Скица за портрет на македонската колективна шизофренија (4)

Така, со стек на општествените, социјалните, политичките и психолошките околности, јунговски речено, од содржините на несвесното, од талогот на историската и културолошката меморија во овој веќе тридецениски драматичен историски период на невидени притисоци отстрана и однатре исплови на површина, веќе рековме, психолошката слика на македонското шизофрено колективно битие во која кристално јасно, и покрај сета мимикрија и на едните и на другите, се препознатливи „патриотите“ и „предавниците“, или поисправно одродниците. Нешто што е карактеристично посебно за поновата македонска историја, а кулминира денес со наметнатата криза на идентитетот преку оспорување на нашето автентично историско име. Од двете тие категории, тврдата одродничка струја, и фалшивиот партизиран „патриотизам“ се излачува, иако можеби во малцинство (?), здравото ѓоргијапулевско родољубиво крило, кое би требало колку-толку да ја зацели големата шизматична пукнатина на македонското колективно битие. Иако тоа сега-засега е во доменот, реално гледано, на илузијата. Дотаму се дојдени работите. Оти притисокот не само од соседите, туку и од меѓународните сатрапи на светската пофашизена политика на Брисел и на Вашингтон е мегатонски и одвај поднослив. Со ликвидација на Името сакаат да нè преведат од Јас во Не-Јас, од битие во небитие. Тоа, драг читателу, оти ако се земе текот на најновата историја ќе се види дека во неа час суптилно, а час грубо доминира не хуманистичката туку фашистичката варијанта на владеење.

Присутни се страшни пертурбации во стилот на салто мортале на тој план. Пример: Америка (САД) во Втората светска војна се бореше против фашизмот на Хитлер, но кусо потоа откако тој беше победен таа ги фрли своите атомски бомби (1945) врз Хирошима и Нагасаки, трансформирајќи се на тој начин од антифашистичка, пред тоа, во нова фашистичка сила, која од тогаш до денес бескрупулозно политички и воено го тероризира светот, па не е чудо што и денес, божем дипломатски, е вклучена во нашата идентитетска ликвидација. Втор пример на фашистичка трансформација: Черчилова Англија, која 1948 година со своите напалм-бомби, помогната и од американските бомбардери, геноцидно ги чистеше Македонците од Беломорска Македонија за да ѝ ја поклони на Грција од која до денес таа јаде крвав леб. И така натаму. До бескрај. Големиот историски парадокс: од Германците фашизмот премина кај другите, кај таканаречените, за кратко, антифашисти: во прв ред кај Американците и Англичаните. Купишта фактографија има на тој план. Премина во нешто помал обем и кај некои други, главно членки на НАТО, кое го носи тоа планетарно фашистичко знаме. Впрочем, за да не ми забележиш, драг читателу, дека сум премногу личен по ова прашање ќе те упатам на култниот роман на славниот модерен американски писател Норман Мејлер „Голи и мртви“, а тоа ми го предочи Филип, кој го чита него, во кој еден од неговите главни ликови, генералот Камингс, вели децидно дека Германците се покажале како неспособни за фашизмот, со поента дека тој како систем им е иманентен, имено, на Американците што се фашистички повитални од Германците. Кога сега би пишувал нов роман Мејлер, и кога би бил запознаен со американскиот притисок врз нас да си го смениме името, најверојатно покрај Хирошима, Нагасаки и Сирија и него би го вглобил во модерниот поливалентен американски концепт на фашизам. Тој ќе го земе без пардон предвид идентитетскиот геноцид подготвен од Пентагон во содејство со бриселските ЕУ-сатрапи на тој план. Но тука, сигурен сум, како писател истражувач на суровоста на оваа цивилизација на моќните и богатите Норман Мејлер ќе го вклопи и премиерот Заев, кој заедно со неговата влада и неговите коалициски пратеници е сега всушност најактивен во идентитетската ликвидација на сопствениот народ. Тој веќе сега сфаќа дека него го родил по грешка.

