Сиромаштија, корупција и животна средина – три теми за избори

Додека на листата на приоритети на граѓаните ги нема меѓуетничките односи, тоа не значи дека некоја политичка партија нема да игра на тоа подрачје, во негативна смисла секако

Во една од најдолгите предизборни кампањи, од една страна е како политичките партии ги планираат своите кампања, а од друга страна се очекувањата на граѓаните, односно гласачите. Како што пишував во минатите два коментара, се наѕира дека политичките партии ќе водат негативна кампања за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ и „неспособната“ СДСМ, со кокетирање од двете страни со тезите за „популистички“ и „корумпирани“ и, секако, можни се и други валкани трикови. Од друга страна, очекувањата на граѓаните, според последните истражувања на јавното мислење за општествените приоритети, се невработеност и сиромаштија (економија), криминал и корупција и животна средина.

Доколку ги погледнете првите приоритети невработеност и сиромаштија (економија), криминал и корупција и животна средина, тие спаѓаат во првото ниво на хиерархија на потреби според Маслоу, што би значело дека за многумина во Македонија сѐ уште станува збор за егзистенцијални предизвици. На оваа листа ги нема меѓуетничките односи, ниту пак Охридскиот рамковен договор, кој се чини замина во историјата заедно со секретаријатот за неговото спроведување. За волја на вистината, меѓуетничките односи никогаш, дури ни во конфликтната 2001 година, не беа меѓу првите три приоритети. Додека на листата на приоритети на граѓаните ги нема меѓуетничките односи, тоа не значи дека некоја политичка партија нема да игра на тоа подрачје, во негативна смисла секако. Прва партија кандидат е ДУИ, а и неодамнешниот инцидент во Македонскиот народен театар со навивачката група „Шверцери“ треба да се гледа во тоа светло. На листата на приоритети надолу се здравството, образованието и судството, не дека овие подрачја се неважни, туку дека сепак се подолу во приоритети или дека проблемите во овие подрачја граѓаните ги гледаат како дел од корупцијата како поголем проблем.

Доколку ги погледнете првите приоритети невработеност и сиромаштија (економија), криминал и корупција и животна средина, тие спаѓаат во првото ниво на хиерархија на потреби според Маслоу, што би значело дека за многумина во Македонија сѐ уште станува збор за егзистенцијални предизвици

Невработеноста и сиромаштијата, или состојба на економијата, се број еден општествен предизвик сите години по независноста на Македонија. Што ќе понудат политичките партии? СДСМ се чини го изгуби кредибилитетот на оваа тема, бидејќи, како што пишував во претходните коментари, СДСМ нема постигнато многу од предизборните ветувања и тука јазот е продлабочен, па, наместо ветувањето дека ова година ќе биде година на економијата, добивме повлекување на прогресивниот данок и на клучниот човек на Владата за економија. Клучната мерка со која СДСМ ќе се обиде да ги ублажи перцепциите на оваа поле се зголемувањето на најниската плата на 14.500 денари од 1 декември 2019 година и најавата за можно дополнително зголемување пред изборите во март 2020 година. Оваа мерка има за цел да ги придобие најсиромашните (најслабо платени работници), генерално во текстилната и кожарската индустрија, трговијата и најниските работни места, како хигиеничари во другите сектори.

Веројатно еден значаен дел од работните места како хигиеничари всушност е во јавниот сектор и ќе биде дополнителен трошок на буџетот. Главниот ефект на оваа мерка ќе биде надвор од Скопје и поголемите градови, каде што се концентрирани пониско платените работни места. Секако, оваа мерка ќе предизвика незадоволство кај сопствениците на бизниси, особено во трговијата, во малите дуќани, кои веќе се под сериозен притисок на конкуренцијата од трговските центри и супермаркетите.

Криминалот и корупцијата се број два општествен предизвик. Корупцијата е посебен предизвик меѓу етничките Албанци, бидејќи најверојатно се почесто погодени од неа. Тука кампања на партиите нема многу да помогне, бидејќи ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ нема со што да се пофалат. По скорашните корупциски скандали и бегства на криминалци, прашање е што СДСМ може да направи на тоа поле, надвор од охрабрувањето на Јавното обвинителство да оди докрај. ВМРО-ДПМНЕ мора да се огради од Никола Груевски и да понуди кандидати што имаат беспрекорна биографија на овој план. Секако, ова е подрачјето каде што ќе има најмногу негативна кампања, во докажувањето која партија е покорумпирана од другата. Тоа е, наместо кампања за тоа кој не е корумпиран, ќе имаме кој е помалку корумпиран. Тука е многу интересно дека токму во предизборната кампања стана достапна алатката „Отворени финансии“, со која се има увид во сите трансакции од буџетот од 2010 година понатаму. Иако оваа активност е започната пред седум години, од МЦМС и група граѓански организации, а завршена сега, со поддршка на ИРИ, заслугите сепак одат кај Министерството за финансии. Ова е значаен чекор за транспарентноста и отчетноста и може да биде плус во кампањата на СДСМ, иако може да доведе до многу информации лоши за СДСМ.
И третиот приоритет е животната средина, која стана приоритет последните години, а особено е важен за етничките Македонци во Скопје и поголемите градови. И тука ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ нема со што да се пофалат. Ама барем може да внимаваат да не си ја влошат позицијата, како што СДСМ си ја влошува со неодамна објавените урбанистички планови во Кисела Вода и Маџир Маало, Центар.

Партиите ќе се обидат да одговорат на овие предизвици со понудата на програмата, ама и со понудата на кандидати. Изборите ќе покажат колку и двете одговараат на потребите на граѓаните.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2020