Слеп е оној што не сака да види

Пред неколку дена бев на очен специјалист. Најверојатно нема човек на возрасни години што нема проблем со диоптријата, со видот. Имам два-тројца пријатели на околу 80 години со кои дебатирам на темата кратковидост – далековидост, но не како очна дијагноза, туку како поглед на животот, на политичката ситуација во државата и на вреднувањето на политичарите во актуелниот кадровски распоред. Ете, тоа ми даде скромен повод на читателите да им понудам едно неполитичко четиво за очите, кое не е ниту медицинско. Испреплетено е со симболи и алузии што секој може да си ги прима и да си ги толкува на свој начин, односно според тоа како што читателот сам ќе ги види.
Со очите се поврзани разни феномени, многубројни визуелни доживувања и сензации од слики, со нив може да се видат сите животни убавини. Како што може да се видат и грдотиите и нарушените оптички слики. Не треба човек да е стручњак за да знае дека разните очни болести ги поматуваат претставите, ги изместуваат од фокусот и со самото тоа создаваат лажни слики за природата, понекогаш и за човекот, дури и за неговиот карактер. Најчести облици на нарушување на видот се кратковидоста (миопатија) и далековидоста (хиперопија). При кратковидост луѓето ги гледаат матно оддалечените објекти, а во близина гледаат релативно добро, а при состојба на далековидост предметите што се блиску не се гледаат јасно. Просто речено, далековид е оној што го гледа она што е далеку, а не го гледа добро она што е блиску, а кратковид е оној што убаво гледа пред себе, а матно гледа или не гледа сѐ што е подалеку од него. Не гледа подалеку од носот, што се вели пејоративно.

Според тоа, има луѓе кратковиди, други далековиди. Неретко се случува оној што е кратковид на очи да биде далековид во животот, оној што со очите гледа далеку, со мислата, со умот, да не мрдал ни половина метро. Во некои племенски заедници очите биле предизвик за голема почит. Имено, таму кај нив, оној што имал најголеми очи, кој бил најокат, кој гледал најдалеку, бил сметан за најпаметен, најхрабар и бил избиран за водач, тие биле главните критериуми за високиот избор и искажување најголема доверба.
Во слични рамки се и симболичките обележја оживотворени во практиката. За далековид се смета оној што може да ги предвиди идните настани и последиците од некоја работа, од некоја акција, од некоја донесена поголема или помала одлука. Таа подобност му се припишува на оној што носи нови идеи и предлага решенија што се покажуваат за исправни и ефективни на краток и на долг рок. Таквите во политиката го добиваат статусот на визионери, тие се одбраните што нештата и општествата ги движат напред. За разлика од далековидиот, кусогледиот на работите во животот гледа на кратки патеки, негова филозофија е „купи ден помини“. Некој до крајот на животот останува кратковид, никогаш не ги согледува ширината на сликата, суштината на околината и луѓето околу себе, што не е само судбина туку може да биде и инает, често споредуван со магарешки. Магарешки, магарешки, но и магарешкиот инает е човечка особина, не може магарето да достигне степен на инает што може да го постигне човекот.

Друга карактеристична појава е – диоптријата, односно дуплото гледање, што не е само офталмолошка дијагноза туку и честа политичка состојба. Зборот „диоптрија“ потекнува од два грчки збора – од око и од дупло, што значи дека диоптрија е кога очите гледаат двојно. Клиничката слика кажува дека дуплото гледање на работите може да биде константно или повремено, при гледање на далечина или во близина. Може дупло да се гледа само со едното, а може и со двете очи, да излегуваат дупли слики и врз основа на тоа да се носат дупли, по правило неправилни заклучоци.
Преку дуплото гледање се создава лажна перцепција за предметите, извртена слика на работите и на настаните што се случуваат. За такви појави луѓето се сведоци кога гледаат или слушаат некои бројки, некои резултати што ги изнесуваат политичари, кои кога нешто е позитивно до трипати го дуплираат, а кога е негативно тродупло го заматуваат. Оние што не страдаат од диоптрија се чудат како некои политичари при здрави очи, без перде на очи, дуплираат богатства без око да им трепне. Дуплираат скандали, афери, коруптивни постапки и дупло напредуваат, иако во ниеден момент не покажале зрелост и доблест, а ниту знаење и далековидост. Затоа пак граѓаните плаќаат дупла цена. Нема потреба да се докажува дека најтешка форма на очно заболување е слепилото. Постојат повеќе видови слепила. На пример ноќно, таканаречено кокошкино слепило, кога сѐ на човека и преку ден му се стемнува. Има снежно, слепило за букви, слепило за разликување бои (далтонизам), како и слепило за паметење човечки лица, тоа е онаа ситуација при која сто пати да ги видиш нема да запомниш како изгледа тој или таа, кога ликовите ти бегаат како низ магла. Ај да речеме дека тие се слепила од физичка природа.

