Скопје град-држава, во една улица

Се разбира дека има повозбудливи теми за пишување деновиве, но јас не можам да го одминам моето родно Скопје или барем дел од него, а конкретно во моментов возбудувањата на улицата Аминта Трети и слични на неа, густо проткаени низ градот и низ станбените блокови. Влез во кафеана, залепен до влез во зграда. Во минатото, тие две, „институции“ биле строго одвоени една од друга, бидејќи не одат една со друга. Семејни и кафеански вредности не се совпаѓаат во светот. Секогаш се трудам да го споредам Скопје со друг град, но во последен момент, сликата некако ми бега. Не е можно, град-престолнина, кој постои 2.300 години, да не е пред стотина други града во светот.
Неодамна гледав документарен филм за Битола и за битолската чаршија, бележит белег на Градот на Конзулите од османлискиот период до денес. Тогаш постоеле стандарди: една улица – ден занает. Ти треба нешто тенекиено, одиш во улицата на тенеќеџиите, со десетина дуќани и мајстори за тенекии. Улица на ќуркчиите, ти треба кожувче за зима, одиш во улицата на ќуркчиите. Ти треба самар, одиш на улицата на самарџиите. Ти се безделничи и ти се припило кафе, треба да одиш во ,,Дембел чаршија“ каве-хане. Ако си гладен, одиш во мех-хане. И сите тие овие заедно прават – чаршија. Ова истото го имам доживеано, патувајќи низ светот. Замислете го Токио (на јап. источна престолнина), најголемата метропола во светот и главен град на Јапонија, класифициран како алфа+глобален град, како Њујорк и Лондон. Наедно е и седиште на императорот. Градоначалникот Наоки Иносе има грижа за 14 милиони жители и за 39 општини, распоредени по региони на неколку острови, на кој е најголемиот Хоншу. Како и битолската чаршија во османлискиот период, така и денешен Токио е поделен на реони (населби) – квартови. Бизнис-квартови, трговски квартови, административни квартови, центарот на младешката култура Шибуја, трговската улица-кварт Гинза. Округот на престолнината Токио во себе ги содржи и префектурите Канагава, Сајтама и Чиба и тие заедно го образуваат т.н. Големо Токио, на чија територија живеат 35 милиони жители или 26 отсто од населението на Јапонија. Само лошото време ги пренасочи Американците да ги истресат атомските бомби врз Хирошима и врз Нагасаки, инаку тие биле наменети за Токио. Јас отседнав во бизнис-квартот Шинџуку, во хотелот ,,Шинџуку принц“ длабоко под рецепцијата се наоѓаше метро-станица. Уште во Скопје, синот ме замоли да му купам посилен бас, за музичкиот систем. На рецепцијата ми рекоа дека електроника се продава само во Акихабара. А Акихабара е кварт оддалечен 55 км од Шинџуку, небаре Скопје – Велес. Бев љубопитен, но и исполнителен татко, не сакајќи да му објаснувам на синот дека басови за музичкиот систем нема ,,во првиот дуќан до мене“. Се спуштив од рецепцијата, на метро-станицата и на информативната табла на перонот убаво пишува и на јапонски и на англиски: Акихабара, подвлечено со портокалова линија. Ти само треба да одиш по портокаловата линија до перонот, каде што секоја минута фрчат вагони. Кога се отвора вратата, ако на прагот има портокалова линија, тогаш тоа е твоето метро за Акихабара. Се симнуваш на станицата по 55 километри, каде што убаво и на јапонски и на англиски пишува Акихабара, подвлечено со портокалова линија, и се најавува на јапонски и на англиски јазик.