Тоа, драг читателу. Кратко или долго, сепак беа потребни сите овие дигресии што се вклопуваат во македонската трагична идентитетска ситуација, а истовремено и во основната тема на овој есеј за шизофренијата на македонското колективно битие. За жал, историски втемелена во македонскиот ген од проклетилакот на историската судбина, таа денес во денешната ситуација кога стоиме на работ од апсолутната идентитетска смрт со преименувањето е докрај продлабочена од притисокот за таквата неповратна гибел од страна на соседите, но, најболно, и од страна на нашиот/ненаш премиер и неговата влада. Тие сега се петтата македонска колона, колаборационисти со идентитетските ликвидатори на Македонија и на Македонците. Тука станува, рековме, збор за двата основни архетипа што испловија на површина од талогот на историската меморија на македонската колективна душа во зоната на јаството и јасната свест: архетипот на родољубието, освестената љубов кон татковината и родот, проскрибиран како антиквизација од власта и некои наши „интелектуалци со ’француски клуч‘“ за демонтирање на македонизмот, од една, и архетипот на предавството кон родот, на одродништвото од друга страна. Тоа е онаа сорта на луѓе на кои им е сеедно кои се, од каде доаѓаат и каде одат. Важни им се само парите, за кои сите национални и идентитетски доблести би ги продале однапред без да размислуваат. Како што не размислуваат ни сега. Тие не се трудат многу да ги употребуваат мозокот и моралот што ги сместиле во пределот на стомакот и малку подолу. Тие никогаш не ја отвориле да прочитаат нешто од Книгата на срцето, која, рака на срце, за разлика од Истокот Западот одамна целосно ја заборавил и исфрлил од употреба. Посебно во неговата славна епоха на просветителството и бескрупулозниот расцут на агресивниот и антихуманистички либералкапитализам, кој и денес со полн интензитет ја цица крвта на сиромашниот свет во кој, се разбира, сме и ние Македонците.

Е, сега сме во завршната поента, драг читателу. Биди уште малку трпелив. Таа го поставува прашањето кои се тие карактеристични компоненти кај овие два нагласени архетипа на македонската колективна шизофренија. А веќе рековме. Родољубивиот тип (со архе), кој тргна кон генезата како идентитетска основа на неговото постоење, прво, и антиродољубивиот, архетипот на предавството, кој ја негира неа во име на својот некаков си шуплив интелектуализам и материјалистички конформизам. Тип што жонглира футуристички само и единствено со поимот иднина, без воопшто да знае и да спознал што е тоа минато и зошто му служи тоа на човекот и човештвото, доколку истото сака да биде во духовна и психолошка рамнотежа со себе, со околината, но и со космосот како што било тоа случај, имено, во денес заборавените и потценети архаични цивилизации. Првиот, родољубивиот архетип кај нас му се припишува без каква било длабинска анализа во која е вклучена преродбата и Пулевски, на претходниот македонски премиер Груевски и на неговата партија, без разлика што неговите лесно фабрикувани „родољуби“, пред тоа произведувани и во пробугарскиот калап на Љубчо Георгиевски, беа плитки и таа своја партиска „родољубивост“ само ја користеа за егзистенцијални партиски придобивки. Сè тоа, пак, се одвиваше под знакот на еден мошне површен популизам. Но и покрај сите слабости важно е дека со сите свои дефекти тој архетип на психолошко ниво најде одглас кај вистинските родољуби и моќно се кристализира во нивната свест и душа. Посебно тој најде чист одраз и втемеленост кај нашиот едноставен, обичен јуродив народ, колку што останал во селата и другите зафрлени места на оваа земја.