Но има и духовно слепило, општествено слепило и слепило на умот, појави за кои не треба некое големо објаснување, иако секоја за себе може да биде посебна тема. Има и слепило кон промени кога човек не може да се снајде која е промената, зошто е направена, кому му служи и кој ќе заработи од неа.
А старечкото слепило? Се знае дека очната далековидост доаѓа со годините, што медицински е точно, но старите од самозаљубеност заслугите на способноста за далековидост им ги припишуваат колку на очите толку и на искуството што го стекнале во животот. Низ легендите слепите се симбол на старечка мудрост, гаталците и јасновидците што ја претскажуваат иднината се најчесто слепи. Скулптурите што го покажуваат слепиот Хомер се симбол на патувачките поети, рапсоди и трубадури, на легенди што го движеле светот и биле во потрага по божјата светлина.
Кога се зборува за слепилата тука неизбежно треба да се нареди и политичкото слепило, не само како општествена појава туку и како општествена болест. Политичкото слепило е специфично, зашто тоа е состојба кога гледаш, а се правиш дека не гледаш, односно не гледаш дека не гледаш. Тој феномен, кога не се забележуваат, не се нотираат, не се земаат во обѕир или кога се игнорираат очигледните работи, кога на она што се гледа со голо око му се гледа под око, во новите политички теории се дефинира како „намерно слепило“.

Намерното слепило придружено со новинарското слепило сѐ повеќе станува синдром на модерната политика дури и во традиционалните општества, а како што се гледа не ја одминува ниту Македонија. Не случајно се вели: „Не е слеп слепиот, неписмениот, неучениот. Слеп е оној што не сака да го види (увиди) она што сите други го гледаат“.
Ако сакате и народски гледано, не се слепи само оние што вистински не гледаат, послепи се оние што гледаат, а се прават дека не гледаат. Да се биде слеп за едни значи да не се познава стварноста на нештата, да се негира очигледноста, значи да се биде луд, чуден, неодговорен. За други слеп е оној што не го препознава лажливиот изглед на нештата околу себе и во светот, не ја гледа вистинската реалност, иако таа знае да биде таинствена, длабоко скриена или умешно камуфлирана. Неретко теоретски е сецирана психологијата на масите низ примери на идеолошка или харизматска заслепеност од феноменот на водачите, царевите, кралевите, лидерите. Масата не само што миже туку чувствува слепа љубов, станува слепо орудие на владетелите, слепо послушна и е слепа за нивните грешки. Од друга страна, низ историјата, политичкото слепило на водачите заталкало многу народи во слепа улица, ги донело до слеп ѕид или до раб на бездна. Не малку се примерите на царства и држави кога политичкото слепило било да било поединечно, групно, колективно или национално, им нанело поголеми штети од сите други општествено негативни појави, предизвици и опасности.

Одамна се поставува прашањето зошто луѓето, во помала или поголема мера, се склони слепо и поданички да го следат авторитетот на некој водач, (на царство, на држава, на политичка партија, на бандитска, мафијашка група и слично) и идолски заслепени да бидат подложни на манипулации, да веруваат во секоја негова лага и измама. Одговорот обично се бара низ историјата, која нѐ учи дека луѓето често настојувале да бегаат од вистината, дека свесно бегале кон незнаење и лаги за да врват во животот побезболно. Подготвени да се огрешат во својата совест, да се прават дека не го гледаат тоа што го гледаат иако јасно го гледаат. Не се само македонски изреките: „И слепо и сакато тргна по него“, „Меѓу слепите тој со едно око е цар“, „Пази (брани) боже слеп(о) да прогледа“. Иако има и контрапоговорка што не е од мало животно значење, која вели: „На слепото пиле Господ му го прави седелото“. Сепак, како вечна, предупредувачка порака на оваа тема е Исусовата што ја знаат, или би требало да ја знаат христијаните. Исус предупредил: „Кога слепец води слепец, и двајцата ќе паднат во јамата“.
Апостол Павле кога ги гонел христијаните се викал Савле. Откако на пат кон Дамаск ослепел, а потоа прогледал го сменил името, станал Павле. Тој Павле е оној Павле што го рашири истото христијанство низ светот благодарение на кратката слепост и роденото визионерство. Значи, има, има надеж и слепите да прогледаат и да тргнат по вистинскиот пат.

[email protected]