Сите со маски, а не е маскенбал

Во многу случаи во обичниот живот луѓето и без да стават маска се маскираат за да го скријат својот вистински идентитет и да останат анонимни, за да може некого да измамат, да наседнат, да наместат. Има некои што цел живот живеат со маска на лицето, како и многумина други на кои не можеш да им познаеш што е маска што е лице. Има луѓе што често некому и без маска му прават лице, како и луѓе со две лица, а не се учесници ниту на јавен карневал, ниту на приватен маскенбал

Кога на крајот од годината ќе се прави традиционалниот светски избор на ЗБОР на годината, еден од главните фаворити, ако не и конечен победник, ќе биде зборот МАСКА. Заштитна маска. Современата медицина на 21 век, суперсонично развиената медицинска техника и технологија, големите научни истражувачки центри и речиси вселенски опремените лаборатории, немоќни да одговорат на пандемијата, дојдоа до исклучително простиот заклучок во одбрана од коронавирусот – носете маска. Она што не може да се спаси со вложени милијарди, се спасува со едно мало парче ткаенина што не чини ни пет пари. Со заштитна маска, евтина ако ја купиш, без пари ако ја направиш сам од домашно крпче.
Цел свет носи маски, а не е маскенбал. Најголемата маска во овој светски здравствен галиматијас ја носи токму коронавирусот – никој сѐ уште не препознал што се крие зад неговата маска. Уште не е откриено од кај дошол, дали е природен или вештачки создаден, кој е лекот и колку ќе трае пандемијата. Никој досега не му ја симнал маската, не го видел неговото вистинско лице. Ниту Трамп и Бил Гејтс, ниту Путин и Си Џинпинг, ниту Меркел и Макрон заедно, ниту НАТО и ЕУ не стигнаа до лекот.

Најмоќните се покажаа немоќни. Се покажа колку е мал човекот во бескрајниот универзум. Во тоа друштво се најдоа Венко Филипче и Жарко Караџовски, македонската авангарда во битката со најголемата неволја во историјата на македонската медицина, кои станаа популарни на најнепопуларен начин. Сите нив ги гледаме со маски, иако и без маска тешко е да се открие нивното вистинско лице. А и овој пат и на нивниот пример се покажува дека политичар со едно лице никако не може да биде успешен политичар. Ќе пропадне ако не ја менува маската по потреба, ако нема нова маска на лицето за различна пригода.
Во речникот на македонскиот јазик, кого сѐ уште не сме го прекрстиле во северномакедонски, именката од женски род МАСКА има повеќе значења. Од име за животно што се добива со секс меѓу коњ и магарица, до смеса што се нанесува на лицето заради нега на кожата или на косата.

Според толкувањето, маска е тоа што се става на лицето за да се скрие, да се преправи ликот, направа што се става на лицето за заштита од отровни гасови, прав и слично, направа за довод на кислород и така натаму. Како што може да се констатира, во времето кога бил составуван речникот немало ниту загадување на воздухот, ниту пак бил познат вирус за кој требало да се носи маска. Не дочека Блаже Конески да се сретне и со ова чудо, како што и мртов дочека да му се негира јазикот на неговиот народ.
Како што се одвиваат работите со короната, маски ќе носи цела нација. Ако порано тие служеле или служат за театар и забава, за тајни обреди, за погреби, ако служеле за преправање или за криење на идентитетот, сега се нужна негова заштита. Овде кај нас не би требало да биде проблем носењето маски, иако почетниот отпор е необјасниво голем. Можеби затоа што е жешко летото и што многу месеци нема власт што ќе го стегне народот.

Македонија со столетија е позната по јавни народни карневали, а во новиот век по политичко-партиски маскенбали. Постојат сведоштва дека карневалите на овие простори во тогашната Отоманската Империја биле увоз од Европа, како вид зближување на културните европски народи со примитивните заедници на Балканот. Имено, дипломатските претставници (конзулите) од европските држави први го вовеле организираниот карневал во поголемите македонски градови, какви што тогаш биле Солун и Битола. Не Скопје, туку Солун и Битола. Не заостанувала и Струмица каде што традицијата е возобновена по падот на комунизмот. Карневалска расположба во Струмица видел турскиот патописец Евлија Челебија уште во 1670 година. Кога минувал низ Струмица во тефтерот запишал: „Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваат од куќа во куќа, низ смеа, писок и песна.“