За споредба: знаете ли колку е комплицирано за јапонски турист, сам да ја посети Матка и да се врати во хотел? Ако земе такси, парите нема да му стигнат само до Матка. Се разбира дека има забава во Токио, само треба да одите во квартот Гинза. Ако сакате забава, ноќен живот, во Сиднеј, одите во Кингс Крос: ноќни клубови, ресторани, кабареа, секс-шопови, секс-клубови, бордели, хотели за ,,краток престој“ во полуосветлени улици, коцкарници и сите други лудории за луѓе на кои не им се спие во текот на ноќта. А ноќта е време за спиење, дури и во Австралија.
Се разбира дека од секој град, особено главен град, 10 отсто од населението или гостите во него, не можат да спијат и имаат потреба од ,,ноќен живот“. Да ве потсетам на атинската Плака (гр. шега, мајтап) е цела една населба под атинскиот Акропол (гр. акрос – тис полис, Акрополис) периферија на Атина, ечи од забава, музика, кршење чинии и чаши, на тие што им е до забава или не им е до спиење. Кој сака ,,жешка“ забава оди малку понатаму, по улицата Пиреас, таа води до Пиреа, каде што има ,,црвени фенери“. А ,,северната Венеција“ – Амстердам со кофишоповите и ,,црвените фенери“ привлекуваат речиси 4 милиони туристи годишно. Но немаат ништо заедничко со Амстердам во кој се спие. Кому не му се спие, оди таму, но тие не се во соседниот влез, туку сериозно одвоени од семејните квартови и живеалишта. Не верувам дека не сте го посетиле Париз, а во Париз „Пигал“. Плоштадот „Пигал“, во 9-от арондисман (округ) го добил името по Жан Батист Пигал, францускиот скулптор од епохата барок. Во 19 век тука се собираат уметници, сликари и писатели. Денес плоштадот „Пигал“ е познат по секс и по стриптиз-клубовите, кабареа и ноќен живот. Во Солун кому не му се спие оди во Кала Мариа (гр. добрата Марија) на 25 км од градот и таму до рани зори, живее во ноќта. Солун за тоа време, спие. Само моето родно Скопје е некоја ,,урбанистичка“ попара во која се измешани луѓето, институциите и проблемите. Замислете, сега скопските ,,црвени фенери“ не се повеќе пред ,,Бристол“ туку пред МРТ и МВР, веднаш до МАНУ. Или многу блиску до закрилничката на Скопје св. Богородица, веднаш спроти универзитетскиот комплекс „Св. Кирил и Методиј“ и универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“. А кафеани и кафетерии на секој чекор и до секој влез. Јас знам дека на 10 отсто ,,скопјани“ не им се спие, тоа се 65.000 желни за забава, алкохол и ноќен живот, но верувајте на другите 600.000 жители, многу им се спие, особено ноќе, особено по полноќ. Така е и во Токио и во Сиднеј 90 отсто од жителите, ноќе спијат. Исто е и во Солун или Скопје или во секој град.

Знам дека постојат пијалаци ,,коктели“ и многу од нив се вкусни опијати. Но ,,коктелот“ од станбени комплекси, згради или куќи, покрај кои се залепени кафеани и ноќни клубови е најблаго речено ,,нездрава комбинација“, а со вкус воопшто нема допирни точки. Бескрајно невкусно и нездраво е да живееш ноќе, кога тебе ти се спие. А Сончевиот систем и планетите функционираат така, со милијарди години. Никој не може да ги нарушува природните закони – од ноќта да прави ден. Тоа е како во иста тегла туршија, кисели краставички и пиперки, да ставаш суви кајсии и сливи. Тие се одвоени категории, туршија или компот, секогаш во одвоени тегли, никогаш заедно. Освен тоа, сѐ е во нездрави димензии и количества. Не се води сметка ниту за волуменот на садот, во кој се става туршијата. Се разбира дека треба да бидеме во чекор со светот и Скопје треба да има забава и ноќен живот. Но не во Скопје, туку надвор од него, како што е вообичаено во преостанатиот свет. Се прават комплекси за забава и за ноќен живот, а каде што има живот, нема спиење. Еден скопски хотелски бренд повеќе не прави ноќни забави и свадби. Причината е што еден гостин ѝ се пожалил на хотелската корпорација, чија марка го носи скопскиот хотел, дека имал непроспиена ноќ, поради свадба во текот на ноќта, до еден часот по полноќ. Корпорацијата му исплатила на гостинот голема сума пари за една непроспиена ноќ во хотелот, во Скопје. Хотелот никогаш повеќе не организираше свадби и забави, што не е вообичаено за скопски хотел. Тоа, засега нема да му се случи на некој станар или на куќен совет, некој да исплати сума за непроспиена ноќ. Простете за скопските тривијалности, но за сериозните теми и проблеми, Република Македонија, ни остануваат уште шест месеци. А Скопје е престолнина на проблематичната Република Македонија и во него живеат една третина од жителите на државата.