Скок во вера (или како да се кренеме од смртта) 1.

Каква честитка и подарок, со што да те дарувам и утешам, драг читателу, на прагот на новата 2020 година? Оти секоја нова година, пред да влеземе во неа, застанати на прагот, во митски контекст е микростолетие, или и микромилениум, секогаш на работ од смртта и животот што надоаѓа со непознатото. Да. И секогаш тој премин од старата кон новата година по дефиниција е есхатолошки: над него лебди сликата на крајот на светот од кој сепак треба да се родат Новиот Живот и Новиот Човек. Да. Па, така, сега застанати на работ меѓу старата и новата година, драг читателу, сме утопистички расположени, пред сè опфатени со копнежот и мислата за преродба на Македонија и на Македонците во неа, оти само тие веќе повеќе од година се ставени во длабок замрзнувач во идентитетска северномакедонска гробница. Ставени се според антрополозите во најстрашната од сите видови на смрт. Ставени се во неа од сопствената влада и парламент. И нема надеж. Оти што можат да очекуваат и во новата година Македонците од нивниот премиер, кој среде Атина им рече на Грците („срцем светци, ликом волци“ – Прличев) дека сме познати по тоа што крадеме туѓа историја. На Грците, кои во 1948-та со помош на бомбардерите на мрачниот Черчил ги исчистија Македонците од родните огништа во Егејска Македонија, од која сега таму се меси и се јаде крвав леб. Една Гркинка, Анастасија Каракасиду, чесна, храбра и доблесна, докторира во Америка на таа тема со сјајната дисертација, преведена како книга и на македонски, „Полиња од жито и ридови од крв“. Тоа за премиерот. А не е поинаков ни новиот (северно)македонски претседател, кој најсветиот македонски револуционер и визионер Гоце Делчев, без да му трепне око, го прогласи за етнички Бугарин, фрлајќи го во прегратка на бугарската хиена.

Да почнеш да крикаш од очај. Колку и да звучи тоа парадоксално, денес, како никогаш досега не била побезнадежна македонската историска и егзистенцијална ситуација. Направено е најголемото историско злосторство врз Македонците за време на нивното неколкумилениумско постоење колку што се знае за него, чии траги во континуитет пред сè ги следиме во најважниот религиски, историски и антрополошки документ на западната цивилизација Библијата. Од Ное и Јафет до денес. Злосторници на овој мрачен потфат се, како што би рекол Пол Целан, „мајсторите на смртта“ од Брисел и од Вашингтон, заедно со нашата квислиншка влада на премиерот Заев и парламентот. Заев кому отсега па натаму до Армагедон и крајот на светот му е обезбеден епитетот најголем предавник и злосторник на Македонците.

Тоа е фактичката состојба, драг читателу, добро знаеш. Туку сега битното прашање за нас е како да ја преживееме и излеземе од гробницата на идентитетската смрт во која нè ставиле. Како да излеземе, оти тие, како што гледаш уште повеќе, и понатаму ќе нè докусуруваат, ако треба и со глогов колец, за да не се повампириме оти се плашат да не ги фатиме за врат и да им ги исцицаме нечистата крв и совест. Има ли тука решение и која е спасоносната формула за тоа? Можеби тоа е, иако изгледа на прв поглед невозможна, формулата на Исус, со која тој смртта ја победи со смрт. Оти не еднаш во историјата, имено, сме ја искусиле и испробале токму таа мартирска формула. Сме ја искусиле и испробале по многу Беласици и земање на виделото за да нè стават во мрак и непостоење. Од битие во небитие. Сега се чини дека тој смртоносен удар врз Македонците е најстрашен и најсеопфатен во гибелта. Тој само со еден удар ги брише знаците на нашата меморија, на нашиот необјатно голем културно-цивилизациски имот. Дури и шахтите од канализацијата нашите глупави домашни ликвидатори ги стругаа за да го избришат шеснаесетзрачното сонце, без да знаат дека тоа свети на едно сега за сега безбедно место, во душата на темелните Македонци. Иако тие посегаат и по неа. Идејата на мајсторите на смртта е да се избрише секој знак на автентичното македонско постоење, да нема повеќе Македонци, туку само некоја безлична маса на мутирани суштества во генлабораторијата на западниот и балканскиот Сатана. Антихрист!