Сепак, приматот, лавровиот венец по популарност во независна Македонија (сега Северна) го носи Вевчанскиот карневал за кого некои тврдат дека е традиција стара 1.400 години. Не толку славна, но сепак долготрајна таква световна или цивилна традиција имаат и други градови и села низ државава, Прилеп и Тиквешко, на пример, каде што се познати обичаите со бабарите, кои на различни места имаат различно име. И во Ресен, додека бевме деца, татко ми на денот Сурово ставаше некоја маска на лицето, ни се преправаше во некој дух, а ние колку што се плашевме толку повеќе се смеевме. Да не заборавиме – тие обреди имале и една друга димензија: служеле за истерување на злите духови од куќите, за заштита од болести, од пакости и несреќи, каква што е несреќата со лоша власт, туѓа или домашна.

Така било во минатото. Сега кога сме независна, суверена, самостојна и геј – модерна држава, кога со сигурен и звучен топот влеговме во НАТО и „лангсам – лангсам, ибер алес“ се доближуваме до ЕУ, нормално е нашите деца и внуци да ја одбележуваат Ноќта на вештерките, познатиот Халовин. Овој староирски обичај е пренесен во Америка, а од Америка, како и сѐ друго, дипломатски дистрибуиран во половина свет. Колку за потсетување: овој ден (31 октомври) е поврзан со симболот на фенер од тиква со лик на човечка глава. Тоа е еден типичен пример како и преку симболот на вештерките, а не преку симболот на рајот, се зближуваат обичаи, култури и народи и како Македонија освен американскиот суров капитализам е способна да прими и примени и народен традиционализам. Она што западноевропските конзули го правеле во турско, сега го прават модерните дипломати и амбасадори.
На почетокот од текстот навестивме дека нашата тема се маскенбалите и политичкиот контекст на маските.

Маскенбал (или маскарада) е карневал под маски, како што кажува и самото име. Овој вид социјално доближување датира од 15 век кога на кралските и богаташки дворови почнале да се одржуваат големи забави наменети за повисоките општествени кругови. Нема сериозни податоци кој и каде прв почнал, но постои едно поопшто верување дека настанал од човековата потреба за поголемо морално и физичко ослободување од силните законски и општествени стеги, чие кршење носело сурова, безмилосна осуда. Забавите им овозможувале на дворјаните, без обѕир на класната разлика и припадност, да воспостават контакт, да се дружат и да се забавуваат, а притоа да не се грижат дека ќе бидат откриени, фатени и казнети. Просто речено, балот под маски бил општествен „вентил“ низ кој луѓето од високите врвови ја изразувале својата слободна волја, или како што се вели: „Секому му било овозможено под својата маска да го покаже своето вистинско лице‘‘.

Според некои хроничари, некои кралеви или царици намерно организирале балови под маски за да ја опробуваат и поттикнуваат „демократијата“, да ги попуштат диктаторските стеги или за да го намалат незадоволството што се појавувало во високите кругови. На овие забави, речиси секогаш имало политичка и социјална алегорична нишка. Тие понекогаш се користеле за да се искаже критика кон царот или обратно, владетелот да чуе што потајно се зборува за неговото владеење и за неговата личност.
Но и без забава, без ритуали, во самиот обичен живот, во многу случаи луѓето и без да ставаат маска, се маскираат да го скријат својот вистински идентитет и да останат анонимни, за да може некого да измамат, да наседнат, да наместат.

Има некои што цел живот живеат со маска на лицето, како и многумина други на кои не можеш да им познаеш што е маска што е лице. Има луѓе што често некому и без маска му прават лице, како и луѓе со две лица, а не се учесници ниту на јавен карневал, ниту на приватен маскенбал.
Но овој пат сѐ е поинаку. Маскирањето е насушна потреба, медицинска препорака, не е забава ниту игра. Сегашниот светскиот корона-маскенбал е со сосема други пораки од традиционалниот, познат и негуван стил на речиси безгрижен живот, зашто уште не се знае дали вирусот е пуштен од Господ како одмазда за раскалашениот живот на луѓето на земјата или е пренесен од животни, од лилјак или од нешто друго. Според старите верувања на Пуебло Индијанците, животните, кога-тогаш, им се одмаздуваат на ловците.