги допре женска рака, девственици како што ги вика пак Конески. А тие што ги спомнав погоре од Владата и парламентот! Какви ќе бидат нивните гробови? Според она што ѝ го замислиле и што ѝ го прават на татковината, повеќе од веројатно е дека ќе бидат за презир на нивните внуци. Оти мора да дојде на свет од иднината едно чесно и храбро македонско поколение, по ова денешното, гнило.