Сите се изборни победници!

Може да се заклучи дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ мобилизираа помалку гласови, не само поради короната туку и поради незадоволството на граѓаните. Дали тогаш се победници на изборите?

Изборите беа и поминаа и во типичен балкански манир сите партии учесници прогласија успех и победа. Само кај нас може да имате политички натпревар каде што сите се победници! Ако не се сите победници, кој е победник? Дали е тоа (не)очекувано! На прв поглед резултатите се во рамките на очекувањата, особено на оние што се базирани на истражувањата на јавното мислење. Тие очекувања беа намален одѕив на гласачите поради короната, релативно тесен натпревар меѓу главните ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и водство на ДУИ меѓу етничките Албанци. Ваквите очекувања се исполнија, но се случија и важни поместувања, и тоа три: првото е потфрлање и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, второто е значајно протестно гласање, најдобро илустрирано со подемот на Левица, и третото овој пат среќата во изборниот модел падна на страната на ДУИ и АА.

За потфрлањето на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, тие на овие избори изведоа исто толку гласачи колку што имаа во првиот круг на претседателските избори, кои важат за избори со најнизок одзив. Понатаму, во повеќето анкети и двете партии беа со неколку процентни поени повисоки рејтинзи. Оттука може да се заклучи дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ мобилизираа помалку гласови не само поради короната туку и поради незадоволството на граѓаните. Дали тогаш се победници на изборите?
А тоа незадоволство се прелеа во трети партии, од кои најилустративен пример е Левица. Левица во сите предизборни анкети е потценета меѓу 1 и 3,3 процентни поени, што говори дека дел од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се одлучил да гласа за Левица, но и за Интегра и други партии што освоија 4,1 отсто или заедно со Левица 8,2 отсто, наспроти 4,24 отсто во 2016 г.

И на крајот добивките на ДУИ и АА се помалку засновани на апсолутните бројки отколку на среќата на изборниот модел. Во 2016 година албанските партии приближно добиле околу 211.000 гласа, а сега без Беса околу 200.000 гласа. На овие избори помалиот одзив е кај етничките Македонци и тоа, како и загубата на гласови поради изборниот модел (најмалку 4-5 пратеници кај Левица и Интегра), ги доведе ДУИ и АА до овој резултат.
Но, сепак, кој победи? И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се предизборни коалиции на повеќе партии, така што на овие избори прва партија или коалиција е СДСМ. Кој ќе биде победник ќе покаже времето, бидејќи победник ќе биде тој што ќе формира влада. Тука само да потсетам не дека сум противник на принципот „коалиција победник со победник“, туку во 2016 година не се примени и затоа веќе не е важно кој е победник, туку кој ќе формира мнозинство и влада.

Од друга страна, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може да сметаат дека потфрлиле, бидејќи имаат намалување на бројот на пратеници сега во однос на минатиот состав на Собранието. И секако и двете партии се под очекувањата што ги имаа самите од овие избори, и двете партии и двајцата лидери најавуваа поуверлива победа.
ДУИ е единствената партија каде што самите се изненадија од повеќето пратеници отколку што очекуваа, бидејќи очекува 13-14 пратеници, а завршија со 15 пратеници. Тоа е резултат на зголемен број гласачи, но многу повеќе на среќата на изборниот модел. Тоа што е многу поважно за ДУИ е дека има златна акција во сите комбинации за мнозинство, односно ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не може да формираат влада со АА, освен во голема коалиција.

Левица оствари голем пораст од околу 12.000 на 37.000 гласачи, а тој раст е заснован на протест на гласачи и доста млади гласачи. За понатаму е неопходно Левица да го оствари тој глас на протест, глас за правда, да остане во опозиција, со напорна работа да ја гради својата позиција во Собранието и да работи на својата организација, бидејќи за една година ќе има локални избори.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изведоа исто толку гласачи колку што имаа во првиот круг на претседателските избори, кои важат за избори со најнизок одзив; имаат намалување на бројот на пратеници сега во однос на минатиот состав на Собранието; и двете партии се под очекувањата што ги имаа самите од овие избори, и двете партии и двајцата лидери најавуваа поуверлива победа, а и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се сметаат за победници!

Се сметаат за победници за да се избегне зборот пораз, бидејќи тој збор значи одговорност! И тоа одговорност не за промена на лидерите и раководството, туку одговорност за учење и промени! Единствен начин да се имаат научени лекции и што треба да се промени е да се признае поразот, да се признаат грешките. Тие полесно се гледаат во пораз, иако ги има и во победи. Кога ќе ја прифатиме одговорноста и ќе ги признаеме грешките, ќе отвориме можност за учење и за подобрување. Доколку не се случи тоа, на сите наредни избори резултатите ќе завршуваат сѐ полошо и полошо. Дај „ново дете“ за лидер не е учење, туку, напротив, избегнување на учењето и повторување на истите грешки во круг веќе триесет години!

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Ковид-19 #Избори2020