Синдромот: со нас или против нас

Ете, дојде време да се гласа за ново собрание, за избор на народни пратеници, кои, иако се викаат народни повеќе се грижат за себеси одошто за народот. Ближи денот кога треба да се даде глас, да се каже кој е за кого, кој е против кого, кој е за никого, а кој против секого. Кој е за нашите што ќе победат, кој за нивните што ќе бидат поразени. Партиите на големо пресметуваат кој е со нив, кој против нив, во партиските штабови вртоглаво врти бројчаникот што покажува кој е со нас, а кој против нас. Во ловот на гласови веќе се прегреани телевизиските екрани, уште малку што не пукнале од тежок товар социјалните мрежи. Во доба на компјутеризација, дигитализација, европеизација, плус корона-епидемија, кога гледаш дебати и дуели помислуваш дека фалат уште камата и пиштолот, секој момент очекуваш кој прв ќе го извади ножот или ќе го притисне чкрапалото, да му зададе конечен удар на противникот. Слушаш и читаш средновековни глупости кој кого ќе го суди, затвори, линчува, кому ќе му биде пресечена главата кога ќе дојде на власт, ако дојде, се разбира.

Фразата „кој не е со нас тој е прoтив нас‘‘ историчарите првпат ја забележале во последниот век од старата ера. Тогаш, педесет години пред почетокот на новото сметање на времето, во Рим се водела граѓанска војна меѓу приврзаниците на двајца поранешни пријатели и луѓе што ја делеле власта во еден краткотраен триумвират – Помпеј и Цезар. Помпеј, кој се сметал за воено способен и бројно посилен, оптоварен со егото, амбициите и љубомората, собирајќи војска извикал: „Кој не е со нас, тој е против нас‘‘. За разлика од него, Цезар откако со една помала легија ја преминал реката Рубикон соопштил: „Кој не е против нас, тој е со нас‘‘. Епилогот на пресметката е што Помпеј бил поразен, а мудриот Цезар станал единствен и многу славен владетел, оставил позитивни траги што му се признаваат дури и во денешна западна Европа.
Петнаесет века подоцна, разглобувајќи ја анатомијата на таа граѓанска војна меѓу поранешни блиски соработници, Николо Макијавели во книгата „Владетелот“ го обработил овој пример за да докаже дека во битка за власт се дозволени сите средства. Тој и го формулирал стојалиштето дека непријател е секој оној што стои, кој застанува на патот на реализацијата на некоја цел.

Ја оправдувал и ја поддржувал доктрината „кој не е со нас, тој е против нас“, иако се покажала како неуспешна во наведената пресметка. Неговиот став бил дека владетелите одвреме-навреме треба да измислуваат непријатели ако нив ги нема. Според неговите теории, ако во државата сѐ е добро и хармонично тогаш власта и политиката немаат некое големо значење за граѓаните, ниту се од голема важност. Непријателите се измислуваат за да може власта да се регенерира, да се самоафирмира, да се одржува и да зајакнува уште повеќе.
Во новото време таа доктрина најнапред ја обнови и надгради Бенито Мусолини, кога со плакати со слоганот „кој не е со нас тој е против нас“ ја преплави Италија, а потоа масовно ја прифатија и ја практикуваа нацистите на Хитлер во Германија. Славната изрека им се припишуваше и на комунистите, се прикажуваше како руско-комунистичка измислица. Му ја припишуваа на Лав Троцки изречена во времето на Ленин, а нашироко беше пласирана како главна одлика на Советскиот Сојуз за време на Сталин, за чие владеење настрадаа милиони невини луѓе.

Последен важен човек на светската сцена што ја употреби оваа фраза беше американскиот претседател Џорџ Буш Помладиот, во еден од првите гневни говори по уривањето на кулите близначки во Њујорк. Барајќи одмазда за тој терористички акт и повикувајќи ги сите да учествуваат во војна пред милиони гледачи на телевизија извика: „Кој не е со нас, тој е против нас“, јасно ставајќи до знаење дека кој не е со Америка, тој е против Америка и како таков ќе биде третиран. Колку да се знае, да не се заборави историјата. Слична, односно еднаква, е стратегијата на НАТО, која во основа е чисто американска.
Следејќи ја изборната кампања само по себе се поставува прашањето го живее ли Македонија и во овој изборен циклус синдромот – или си со нас или против нас. Постои ли во Македонија, меѓу македонскиот народ, некој консензус за кое било прашање, освен ако ја исклучиме мнозинската согласност за влезот во ЕУ и во НАТО. Кои се тие теми од национално значење и интерес за кои Македонците не се сериозно поделени, за кои би тврделе дека има макар минимум единство, за кои не се суди според тоа дали си со нас или против нас? Што остана по компромисот за името, чин што сѐ уште влече дилеми? Правдата? Образованието? Економијата? Демократијата? Криминалот и корупцијата? Патриотизмот? Историјата и нејзините јунаци? Медиумите? Односите со соседите? Внатрешното национално единство? Сѐ што ќе направи едната страна се смета за генијално, историски неповторливо, со европски и светски стандарди и рекорди, сѐ што ќе направат другите е штетно, катастрофално, погубно.

Така состојбите се движат цели триесет години во кои не се памети некој општоприфатен заеднички проект, заеднички потфат од општ интерес, прифатен со акламација од двете партии. Така триесет години, во кои, по секоја смена на власта се почнува речиси од нула, се негира сѐ што било претходно, од настани до личности, од успеси до порази.
И во сето тоа, главното правило е: ако не си со нас, значи си против нас, ти си наш непријател. А познато е: кога луѓето се меѓусебно поделени во неколку различни табори, не е тешко да се изманипулираат, да се свртат едни против други, секогаш кога тоа е во интерес на манипулаторите.
Македонскиот народ, раскаран и поделен, си плука в лице еден со друг си пцуе и мајка и шајка. Се редат епитети за партиите од типот: бандитска, криминална, арамиска, фалсификаторска, предавничка, квислиншка, националистичка, антимакедонска, антиевропска, антинатовска. И кој има фајде од тоа? Ова што се случува, веќе не е политички фолклор, како што некои сакаат да ублажуваат и минимизираат, тоа е опасна, ризична, политичка игра со далекосежни последици.
Или си со ВМРО или со СДСМ.

Не си ништо ако не си едното или другото, на едната или на другата страна. Или си со нас, или си против нас. Речиси во сите сфери на живеењето и дејствувањето веќе не важат вредностите, квалитетот, не се оценува успешноста, туку важи максимата: ако не си со нас, ако не си еден од нас, ти си никој и ништо. Попусти ти биле успеси, попусти ти се брилијантно напишани книги, театарски претстави, настапи, меѓународни награди, никој не ти го признава придонесот во минатото или успехот во сегашноста, ако во актуелниот момент не си на нивната, „вистинската страна“. Изумреа јавните дебати со нормален дијалог со суштинска размена на мислења, со културно сослушување на соговорникот, сѐ е некаков вид кавга, на омаловажување, на навредување и понижување.
Ете, тоа е амбиентот во кој ќе се определуваат патот кон иднината или враќањето во минатото. Што да се избере, за кого да се гласа? Секако, погубно би било кога иднината би се ставила во окови. Народ што сам не си ја препознава нема што да бара во неа.