Служењето и слугувањето како форма на владеење на комуњаризмот

Кога сѐ ќе се собере и одземе, македонскиот комунизам бил само илузија, недофатна и далечна фантазија што постоела само во главите на една мала група идеалисти. Реално, комунизмот и комунистите во Македонија никогаш не оствариле власт. Никогаш. Ако ги погледнеме предводниците на октомвриското востание од 1941 година, оние што реално ја кренале револуцијата, застанале на чело на партизанското движење, а подоцна учествувале во конституцијата на македонската држава од Првото до Второто заседание на АСНОМ, најголемиот дел од нив се мали буржуи, интелeктуалци и студенти од побогати семејства.
Кога се зборува за буржоазија во Македонија, треба да се имаат предвид обемот на општественото богатство во Македонија и објективниот капитал на тие капиталисти од крајот на Отоманската Империја, па сѐ до периодот меѓу двете светски војни. Тоа се главно занаетчии и побогати селани во првобитна акумулација, чии деца веќе не се задоволувале само со тоа да имаат куќа, обилна храна, модерна облека и понекоја пара во џебот. Тоа се веќе осознаени, освестени и желни за себепромоција на овој свет како различни од блиските или сличните на нив. Така афирмацијата на македонството и сопствената проекција како Македонци им биле природна и неделива потреба. Со развојот на капитализмот се развиваат и нациите како форма на заедничка припадност кон нешто посебно од другите. На крајот од сѐ, тоа се единствените образовани луѓе.

Образованието во отоманска Турција и во тогашните протокапиталистички држави Србија, Бугарија и Грција било приватна работа и пристапот до него бил ограничен со финансиската моќ на тој што сака да се образова. И во 1946 година започнува ловот на белата буржоазија, кревање обвиненија за непостојни престапи и кривични дела, судски процеси, затвори, прогонства и конзулства. За три години, од судирот на Ченто со Темпо и Тито, па сѐ до крајот на неуспешната колхозоизација на Македонија по примерот на Советскиот Сојуз, кога е спроведена брутална национализација на сѐ што вредело „пет пари“, општествениот простор го заземаат селски деца, чираци и калфи што ги мразеле мајсторите и газдите каде што работеле, ја искористиле можноста за класна и човечка одмазда, па им ги приграбиле имотите. Тоа биле бескрупулозни полуписмени селани, кои секогаш, по инстинкт знаат да препознаат можност за себеси и сервилно да се подадат на новите господари, служејќи на идеја што ниту ја разбирале, а ниту имале потреба од тоа да ја разберат. Во 1949 година во Македонија, со силата на тајните полиции ОЗНА и УДБА е инсталирана управа, која била необразована и примитивна, но подготвена на сѐ, зла и одмаздољубива кон сѐ што мисли со својата глава и носи конфекциска облека, шешир на глава и кожени чевли. И така е конституирана новата класа, псевдокомунисти, неписмена дива орда што ќе биде приучена да владее и управува во вечерните школи на партијата на власт. Во недостиг од квалитети, квалификации и компетенции да бидат творци на комунизмот, ги претвориле во консументи на комунизмот во форма на комуњари, а нивното владеење како диктатура, во која себеси ќе се скријат зад пролетаријатот, за многу брзо да се проектираат како црвена буржоазија.
Толку е целата приказна. Комуњарите, дури и да сакале не можеле да бидат комунисти. А ниту имале потреба да создадат сопствен простор за прифаќање на таа идеја. Доволно било тоа што се подготвени да служат.

Таа нивна единствена содржина, тој нивен единствен квалитет, низ годините на комуњаризмот го развиваат во систем за приспособување кон новите идеи и новите господари што ќе им овозможи да ги преживеат Коминтерната и нејзиниот крај, задругарството и неговиот крај, раѓањето и пропаста на колективизмот, подемот на педесеттите и расплетот во шеесет и осмата, турбулентните седумдесетти и новиот устав од седумдесет и четвртата, распадот на федерализмот и единството и раѓањето на национализмот, крајот на државното управување и работничкото самоуправување, пропаста на социјализмот и инаугурацијата на либерализмот, распадот на Југославија и формирањето на Македонија, почетокот и крајот на транзицијата, војната од 2001 година и пропаѓањето на Македонија, конституирањето на Северна Македонија, нејзиното привремено постоење и нејзиниот очигледен крај, во немилосрдна подготовка за нови договори и транзиција во нова форма и содржина на некоја идна држава и идеја на која се подготвени да ѝ служат. Комуњарите инсталираа комуњаризам не само како форма на владеење туку како форма на опстојување, развој и господарење со другите, во општа мимикрија на нивното наводно селанство, работништво и солидарност. Врвот на таа лага е сегашниот премиер, кој е типичен претставник на последните селани комуњари, кој и покрај етаблираноста како милионер и немилосрден капиталист, лидерува со социјалдемократска, псевдолевичарска партија, која на членовите и симпатизерите им се обраќа со „другари и другарки“.
Ете ја целата историја на комуњаризмот, неговата суштина, но и неговата сила да преживува и метаморфозира според потребите на господарите, идеите, времето и настаните. Нема како да не разбереме дека комуњарите никогаш не се симнале од власт, а комуњаризмот никогаш не бил посилен од овој момент денес. Неговата моќ да се бори против сѐ што го загрозува неговиот примитивен, примордијален облик на постоење како паразит што опстојува само ако има од каде да се храни и преживува, е толку силна што во предворјето на денот на изборите, кога ова го пишувам, треперам од страв да не и овој пат преживее и продолжи да ја цица енергијата на сѐ што е здраво и квалитетно, на сѐ што има каква и да е сила да се бори против најголемото зло што некогаш го нападнало овој народ.

