Слово за кражбата

Ако крадете многу и во одбрано високо општествено друштво, не сте крадец; ако крадете малку и ако крадете во улично друштво, тогаш сте. Обична денешна лицемерна перверзија

Настанот се случи неодамна, во една мала српска црква, пред мои очи. Бев сам внатре и ја гледав бочната фреска со Марија Египќанка и Зосима, зашто ми требаа визуелни детали за еден есеј. Во црквата влезе една старица со модри полукругови под очите. Се прекрсти на влезот, ја бакна иконата на света Троица, погледна во мене како да сака да се увери дека сум „отпатувал“ во мислите, а потоа замина десно, да ја бакне и иконата на Христос. Зад неа, речиси на прсти влезе еден човек со кожена чанта префрлена преку рамото. Го регистрирав и него со крајот на окото. Старицата се наведна, ја бакна иконата на Спасителот, и (ова го видов) со брзо движење на десната рака ја грабна банкнотата од 50 динари (наши 25 денари) оставена крај иконата. Потоа тргна лево, кон иконата на света Богородица. Банкнотата веќе не се гледаше во нејзината цврсто стегната тупаница.

Човекот со чантата почна да вика: „Веднаш да сте го вратиле ТОА таму! Веднаш!“ Старицата рече дека не сфаќа за што зборува човекот. Но, тој инсистираше и ја кореше, велејќи дека треба да се засрами. Таа повтори дека не разбира што зборува тој, но тој се декларираше како клисар и рече дека со денови ја следи и дека гледа сè. Потоа ѝ заповеда да ја отвори десната тупаница. Таа ја отвори, доказот се покажа, но старицата го изненади збеснатиот клисар со една спокојно изговорена реченица: рече дека тоа е нејзина педесетдинарка и дека се готвела да ја стави на иконата на Мајката Божја. Тоа ја прелеа чашата кај касиерот-клисар, кој ме погледна, и како да бара сојузник, се нафрли врз старицата со најпогрдни зборови: дека е крадец, дека треба веднаш да излезе од црквата и никогаш повеќе да не влезе. И не знам зошто, во тој миг, иако бев сведок дека старицата ја зеде банкнотата, во мене се роди гнев кон клисарот. Не му дадов никаква поддршка, ни вербална, ни со поглед. А старицата, пак, ја стави спокојно парата на иконата од Богородица и рече: „Колку имам, толку оставам“. И си замина. Клисарот остана фучејќи со носот, а потоа ги собра сите пари од иконите. Потоа ги крена иконите, ги крена кадифените покривки на пиедесталите, и јас првпат видов дека тие пиедестали, на кои народот ги целива најголемите светии, се всушност обични каси: поклопецот им се крева откако ќе се отклучи, а од внатрешноста се вадат сите пари што биле протнати низ процепот на касата. Каси, како во „Веро“, само дрвени.

Останав повторно сам во црквата, откако касиерот ги напика сите пари во својата чанта. И се прашав: дали воопшто видов кражба?

Се сетив на романот „Клетници“ на Виктор Иго и на неговиот Жан Валжан, кој заработи пет години робија поради кражба на една векна леб, со која сакаше да ги нахрани седумтемина гладни деца на неговата сестра. Уште при читањето на романот се прашував: дали кражбата на леб или на лек е воопшто кражба? Или барем – дали е еднаква кражба со тендер-кражбите на модерниве луѓе? Или со класичното ограбување банка со оружје? Зошто оваа старица „присвои“, и тоа од никој друг туку од Спасителот на сите луѓе (!) – 50 динари, ако не – за да спаси некого? Со тие пари може да купи само два ѓеврека за внучињата; за лек не станува збор. Очигледно беше дека старицата нема поим од кражба, зашто кога би била вешт крадец, би се качила во автобус и таму би присвоила нечиј паричник со далеку побогат плен. Дали дошла кај Христос сметајќи дека кој од него зема – не краде? И конечно, зар Црквата не служи како подадена рака Христова, која треба да ги храни гладните, наместо парите да завршуваат во некоја попова чанта?

Дали, кога би се пишувала една историја на кражбата, би можело да се заклучи дека најстрогите казни секогаш ги добиваат оние што крадат најмали вредности? Дали секогаш страдаат ситните риби, а крупните криминалци никогаш? Точно ли е (или е лицемерна схоластика) дека кражбата е кражба, без разлика на сумата? Точно ли е дека кражба си е кражба, без разлика на намената на парите? Па Ленин КРАДЕШЕ од богатите (и уште ги убиваше), правдајќи се со „виши“ цели (праведно општество). Жан Валжан, пак, украде леб за да ги нахрани дечињата на сестра му. Ленин стана славен, а Валжан заврши во затвор. Хитлер крадеше злато и уметнички слики, дури и златни заби од убиените Евреи, за да продолжи со војната. Оваа старица, пак, крадеше од Христос, сигурно со добра цел. Исто ли е второто со првото? И од каде оној касиер-клисар знае дека тие 50 бедни динари не биле оставени од некој човек токму со мисла да се нахранат гладните и да се излекуваат болните?

Да не се лажеме: и со поимот на кражбата се проституираме, како и со другите темелни вредности. Капитализмот не е ништо друго туку легализирана кражба. По тоа, тој не се разликува од легализираната проституција. Капитализмот е општествено верификувана кражба на туѓа крв и труд. Но таа кражба не се санкционира, зашто има премолчена лиценца да биде кражба во име на некаков ХУМАН поредок; кражбата на старицата, пак, се санкционира вербално. „Касиерот“ се закани дури и дека ќе повика полиција, што ќе беше комично, зашто ако повикаше, полицијата ќе требаше да му побара фискални сметки за секој прилог оставен на иконите. Заклучок: ако крадете многу и во одбрано високо општествено друштво, не сте крадец; ако крадете малку и ако крадете во улично друштво, тогаш сте. Обична денешна лицемерна перверзија.

И сосема за крај, воопштено до космогонија: не е ли кражба и да се продава нешто што не си го произвел со сопствен труд? На пример, зошто плаќаме вода? Кој ја произведува водата, „Водовод“? Никола Тесла пропадна поради капиталистите, кои го сметаа за луд, зашто сакаше да направи безжичен пренос на БЕСПЛАТНА електрична енергија за сите на планетата. Победи Едисон, зашто реши струјата (која не ја создал тој) да ја пропушти низ броила, да ја измери и да ја наплаќа, исто како и други капиталисти водата. Само уште воздухот никој не го наплаќа, зашто има проблем: никој не може да знае колку пати сум вдишал денес. Но поголемиот проблем е во тоа што јас и издишувам: значи, го враќам потрошеното, така што и да ми стават броило на носот, резултатот ќе биде нула-нула. Инаку, ќе беше – „Плати, инаку ќе кажеме дека крадеш воздух!“ Толку.