Тоа е мрачната идеја, драг читателу, и на домашните мајстори на смртта на чело со Заев, Димитров и другите македонски смртоносци од нивната влада и парламент, алатка со која европските сатрапи сега го завршија она што не им успеа со Букурешкиот договор од 1913-та. И, што треба да правиме сега, турнати во идентитетска мртовечница? Ти велиш да се потпреме на трпението и надежта типични супстанции на македонската колективна душа. Да. Но јас не сум за тоа, не дека сум нестрплив и песимист, туку дека од светата тријада вера, надеж, љубов, надежта е послабиот елемент, пасивниот и манипулативниот, со кој теолозите секогаш најлесно ги тешат несреќните христијани. Од таа, пак, тријада, според мене (бидејќи љубовта како прв божествен принцип / агапе се подразбира сама по себе), најмоќен и преобразувачки елемент е верата. Таа е, да се изразам со битниот Хајдегеров поим, веројатно и најмоќната егзистенцијалија на битието. Јас тука само би додал: и трансцеденталија. Таа што може него да го ослободи од оковите на кое било ропство и закана и да го изведе во просторот на Слободата. И тоа не е, драг читателу, онаа омлитавена вера што со полууста ја делат теолозите, туку онаа изворната што ја заборавиле тие што ја нудат, Исус и апостолите. Верата што, шопенхауеровски речено, е синоним за сеопфатната искра на волјата. Самиот Свет Дух, кој е здивот на животот во сè, оној што, како што вели Бог на едно место во Библијата, ако повте да го повлече него сè ќе издивне и умре. Ако ја знаеме по Исусовото воскресение историјата на верата на апостолите, ќе видиме дека таа е моќна енергија што е употребена како елан витал за будење и преобразба на стариот и дотраен во Нов Свет, како и на стариот во Нов Човек. Тој што се вклопува во основната идеја на Исус за менување на светот, на што во модерна Европа се потсетија Ниче и експресионистите. Тие ја сонуваа смртта на дотрајната и втоната во разврат Вавилонска дама само и само со единствена цел: да се роди како феникс врз нејзината пепел Новиот Човек и новата цивилизација. Оти, како што велеше и Стринберг, и ѓубрето не е за потценување, бидејќи од него никне цвеќе. Да. Но Исусовите апостоли се и пред Стринберг, Ниче и експресионистите. И пред Француската револуција и Просветителството, затоа што дејствуваа не со изумот на месје Гилотен што сече глави за просперитет, туку со изумот над изумите на нивниот учител – Љубовта. Тој со кој меѓу научниците особено посветено се служеше и Тесла, и затоа го осветли човештвото, оти и Бог првиот од шесте дена на создавањето на светот, имено, ја создаде Светлината, најбитниот елемент на Љубовта. Апостолите го разбраа сето тоа, оти не беа глупави како нашиот премиер и влада, и за да ја остварат таа света идеја го прифатија принципот на саможртвата што пред нивни очи на Голгота го демонстрира нивниот учител. Оти, без саможртва нема преобразба, нема воскресение од смртта. Тоа, имено, сега треба да им е јасно на Македонците, кои, како што вели народната песна, другите ги знаат, а самите не се знаат. А веќе е ред да се самозапознаат и да ѝ речат едно големо НЕ на гибелта во која се фрлени. Да не се самосожалуваат туку да дејствуваат со својот агон за Апсолутна Слобода, која го овозможува единствено оној „културен натпревар меѓу народите“ што беше визија и за кој сонуваше и Гоце Делчев, кого нашиот недоветен претседател ни го претстави, без срам и перде, како етнички Бугарин, за што ни во смртта нема да биде упокоен како што треба и претставен пред лицето на Господ, откако ќе биде измерена секоја прашинка, секој квант и кварк на неговиот (анти)морал на вагата на Страшниот Суд, нека се подготви, заедно со Заев и Димитров за тоа. Па и оние осумтемина ништодуши и кукавици купени како Јуда за 30 (односно неспоредливо за многу повеќе) сребреници за да се заврши работата со идентитетска смрт на Македонците.

