Слободна тема

За време на деловниот но опуштен разговор за соработка во редакцијата на „Нова Македонија“, по објавувањето на првите две колумни минатата пролет, ми беше доверен простор во весникот за редовна неделна колумна без ограничувања во изборот на темата. Со други зборови, ми се овозможи да пишувам слободно и на слободна тема, на „пловидба“ на отворено, без зададени координати на уредувачката политика, се разбира, воздржувајќи се притоа од каков било говор на дискриминација.
Но уште пред да ги напуштам просториите на редакцијата, ја почувствував „неслободата“ од доверената слобода и „сидрото“ на слободната тема. Иако отсекогаш сум ги сакал слободните теми, дури и кога не биле предвидени, се трудев да ги избегнам кога беа дарежливо допуштени. Слободата обврзува. Големата слобода тежи повеќе.

Како поткрепа на последново, се сеќавам на една изнудена слободна тема на писмена работа по македонски јазик во гимназија. Вообичаено, професорот навестуваше четири можни теми, од кои на часот се нудеше можност да се избере од две зададени. Темата што ја претпочитав беше и единствената што ја подготвив, но не влезе во изборот на мојот професор Кумбар. Нејсе, одлучив да пишувам токму за неа.
За ваквата исклучителна смелост очекував (со право) барем мала воспитна корекција на оценката надолу, но, на мое изненадување, не само што ја добив вообичаената оценка туку бев и јавно (пред класот) оправдан за оваа смелост во име на изминатиот труд. Секако, тогаш почувствував инстантно олеснување, но набргу истото тоа го засени мала засраменост. Тоа беше срам од слободата што си ја доделив по налог на нужноста и со тоа (денес тоа го гледам појасно) го заложив претходниот труд, но, најважно, на тој начин несвесно ги дискриминирав моите сокласници, неслободни барем за чинот на смелост.

Никогаш повторно не се осмелив на таков чекор, а мојот професор, иако ја награди мојата слобода, ме задолжи со неслободата од доверената слобода. Оваа исповедна случка ја користам како метафора за доверената слобода во „Нова Македонија“ да пишувам за неслободата. Еднакво како што сум обврзан со дадената слобода од земјата во која сум роден и живеам, Република Македонија, да пишувам за нејзината неслобода, која не е ништо друго туку неслобода на нејзиниот народ.
Најпосле (и најточно) – неслобода на човекот.

Има ли подобар избор на слободна тема од тоа да се пишува за неслободата? Особено кога полесно се посега по трговија со доверената слобода отколку по (до)ослободување од сопствените неслободи. А човековата (не)слобода е отворен чин. Драма што ќе заврши само со спуштање на завесата на човештвото. Дотогаш, (не)слободата останува основна причина за случување. Тема. Впрочем, сите битки на човекот, со голи раце, со мастило, четка или длето, се дело на еден порив за ослободување од секаков вид деспотизам и ослободување на креативната енергија во човекот. Листата на нашите (не)слободи е, за жал, бескрајна, па, така, и денес социјалната држава е „слободна“ од социјалната правда, општеството на еднакви можности е „слободно“ од можноста за еднаквост, судството е „слободно“ од арбитерство, власта е „слободна“ од служба на народот, градовите се „слободни“ од чистиот воздух, селата се „слободни“ од селани, градинките се „слободни“ од деца, тешките индустрии се „слободни“ од филтри, лесните индустрии се „слободни“ од синдикати, работникот е „слободен“ од резултатите на трудот, трудот е „слободен“ од цена, цената е „слободна“ од вредност, вредноста од чест, а честа од човекот, или беше обратно?

Минатото, откако најпосле се ослободи, повторно се „ослободува“ од својата слобода, сегашноста пак се „ослободува“ од минатото, а иднината… иднината ќе нè „ослободи“ од сè, освен од себеси, и ќе нè „натовари“ со заштедената неслобода на грбот на нашите идни неслободници. Нашите несреќни жиранти.

Една од ретките професорки што останаа „неслободни“ од совеста на општеството ќе напише: „Битката за Македонија е (и) битка за човекова слобода, право на избор на сопствената среќа, слобода да се биде различен, слобода да се биде наспроти мнозинскиот став. Ако ова го жртвуваме во текот на оваа битка, сме изгубиле сѐ!“
Битката не е само македонска. Се протестира и во Будимпешта и во Париз. Протестираат академски мантили и жолти елеци. Интелектуалци и маргиналци. Оспорени и обезвреднети. Заборавени во правичната распределба, но незаборавно прекумерно оданочени.

Елисејските полиња горат, но не од покачениот данок на горивото, тој е само иницијална каписла на пожарот од она што долго и тивко согорува под притисок. Жолтите елеци се претставници на сиромашната Франција, оние со најнизок доход, на маргините и на дното. Гневните и скршените. А нив ги има секаде каде што најслободно салутира „слободната“ рака на неолиберализмот, онаму каде што голата дарвиновска политика како да се дојде и остане на власт, се оддалечила со светлосни години од политиката како уметност на можното.

„Тешка одговорност ги притиска политичарите, кои се исцрпуваат во обидот да ја намалат температурата, не трудејќи се воопшто да го идентификуваат вирусот…“, ќе забележи Доминик де Велпен во „Здивот на Европа“, еден нетипичен политичар, мислител и дипломат, запаметен по бурниот аплауз во Советот за безбедност на ОН по говорот за ирачката криза, барајќи го патот што води кон враќање на автентичните вредности во државата – слободата и благосостојбата, преку поставување вистинска дијагноза и соодветно вистинска терапија.
Тешка одговорност ги притиска и македонските политичари и тежи потешка неодговорност.

Македонија (сепак) ќе преживее: како тема во слободен пад или како тема за една предадена слобода. Како светилник на предупредување од погубен гребен или како споменик на едно погубно свртување. Но се прашувам која ќе биде темата на ова време во времето што доаѓа? Ќе опстои(ме) ли на балканскиот крстопат како мост меѓу цивилизациите или само како меѓник на нивните судири? Ќе ја проголта ли голиот консумеризам на неолиберализмот или ќе вивне од догорчето на идеалот? Ќе умееме ли да го завртиме тркалото на храброста, иницијативата и одговорноста? Ќе се осмелиме ли да ја промениме терапијата по мера на дијагнозата или ќе ја уважиме непроменливоста како единствено можна и подложна единствено на дијагноза и терапија од страна?

Можеби најопасен е молкот на оние што рамнодушно го одмеруваат сведувањето на политиката на заведување и илузија. Во нивно име „прашува“ Велпен зошто да се осмелуваме и воопшто да се обидуваме кога „…сѐ изгледа загубено, зошто да се тргне маската кога моќта е шагринска кожа и кога земјата чекори кон залезот?

Впрочем, да се зборува, значи да се умре под ударите на ордата конкуренти што го пожелуваат местото и кои повикуваат на неспособност, на немоќ, на резигнација, на откажување… Тоа значи ризик да се предизвикуваат големите додворувачи, грабливци, набљудувачи, цензори, заговорници, кои живеат од власта и околу неа, а се обидуваат само да ги зачуваат своите позиции или да учествуваат еден ден на бедната гозба…“

Што и да решиш, македонски народе, секогаш ќе ја имаш темата на Блаже Конески: („Тема“) „Ги нема, значи – биле. Па, тоа не е лоша тема! И јас сум бил штом ќе ме снема.“
Така, и ние сме биле штом ќе нè снема! Но тоа, се надевам, не е наша тема, а ова е сепак само една слободна тема.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)