Доколку комуњарите и комуњаризмот не бидат наскоро збришани од општествената реалност, не на неговата површина, туку во ткивото на земјата, на нацијата и на државата, сосема е јасно дека ќе пропаднеме во ропство на комуњарите и комуњаризмот. Најпосле, влегуваме во осмата деценија од нивното владеење. Се раѓа четвртата генерација Македонци што се господарени од комуњарите. Сосема е нормално, ним ова да им биде „прифатливо“ и да не прават отпор кон силата што ги победила и господарела со нивните прадедовци, дедовци и родители. Ние имаме такво искуство и такво минато со византиското, отоманското и владеењето на балканските држави врз нас.
Се плашам дека единствениот излез новородените Македонци ќе го побараат во иселувањето, во заминувањето од Македонија. Ќе биде тоа природен процес на губење на идентификацијата на новите Македонци со Македонија и со македонството како идеја. Тој процес е веќе започнат и комуњарите интензивно го поддржуваат. Не знам како може да се запре, освен со нова идеја, со нов идеализам, кој може да се роди само од пепелта на комуњарството и комуњаризмот. Најпосле, тоа што триесет години не можеме да излеземе од транзицијата и не можеме да конституираме одржлива сегашност и да проектираме реална иднина е затоа и само затоа што ние не ставивме крај на комуњаризмот како форма на владеење.
Комуњаризмот нема своја суштина, свое објективно постоење и нема природна потреба да се себеинаугирира како одделно општествено битие. Неговата идеја е служењето на друг систем, паразитирањето во најздравите делови на друг организам што ќе го храни и брани. Сегашната јавна манифестација најлесно може да се разбере низ нивната панична борба на доминација во идејата за Европа, која ќе доставува храна, и НАТО, кој ќе ги брани од други паразити. Комуњарите и комуњаризмот како општествен паразитизам, како едноклеточен и примитивен организам, не можат да се развиваат во посложен вид на општествено организирање и постоење, па така ние, како последица на паразитската суштина на комуњаризмот не можеме да конституираме, развиеме и утврдиме нација и држава. Развојот и конституирањето на државата се манифестираат преку развој и конституција на нејзините институции.

Тој процес, кој е насочен кон тоа да престане да ги храни и одржува паразитските делови на општеството со крајна цел по еволутивен пат да ги исфрли општествените паразити, постојано е саботиран, опструиран и растуран токму од комуњарите и комуњаризмот. Тие многу добро знаат какви се опасностите од формирањето функционална држава, демократија и либерално општество. Таму тие немаат храна. Тоа е нивната смрт. Затоа и не дозволуваат развој на Македонија и нејзино конституирање во функционална држава со институционално владеење на најдобрите.
Во неколку обиди Америка и Германија се обидоа да воспостават, организираат, кадровски да оспособат и исфинансираат формирање и опстојување институционална демократија низ владеење на правото. Но во сите три обиди се откажуваа на половина пат, свесни дека тоа ќе ги наруши нивните позиции во Македонија. Американската државна администрација и германската тајна служба сфатија дека, освен кај комуњарите, немаат друг сојузник во идејата за растурање на Македонија како унитарна и национална држава на Македонците. Затоа Америка и Германија, за жал, сѐ ми се чини, неповратно се откажаа од идејата за воспоставување правен поредок и демократија дури и во Македонија, затоа што немаат интерес од тоа. Инаугурацијата на либералната економија и демократијата се патот кон уништување на комуњарите и комуњаризмот од причина што тоа подразбира озаконување на правото на власт на слободното интелектуално мнозинството во земјата. Тоа се фактите и тоа е природната даденост на комуњарите и комуњаризмот што се родија и израснаа од општествениот тоталитаризам на Југославија, а во овие триесет години, немилосрдно и докрај ја исконсумираа и Македонија, која беше и сѐ уште е тоталитарна држава. Нивната предаторска моќ немилосрдно ги уништува и последните витални центри на Македонија. Логично е да сме слабокрвни. И да немаме сила да се браниме кога сме нападнати од бесни и гладни за човечко месо паразити. Тешко дека ќе имаме друга шанса за преживување, утврдување и опстојување на мапата на слободни и демократски држави и нации. Сега, или не знам кога пак.

Авторот е режисер и универзитетски професор