Сите на соседска журка!

Она што го забележав околу традиционалниот бадников оган е дека овој обичај, колку и да е пагански и во голема мера покажува негрижа кон животната средина, сепак е многу значаен за заедницата. Ви дава чувство на припадност. Визијата за дом се проширува и вие не се грижите единствено за вашиот стан туку дом ви станува и зградата, улицата и најблискиот парк каде што поминувате време

Секоја година се организираат коледарски огнови низ Македонија. И во новата, 2019-та година продолжи традицијата, иако имаше многу апели и од власта и од МПЦ да се прекине со организирање бадников оган, главно поради две причини. Првата е дека, впрочем, огновите не се во согласност со преданието на христијанската вера и МПЦ замоли верниците, наместо на „забави“, да одат во црква на служба и молитва, притоа прогласувајќи ја оваа традиција за паганска, а втората причина се однесува на подигнување на граѓанската свест дека во услови на екстремна загаденост на воздухот треба да се спречи дополнително загадување на воздухот. Иако овие причини се легитимни и издржани, не успеаја да изгасат ниту еден бадников оган. Ниту огнот пред мојата зграда, кој ги собра станарите од сите околни згради.

Живеам во мирна и резиденцијална населба во Скопје. Во нашата зграда, која е на два ката, има вкупно 20 стана. На мојот кат има пет стана, а јас добро ја познавам сосетката од еден стан. Со неа сме блиски за да си размениме шеќер, какао или млеко. Со другите станари едвај се среќаваме, а кога ќе се разминеме се поздравуваме со добар ден, добровечер. За сите заеднички проблеми и работи што нѐ засегаат сите нас што живееме во мојата зграда, одговорен е станбениот управител. Значи, преку него треба да оди целата комуникација (засега оскудна). Комуникацијата оди бавно и кога треба да донесеме одлуки за банални работи, како што се поставување контејнери пред зградата, поставување тапет за да не се лизга на плочките пред влезната врата и слично. Никој од нас веќе нема навика да свикува состаноци, а управителот уште помалку. Сѐ поретко разговараме и се договараме за какви било промени околу заедничкиот станбен простор. Едноставно немаме време за тоа.

Кај нас колективна свест за поддршка и инвестирање во заедницата речиси нема. Не мислам на инвестирање пари, туку на време и добра волја нешто да се подобри во маалото/околината каде што живееш. Волја да истапиш и да преземеш иницијатива да се расчисти ѓубрето околу паркот каде што играат нашите деца. Иницијатива да се засади дрво за да имаме сенка, да се опреми игралиштето за деца, да се контактира со општината во врска со тротоарот што го ископаа и така го оставија. Не знам дали ова е зашто имаме недостиг од комуникација или зашто немаме слободно време. Веројатно комбинација од двете. Но она што го забележав околу традиционалниот бадников оган е дека овој обичај, колку и да е пагански и во голема мера покажува негрижа кон животната средина, сепак е многу значаен за заедницата. Ви дава чувство на припадност. Визијата за дом се проширува и вие не се грижите единствено за вашиот стан туку дом ви станува и зградата, улицата и најблискиот парк каде што поминувате време.

Имено, бев сведок на цела координација околу бадниковиот оган: нарачка и достава на дрва, подготовки за вечерта, кои вклучуваа осветлување, музика, храна, поставување маси… Оваа подготовка не беше индивидуална туку заедничка. Сите станари вложија труд за сѐ да изгледа убаво.

Би рекла дека ваквите маалски собиранки се неопходни. Тие го негуваат маалскиот живот. Покрај огништето се воспоставуваат изгубената комуникација и контактот со соседите. Најважно, се градат добри односи и заедничка доверба. Овие собиранки служат да нѐ потсетат со кого ги делиме катот, зградата, уличката. Нѐ потсетуваат дека домот не е само нашиот стан (без разлика колку е тесен или простран) туку е и нашата заедничка уличка, нашиот заеднички влез, нашето игралиште. Сите заедно треба да се грижиме тие да бидат чисти, средени и зелени.

Коледарскиот оган пред мојата зграда изгасна во 2 часот по полноќ. Но дружбата и заедничките планови за подобра околина ќе продолжат низ текот на целата година.

Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје

Фото: Маја Јаневска-Илиева