Но, се разбира, своја исклучително плодна почва, драг читателу, кај нашиот крајно разединет народ најде и другиот силно испловен архетип од матните длабочини на историската меморија на македонската колективна душа, архетипот на одродништвото, на предавството, за жал, карактеристичен за од сите четири страни притисканата и парчосувана македонска психа. Сега најмоќната антена на тој негативен архетип е премиерот Зоран Заев со неговата влада, полтронски министри и одродени коалициски пратеници. Тие се сега моќните носители, спроводници на овој по македонското колективно битие болен синдром на автодеструкција. Се разбира тој кај нив е поткрепен и од материјална корист. Премиерот Заев сепак сега тука ја игра главната улога во тоа „будење“ на негативниот македонски архетип на колективно несвесното, кое во својата архетипална теорија таткото на аналитичката психологија К. Г. Јунг го анализира на архетипалните примери на тој план на Хитлер и на Ленин. Кај првиот, според него испловува на површина архетипот на надмоќната раса со кој наеднаш беше маѓепсан и фрлен во транс германскиот народ, а кај вториот (Ленин) архетипот на револуционерниот етос на потлачените кој е повикан да го менува светот.

И, кај е нашиот Зоран Заев меѓу овие два архетипа Хитлер и Ленин на Јунговата психоанализа? Мислам, драг читателу, дека тој имплицитно стреми да ги синтетизира, иако е премал и претесен за нив, двете овие личности: Хитлер пред сè со својата исклучителна, макар и под патолошка маска, фиреровска „посветеност“ на својот народ да го изведе на хоризонтот на светлата иднина, наметнувајќи му ја нему, како и германскиот вожд, без скрупули својата волја за моќ. Притоа, тука, во случајот на Заев, што не е исто со Хитлер, таквата негова апсолутизирана волја во Шопенхауеровски и Вагнеров клуч, е иницирана и зајакната и од таканаречениот меѓународен фактор на Брисел и на Вашингтон, кои го дуваат до непредвидливи размери неговото комплексирано его, фабрикувајќи од еден минорен политички провинцијалец светски лидер. А сè со намера да си ја завршат својата темна работа со Македонија и со Македонците. Самиот Заев притоа екстатично понесен од тоа, слепо верува во мисијата што му ја наметнале и дејствува како робот управуван на копче од своите темни методи, кои јас, драг читателу, веќе не знам по кој пат ги дефинирам со онаа експресивна формулација на Пол Целан „мајстори на смртта“. Оти според сите знаци посебно со нивниот однос кон нас Македонците, навистина се такви и тоа.
Да. Сегашниот македонски премиер во својата шизофрена фасцинација на голем вожд, фирер, психолошки личи на Хитлер, кој навистина, како него, мислел дека е месија, дека му носи непроценливо добро и светла иднина на својот народ, иако всушност му носел само зло и смрт. Кај германскиот фирер во однос на неговиот народ тоа било физичка смрт на неговиот (доколку е негов) народ, под маската на светла ЕУ и НАТО-иднина. Тука некаде, пак, е и психолошката фузија на политичкиот македонски феномен од Муртино и со Ленин (ако го следиме Јунг) како уривач на старото општество и свет и создавање на ново врз неговите урнатини. Тој, пак, нов свет за Македонија и Македонците во слепата лидерска фасцинација Заев го гледа апсолутно некритички во ЕУ и во НАТО, тие што, имено, со години и децении најбрутално ги понижуваат Македонија и Македонците, сметајќи ги за безидентитетски, случајни суштества во историјата и цивилизацијата на Западот.

Тоа е тоа, драг читателу. При крај сме, иако оваа тема бара барем неколку дебели томови простор, и е премала за еден психолошки, феноменолошки и антрополошки есеј каков што е сега нашиот тука. Во него, јасно, како што гледаш нашата цел беше да ја осветлиме колку-толку шизофренијата на македонската колективна душа во сегашната драматична историска ситуација во која целиот македонски народ од нашиот/ненаш премиер на Владата сме изведени на идентитетско губилиште. Тој е сега главниот претставник на македонскиот архетип на одродништвото. Жално и страшно. Ти благодарам што беше трпелив и што беше сочувствителен да ги споделиш со мене оваа душевна болка, јанѕа и несоница за трагичната македонска шизофренија. Само Бог знае кога ќе зацели таа страшна македонска рана.

(крај)