Селфи(ш) политичари

Седам, пијам кафе во едно кафуле и гледам нешто што е веќе секојдневие: една девојка си прави серија селфи, незадоволна од себе. На секоја нова фотографија додава по еден детаљ во изразот на лицето, а најмногу експериментира со усните, истакнувајќи ги на сите можни начини. Со тоа си го открива главниот комплекс: очигледно мисли дека има тенки усни. Една постара брачна двојка од соседната маса почнува клиширан дијалог на тема – колку електронските уреди ги отуѓуваат младите. А мене одеднаш ми паѓа на памет дека селфито воопшто и не е дете на мобилните телефони. Старо е колку и човештвото. Првото селфи си го има направено Нарцис, во хеленската митологија, со обичен одраз на првата фотографска плоча – водата. Селфито, постаро од Христос, до денес е главен жанр во сите култури и цивилизации.
Што навистина прави таа девојка? Прави поубава слика за себе одошто реално изгледа. Па што прават сите политичари, уметници што даваат интервјуа со наслов „јас па јас“, што прави дури и обична озборувачка во некоја паланка, кога на пример се фали колку му помогнала некому, а тој ѝ враќа со лошо? Истото. Прави нереална, поубава слика за себе. Селфито е состојба на душата, состојба на острастеност од самиот себеси: самољубие. За селфи не е потребен мобилен телефон со камера. Дури, тие што прават селфи со мобилен се најмалку опасни. Пострашно е кога селфи си правиш со помош на политиката, уметноста, науката.

За овие години што ги поминав досега „на лицето од земјата“ научив малку, ама важни работи. Една од нив е дека постојат четири групи луѓе според темата за која зборуваат. Првата група е најбројна: тоа се луѓе што говорат лошо за другите луѓе. Втора по бројност е онаа група што говори само за себе, и тоа исклучиво во суперлативи. Трета група се оние што говорат позитивно за другите (барајќи го доброто дури и кај негативците), и се исклучително малобројни. А „најмало малцинство“ се оние од четвртата група: тие говорат за себе, за своите мани и грешки, и нив другите главно ги сметаат за шлакнати, забегани или за лузери, зашто често знаат да започнат монолог со „Најголемата моја грешка…“
Јасно е дека „селфи-луѓето“ ѝ припаѓаат главно на втората група: говорат за себе во суперлативи. Оние најбенигните, опремени со смарт-уреди со кои се „селфираат“, се најмалобројни во таа група. Тие развиваат една лична, мека порнографија, наменета за себе и најблиските, што ним лично им доаѓа како психотерапија: доволна е само една успешна фотографија на која усните на девојката ќе бидат фатени во мигот на нивната најголема (и непостојна) испупченост, и таа ќе биде пресреќна од својата хиперсензуална еротичност, која и се јавила и исчезнала во истиот миг кога е направена фотографијата. Но дали политичарот, кој со помош на цели идеологии, партиски структури и инфраструктури си гради слика-споменик, ќе биде задоволен од само еден лажен „фрејм“? Или ќе бара секој ден таа слика (image) да се репродуцира, редизајнира до совршенство, до симулакрум што е веќе целосно отцепен од реалноста?

Смислата на дагеротипот (првиот фотоапарат) не била да го слика оној што со него се служи, туку светот. Но „автобиографијата“ на фотоапаратот (односно фотографот) постои како техничка можност на секоја денешна камера: го притискате она копче со две полукружни стрелки и веќе не ја сликате драгата личност пред вас, туку себеси. Со тоа влегувате во климаксот на една самоострастена цивилизација на антропоцентризмот: станувате идиот во изворното значење на старогрчкиот збор, зашто идиотите се интересираат само за себе, а не и за животот околу нив. Затоа, со идиотите лесно се владее. Може да се каже дека покрај стравот, селфито (нарцизмот) стана едно од најефикасните средства за денешно управување со толпите.
Еве ви пример колку е селфито длабоко и невидливо навлезено во нашето секојдневие: книжевна промоција. Престанав да одам на книжевни и други промоции од оној момент кога сфатив дека на повеќето од нив, промоторот (најчесто „компетентен критичар“) станува тема на промоцијата, а не книгата што се промовира. Постојат промотори што доаѓаат не да кажат нешто за книгата што ја промовираат, туку да ја фасцинираат публиката – колку се тие учени како критичари. Така, книгата и нејзиниот автор многу често остануваат во втор план, наместо да бидат во прв.

Нешто слично се случува и на некои одбрани на докторски дисертации: наместо да му се допушти на кандидатот да блесне со своето знаење при одбраната на тезата, се случува членовите на комисијата меѓу себе да се натпреваруваат кој е поумен и поучен. Тие и такви „селфи“ се поопасни од она на девојката. Може дури да се каже дека сите тие наши прикриени „селфи-семиотизации“ се дел од едно нарушување на личноста, кое психијатрите го именуваат како „хистрионичен синдром“. Тоа е желба постојано да се биде во центарот на вниманието, при што се користат сите средства: од провокативно (с)облечено тело, до провокативно интелектуално мини-здолниште (субверзивни идеи, неконвенционалности, авангардистичко удирање интелектуални шлаканици на јавниот вкус). Хистрионичното однесување („хистрион“, латински – артист) го има секој ден: на јавни дебати, при вербални надмудрувања во собранието (или невербални, како што се „затрупувања“ со илјадници амандмани), на емисиите со турбофолк-старлети кај кои има повеќе силикон од живо месо на телото. Добивме и селфи-новинарство: дури и да пишуваат за пропуст во атмосферска канализација, некои новинарчиња откриваат светски канализациски заговори, па се истакнуваат себеси како големи „истражувачки“ новинари. Тоа селфи е знак на патолошкото СЕЛФИШ.

Но… што е со политичарите? Зар ним партиите не им се само смарт-уред со кој си прават селфи? Темата на секој политичар треба да биде – народот. Политичарот е фотограф што треба да „го слика“ и сознае реално својот народ. Меѓутоа, сѐ почесто политичарите се сликаат себеси, па референцијалноста станува автореференцијалност. Најмногу што може да се допушти на тоа селфи на лидерот – е сликата на врхушката на паријата. За другите нема место, нека си прават самите селфи, нека си направат свои центри на моќ во општеството и нека си се „селфираат“ до мила волја. Па, ако сме искрени, и сите оние Европејци што доаѓаа цели три децении во Македонија да ни помагаат, да нѐ скенираат и да нѐ проучуваат како микроби под микроскоп, главно беа СЕЛФИ(Ш) табиети. Ретко кој беше професионален фотограф и пријател што оставаше реален „рипорт“ (извештај) за нас. Главно се натпреваруваа, како промотори на книга со наслов „Македонија“, да кажат ГЛАСНО не само што не чини во книгата (не гледајќи го она што чини) туку и главно „се сликаа“ себеси, да покажат колку се умни промотори. Со тоа, кај народот оставаа впечаток (преку нужната генерализација) дека и цела Европа е СЕЛФИ(Ш). Зашто тој народ добро знае дека Македонија, и покрај сите печатни грешки, беше и повторно може да биде златна книга на народите и културите. И затоа што тој народ според својата семејна воспитаност им припаѓал на третата и четвртата група луѓе: оние што ги фалат и ценат другите, а се самокритични кон себе. Сѐ додека за водачи не ѝ дојдоа СЕЛФИ(Ш) луѓето од првата и втората група: оние што зборуваат најлошо за другите, а најдобро за себе.