Слободата не се должи на поединецот, туку на колективната волја на народот

Многумина велат дека Илинденското востание не било успешно и дека не ја постигнало својата цел, но сите тие ја забораваат суштината на македонската револуција, која всушност беше револуција во умот на Македонецот

За Илинден и неговото значење се напишани можеби илјадници страници, но малкумина го обгледаа психолошкиот момент, кој се покажа како трајна вредност во натамошниот развој на македонскиот национален дух. За што точно говориме? Ќе направиме мала дигресија и ќе ги разгледаме мислите на француско-рускиот филозоф Александар Кожев, еден од најголемите толкувачи на Хегел и Карл Маркс во 20 век, за слободата и ропството, за робот и ропскиот дух.
Кожев вели дека сите човечки антропогенетички желби – желбите што ја создаваат самосвеста, човечката стварност – се, конечно, функција на желбата за признавање. И ризикувањето на животот, преку човечката стварност, излегува на виделина, е ризик во име на таа желба. Затоа, за да говориме за потеклото на самосвеста, нужно е да говориме за борбата за признавање – до смрт. Според Кожев, средбата на т.н. прв човек со друг човек довела до жестока битка во која учесниците го ризикувале сопствениот и се стремеле да го натераат другиот да го признае. На крајот од оваа битка настанала врската помеѓу господарот и робот, кога едниот решил да се потчини на ропскиот живот наместо да се соочи со насилната смрт.
Робот, потчинувајќи му се на господарот, станува предмет, средство за задоволување на потребите на господарот. Всушност, робот не е човечко суштество во вистинската смисла на зборот, бидејќи не поседува гордост, самопожртвуваност, идеализам, несебичност, храброст и чесност. Со други зборови, поседува ропски тимос, односно нема чувство за вреднување на нештата.

Да се навратиме на значењето на Илинден. Гоце Делчев, апостолот и срцето на револуционерна Македонија, многу јасно ја согледал главната револуционерна задача – да ги осветли сите општествени средини, да ги запознае со планот на Внатрешната организација, да докаже дека борбата за слобода е далеку од денот на востанието. Долга упорна борба, по патот на револуционерното воспитание, треба да се води, за да може народот – роб сам да крене востание за своето ослободување. Затоа апостолот велеше: Јас сакам револуција со граѓани кадри да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, делото на ослободување на еден народ е пред сѐ негово сопствено дело, Внатрешната организација не се стреми да им дава оружје на луѓето туку да го разбие нивниот дух.
Делчев не се ограничил само на чист популизам и со своите дела го разбивал ропскиот дух на Македонецот. Не случајно Ѓорче Петров вели: Свештеник не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување, како што Гоце ја бакнуваше својата кама пред да ја стави во нејзината футрола… Гоце ја опеваше камата како оружје на теророт во Организацијата и дејствуваше со неа како агитатор… Камата како најсигурен инструмент на двојна смрт (убиство и евентуално самоубиство) дејствуваше без грешка и како симбол на самоувереност беше предодредена да игра и воспитна улога за создавање кај работниците дух на самоувереност и саможртва, затоа Делчев ја засака, ја избра и ја претпочиташе пред револверот.
Многумина велат дека Илинденското востание не било успешно и дека не ја постигнало својата цел, но сите тие ја забораваат суштината на македонската револуција, која всушност беше револуција во умот на Македонецот. Во текот на една деценија, апостолите на македонската револуција макотрпно работеа кон разбивање на ропската психологија на македонскиот народ. Ако се водиме според дијалектиката на Кожев, може да ја утврдиме вистината дека Македонецот поради петвековното ропство не бил човечко суштество во вистинска смисла, Македонецот бил роб, кој не поседувал гордост, самопожртвуваност, идеализам, храброст и сѐ така до бесконечност.

На крајот да одговориме на прашањето дали Илинден навистина ја постигна својата цел. Одговорот му го оставаме на Ѓорче Петров, кој ни пренесува една интересна приказна од Илинденското востание: „Дедо Стојан од селото Орланци (Кичевско), со ‘рѓосан јатаган на појасот ги придружувал востаниците селани. Кога силната потера од војска наближила, а востаниците се повлекле, тој останал назад, бил стигнат од едно одделение војници, на чело со еден млад офицер. Офицерот, гледал со љубопитност и заповедал да не го убиваат, туку жив да му го донесат. Дедо Стојан вртел со јатаганот налево и надесно кога сакале да го фатат, а кога се уморил, го фатиле. Го подбрале нагоре по патот, а тој во еден погоден момент се втурнал по надолницата да бега, пак го фатиле, а по арогантните одговори, офицерот му рекол дека со камен ќе му ја скрши главата како на змија. Му ја ставиле главата на еден камен, а војник со друг камен стоел над него. Наместо молба и аман, дедо Стојан извикал: Удрете, бе кучиња, јас и да умрам не жалам, штом се дигна востание, и земјата ќе ви ја земеме!“