Слово за Данило

Нѐ напушти чист човек, тивок и мудар интелект, филозоф и книжевен критичар, кој не им судеше на луѓето, а во нивните книжевни дела ги бараше само добрите страни; за лошите не говореше. Човек кого го интересираше само убавината – и на човекот и на уметноста. И човек кој, покрај своите триесетина книги, нѐ остави зад себе и нас, неговите ученици и пријатели. Зар е тоа малку?

Има луѓе што во овој живот изгледаат како да се пратени од некој друг свет и како да се од таму и платени, па овде не им треба плата. Луѓе што си ја завршуваат својата работа овде тивко, а потоа тивко и си заминуваат таму од каде што дошле. Еден таков човек си замина минатата седмица: Данило Коцевски. Не само мој пријател туку и пријател и духовна поддршка на целата моја книжевна генерација. Без него и „Разгледи“ немаше да нѐ има, и немаше никој да знае за нас: за мене, за Блаже Миневски, Славе Ѓорго Димовски, Братислав Ташковски, Ерол Туфан, Цане Ризески, Драган Крушкаровски…
Сите што го познаваа знаеја со каква неовдешна радост се радуваше секогаш кога ќе сретнеше некого што го познаваше. Тоа беше радост како првпат да го гледа човека, како да станува збор за прва средба со светот. Тогаш гледаше долго, долго, право во очите на човека (со оние питоми и секогаш таговно насмеани детски очи) и држејќи ти ја дланката долго, повторуваше: „Еееее, од кога не сме се виделе“.

Како да не можеше да му се насити на оној што го сретнал. Како да сакаше да ја испие сета убавина на средбата меѓу човек и човек, како да сакаше да каже дека сме многу слепи штом не ја гледаме секојдневната среќа од тоа што се познаваме, што сме се погодиле во вселената на исто место во исто време и што можеме барем да се поздравиме.
Сите ние што се занимаваме со некој занает знаеме дека најтешко се спојуваат професијата и етиката. Тоа е така затоа што професијата многу бргу ја раѓа суетната идеја за успех и кариера, а од друга страна, треба да се мисли и на другите од истиот занает, особено на помладите. Кај Данило етиката и професијата беа исто. Кариера не постоеше. По образование беше филозоф, а долго време се занимаваше со литературна критика. Беше и француски студент, но малкумина знаеја за тоа, затоа што Данило никогаш не се фалеше со ништо. За него прво нешто беше, пред да се избере професија, да се биде добар човек. И, како и добриот филигранџија, никогаш не ги криеше тајните на својот занает од оние што беа заинтересирани за учење. Постојат егоцентрици што многу знаат ама ништо од тоа не споделуваат, загледани само во својот пат кон врвот, кој обично и го достигнуваат: надворешниот да, но внатрешниот – никогаш. Да се освои надворешниот врв значи да се биде подобар од другите, но освојувањето на внатрешниот врв значи да се биде подобар од себе. Тоа е надминување себеси. А се сеќавам дека имав дури и професори што криеја книги од студентите, зашто од тие книги предаваа.

Данило беше, во таа смисла, од нетукашен сој: прво му даваше на другиот, па преку туѓиот успех, на кој искрено му се радуваше, и тој се чувствуваше исполнето. За завист не знаеше. Напиша многу литературна критика, но пишуваше и проза и драма. Преку списанието „Разгледи“, на чие чело стоеше едно време, промовираше неколку генерации тогаш млади, а денес зрели писатели.
Нему му должам, лично, многу, како и на уште два-тројца луѓе од нашата култура. Покрај информации за книги и писатели, му должам една голема животна ука, до која, колку што можам, се придржувам. Тоа е – да не ме растажуваат покуди, ниту да ме возгордејуваат пофалби. Невозможно е да се помине низ животот и низ професијата а да не се добијат удари. Данило нѐ учеше дека, кога е кажано нешто лошо за нас, не е важно ШТО е кажано, туку КОЈ го кажува тоа. Лошиот суд за нас треба да нѐ загрижи не толку кога доаѓа од учен, колку кога доаѓа од добар човек. Нѐ учеше да не се гневиме, да не стануваме суетни, туку да си го тераме својот пат. Еднаш му однесов мој полемички текст во кој жестоко се бранев од човек што беше објавил статија против мене, без аргументи а со многу омраза. Го прашав за мислење. Го прочита и рече: „Одличен е, но јас не би го објавил да сум на твое место“. На прашањето „Зошто?“, одговори: „Тој сонува за ова. На слама не се фрла дрво. Ѝ го продолжуваш огнот што брзо ќе згасне“.