Сега премиерот на саможртвата на апостолите за да се родат Новиот Свет и Новиот Човек. Имено, сите до еден, освен најомилениот Исусов апостол Јован, кој беше благословен да го види во визија Второто пришествие на Исус, беа маченички ликвидирани. Петар распнат и наопаку на крст итн. Се разбира, пак, во таа храбра саможртвена апостолска чета единствен исклучок е, како што знаеш драг читателу, Јуда Искариотски сега кај нас отелотворен во ликот и делото на премиерот Зоран Заев, чиј дублер во филмот за смртта на Македонија и Македонците е министерот со палеолитски скаменет профил Никола Димитров. За малку ќе речев Димитар Димитров. Но нема разлика, тоа е едно исто: едниот бугароман, другиот гркоман. А и двајцата чеда на егејската трагедија и англоамериканските бомбардери со смртоносните за Македонците напалм-бомби, кои, како што гледаме, ги поштедиле, по еден или по друг случај. За среќа или за несреќа за Македонците? Одговорот е во прашањето што е есенцијално по македонската судбина и јас не треба сега него да ти го разјаснувам, драг читателу. Доволно си интелигентен. Заев и Димитров го носат ликот на Јуда Искариотски. Да, ама има голема разлика меѓу нив и Исусовиот предавник, пред сè на морален и етички план. Оти знаеме како заврши Јуда по предавството во Гетсеманската градина. Така што почна да го гризе црвот на совеста, кој, за жал, им недостига на Заев и Димитров и на сите македонски изроди. Гризан од тој црв и насоне и најаве, Јуда си пресуди на самиот себе за неморалниот престап кон Учителот. Имено, тој, богат со само 30 сребреници за предавството, без да поседува Глобал и полиња со марихуана, си пресуди, богами чесно по идиотското предавство.

Им ги врати 30-те сребреници на фарисеите, кои со нив ја купија нивата на грнчарот во која се обеси, на крајот и со високоморален дигнитет тој. Да. И тоа е, мора да признаеме, драг читатели, етички чин. Чин придружен пред тоа со каење (она што го искуси Каин за убиството со невиниот брат Авел (читај Македонија)). Она за кое се глуви и слепи и Заев и Димитров со нивната квислиншка камарила во власта и парламентот. Тука ги издвојуваме нашите агресивни рамковни браќа, кои само ја продлабочуваат македонската гробница на исчезнување. Јуда сепак, алал да му е, и покрај злосторството над злосторствата, усвои една од најважните христијански, Христови институции: Покајанието. Она што го прифати и спозна и Каин што го уби невиниот Авел. Да, но нашите јуди и каини, Заев, Димитров и другите македонски изроди не застанаа пред прагот на својата совест што ја немаат, и не само што не ги вратија како Јуда ни 30-те сребреници за предавството, драг читателу, туку ги умножија до невидени размери. Такви се тие и сега, спокојни; без мува да ги лази си ја чекаат смртта, оти таа е најправедниот судија, без разлика дали него го измислил Господ или Сатаната. А замисли, драг читателу, да не постоеше таа како ќе ликуваа нашите јуди. Неверојатно! Нивната храброст се состои во тоа што сепак си ја чекаат смртта за која се сигурни, и покрај илузијата на политичката вечност, дека не им бега. Таа и ќе ги дочека, без сомнение, со големо задоволство, иако македонската земја ќе се мурти дали да ги прими како изроди во отворениот гроб. Тоа сигурно. Нека бидат уверени во тоа. Ама работата е во тоа дали тие, изроди и пред да се родат, што не се срамат од животот што го живеат нема како што вели еден лик од „Записите на подземјето“ на Достоевски, а јас и ти драг читателу се согласуваме со него, не само што е срам но да живееш како изрод, предавник на својот народ, туку е срамно и да умреш како таков.

Да. Но нив, драг читателу, мува не ги лази. Напротив, тие ги дотераа Македонците до работ на бездната и ги положија во идентитетска гробница. За таа цел ковчегот ни го скроија од материјалот на смртоносната придавка Северна, која како Освалд Ли Кенеди директно нѐ застрела во главата и нè усмрти. Тоа е тоа, и сега нема место за надежта како пасивно начело на апатија и трпение. Не. Ние сме пред решителен судбински скок, омилениот поим во контекст на судбината и на Киркегард, но не во надежта што е пасивна и безлична, без идентитет. Нашиот македонски скок, сега кога сме ставени во идентитетска мртовечница, драг читателу, не треба да биде скок во надеж, туку скок во вера. Во вера во која се буди и распламтува искрата, нагонот за постоење и опстојување, за искревање над урнатините на смртта што нè поклопила сега. Скок во верата на Исус и апостолите, која е преобразувачка, трансцедентална во основа, а не во онаа на подржавените теолози и црква што се употребува, млитави, денес главно за поддржување на системот на богатите. На либералкапитализмот. Верата против која се побунија нашите богомили што пламнаа од тука до Атлантикот на запад и Москва на север. И затоа бргу-бргу беа заклани од Католичката црква и европските феудалци, авангардата на денешните либералкапиталистички тајкуни. Па и на нашите македонски.

(продолжува)