Сиромаштијата животен проблем

Во време кога во нашата земја се сумираат резултатите од минатата година и почнува реализацијата на планираните активности за оваа година кaко суштински проблем сѐ повеќе се актуализира сиромаштијата. Моите согледувања, кои се совпаѓаат со аналитичарите на оваа проблематика, укажуваат на потребата за преземање сериозни мерки за нејзино значително ублажување и елиминирање. Со оглед на тоа што со уставните одредби сме социјална држава, МППС (Македонската платформа против сиромаштијата), како значајна невладина организација, со право ја констатира потребата од издигнување на свеста кај носителите на одлуките за решавање на овој животен проблем, бидејќи евидентираната релативна и екстремна сиромаштија укажува на намалување на стандардот и на тешкотиите во секојдневието на голем број лица со неможноста за задоволување на основните егзистенцијални потреби, од недостиг од храна, облека, лекови и слично. Посебен проблем се и лошите услови за домување и евидентниот недостиг од социјални станови, државни домови за стари и пензионери.

Сиромаштијата станува уште посериозна со економската и социјалната криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. И во овој случај најпогодени се оние што живеат во сиромаштија и се социјално загрозени. Постарите лица најчесто се изолирани, со значително намалена дневна поддршка што ја имаат од своите семејства, од соседите и пријателите, што влијае на нивното ментално здравје со развиена вознемиреност или депресија. Истовремено, многу фирми беа принудени платите на вработените да ги намалат и нередовно да ги исплатуваат, а најчесто ги укинаа привремените договори за работа. Поради корона-кризата, во нашата земја згаснаа над четири илјади компании. Од почетокот на пандемијата досега бројот на невработени од околу 192.000 се зголеми на 245.000 или, за околу 53.000 лица, од кои над 17.000 беа отпуштени од работа. Проблемот е уште поголем што меѓу невработените најмногубројни се лицата до 30-годишна возраст. Секако, еднократната државна помош и зголемената социјална заштита придонесуваат за ублажување на екстремната сиромаштија. Но тоа има краткорочно значење. За време на корона-кризата, кај сите семејства се зголемени давачките за подобра храна, за заштитни средства, за хигиена и дезинфекција, за нови лекови, за електрична енергија и друга потрошувачка. Според сите анализи и сознанија, бројките за сиромашни од околу 500.000 лица во Македонија се поразителни.

Тука, покрај невработените и стечајците, спаѓаат и оние што работат во понедоходовни компании со ниски примања. Тука се и вработените од угостителството, текстилната индустрија, транспортот, занаетчиството и малиот бизнис, на кои поради корона-кризата им е намален профитот и немаат средства за плати. Значителен е и бројот на осамени и изнемоштени стари лица, како и на околу 80 илјади пензионери што примаат минимална пензија од 8.000 до 12.500 денари. Во малку подобра положба се околу 100.000 пензионери што имаат пензија приближно на просечната од 15.449 денари.
Јануарското усогласување на пензиите од само 1,2 отсто нема многу да влијае на подобрување на евидентираната состојба со сиромаштијата. И овој пат пензиите се усогласени само со процентот од зголемувањето на животните трошоци, а не и со платите, за што е потребна измена на Законот за ПИОМ. Поради тоа најмалите пензии од 9.750 денари се зголемени само со 117 денари, просечните со 185, а највисоките со 612 денари.
Според ковид-извештајот од 23 јануари, во Македонија досега се дијагностицирани вкупно 90.471 лице, од кои се излечени 76.623, активни се 11.269, а починале околу 2.800. Во повеќе земји на сите оздравени и болни лица им се надоместени сите трошоци за лекувањето од коронавирусот, а на семејствата на починатите и погребните трошоци. За да се оствари ова и кај нас, треба да се бараат средства од наменските фондови во Европската Унија. Познато е дека за заштита на животниот стандард во САД, Словенија, Србија и други земји на сите жители им е доделена еднократна помош.

Поради сето тоа, кај нас владее големо интересирање за мерките од петтиот пакет за помош на домашната економија и на граѓаните. Досегашните сознанија укажуваат дека над 23 милијарди денари се планира да се вложат во капитални инвестиции, што е за 20 отсто повеќе од лани, како и за рестартирање на македонската економија, промовирање на домашното земјоделско производство и квалитетна храна, а не треба да изостане и ревитализирање на селата за нивен одржлив развој. Експертите предлагаат да му се даде приоритет и на воведувањето бесплатно здравство за млади невработени и за сите пензионери и стари лица. По примерот на повеќе земји во светот, заслужува внимание и предлогот на лицата над 64 години што немаат 15 години работен стаж за пензионирање да им се овозможи законско обесштетување за износот што го уплатувале за пензиско осигурување. Регулаторната комисија за енергетика треба да се заложи да не им се исклучува струјата во зимскиот период на ранливите категории граѓани. Со своите хуманитарни активности за помош на сиромашните и ранливите категории граѓани имаат помош Црвениот крст на Македонија, здруженијата на пензионерите, МППС и други невладини организации, верски заедници и локални самоуправи. Сметам дека од ден на ден нивната активност на овој план треба да биде уште позначајна. Во услови на пандемија и сиромаштија треба подобро да се разбере целта на човековиот живот и неговата смисла за социоекономска правда и правичност, да се зголемуваат меѓусебната почит, соживотот, човечноста и хуманоста, да се минимизираат бесчувствителноста, омразата, поделбите и зависта и доброто да не се заборава и враќа со зло.
Во целина, неминовна е потребата од комплетна и континуирана државна помош за значително ублажување и елиминирање на сиромаштијата, за да не остане Македонија во групата со Албанија и Босна и Херцеговина, како три најсиромашни земји во Европа.

Авторот е новинар, публицист, експерт за трета доба