Таа негова етика беше очигледно блиска до православието, но Данило, колку што помнам, никогаш за себе не рекол дека е верник; можеби и не беше, ама беше подобар човек и од многу „верници“ што ги познавам. Никогаш со ништо не се гордееше и многу малку зборуваше за себе. На промоцијата на неговиот „Одисеј“ во нашето родно Куманово, откако со пофалби говорев за романот, ми честита и рече: „Не претерувај. Ништо, откако веќе е создаден светов, не заслужува пофалба. Освен… пивото“. И заминавме на дружење.
Данило секогаш се дружеше со помладите. Неговата генерација го почитуваше тајно, иако не му се воодушевуваше многу јавно. Тој со почит се однесуваше кон неа, таа слабо му враќаше. Читаше многу, следеше сѐ од сите генерации, и посебно, беше „ловец“ на млади имиња. Се радуваше кога млад човек ќе му дадеше ракопис, за мислење. Многу ми е жал ако денешниве млади немаат свој Данило. Ќе им биде многу потешко да си го најдат уметничкиот пат (не велам „славата“, туку оној сопствен уметнички пат што те прави среќен). А што е најстрашно, нема ни да знаат дека им е тешко.
Кога минатиот вторник ја прочитав веста за заминувањето на Данило, ме обзеде тага. Ја препрочитував веста неколкупати, како да се надевав дека ќе се промени: за жал, тие скрбни вести се, како и некои криптографски компјутерски фајлови, заклучени за натамошно „едитирање“. Но тоа не беше само тага по него, туку и по сите нас. Прво не можев да сфатам зошто. Но тогаш забележав дека во сите вести за Данило стои прво дека е „хроничар на Скопје“, а потоа и „писател“. Стоеше, исто така, дека е погребан во кругот на семејството, без јавна почит. И тогаш сфатив од каде таа тага по нас – ние него (освен оние што го познаваа лично), генерално земено, ниту го видовме, ниту го запознавме, особено како писател, затоа што го сметавме само за критичар. И затоа што беше тивок. Тоа што во последно време беше хроничар на старо Скопје, со серијалот во „Нова Македонија“, беше само едно од неговите многубројни писателски и човечки лица. И тоа негово занимавање со старо Скопје не беше „ексклузива“ или пат до слава (а многумина му завидуваа што како кумановец „се сетил“ да пишува за старо Скопје и да биде славен барем во рангот на „скопска легенда“), туку БЕГСТВО од неподносливото дрдорење на светот со изместени вредности.

Претпоставувам (го немав сретнато одамна) дека избега во времепросторот на старо Скопје (кое ни го оживуваше), само затоа што таму имал работа со ненарушени вредности. И кога ни откри дека Жан Пол Сартр бил во Скопје и спиел во хотелот „Бристол“, сакаше да ни каже дека не знаеме ништо за себе, дека не можеме да си ја знаеме ни вредноста ако прво не знаеме кои сме и што сме. Данило, едноставно, не можеше да живее во свет со расипана вредносна терезија, свет во кој пердувот тежи колку и ѓулето, како што самиот напиша еднаш.
Нѐ напушти чист човек, тивок и мудар интелект, филозоф и книжевен критичар кој не им судеше на луѓето, а во нивните книжевни дела ги бараше само добрите страни; за лошите не говореше. Човек кого го интересираше само убавината – и на човекот и на уметноста. И човек кој, покрај своите триесетина книги, нѐ остави зад себе и нас, неговите ученици и пријатели. Зар е тоа малку? Затоа и можеше така спокојно и ненајавено да се врати таму од каде што пред 73 години беше пратен во мисија, во наша Македонија, не многу гостољубива кон ваквите луѓе…