Секој човек е кројач на сопствената судбина

Во 280 година пред нашата ера, епирскиот крал Пир, кој намислил да го освои Апенинскиот Полуостров, со својата армија ги поразил римските легии. Набргу по победата, амбициозниот Пир го испратил својот амбасадор да преговара со Римјаните. Амбасадорот понудил ослободување на римските воени заробеници, а за да биде понудата уште попримамлива, им ветил дека кралот Пир ќе им помогне на Римјаните да ја потчинат цела Италија. За возврат било побарано пријателство со Римјаните.
Многумина римски сенатори биле воодушевени од предлогот и Сенатот започнал да наклонува кон мир или примирје. Додека се случувало тоа, стариот и слеп римски државник Апиј Клавдиј Цек се наоѓал во својата куќа. Тој одамна се повлекол од политиката, но кога ја слушнал веста дека Римјаните се подготвени да го прифатат мирот, неговото спокојство било нарушена и ги повикал своите синови. Кога тие пристигнале кај него, стариот мудрец побарал да го одведат во Сенатот.
Кога слепиот и стар државник пристигнал кај сенаторите, им се обратил со следните зборови: „Бев тажен што го изгубив видот, но сега жалам што не го изгубив и мојот слух. Никогаш во мојот живот не очекував да видам или слушнам вакво размислување од Римјаните. Дали толку заборавивте на себеси, поради една несреќа, па го повикавте овој човек овде. Човек што го нарекувате пријател наместо непријател. Ова не е ништо друго освен Римјаните да им станат слуги на Македонците. Некои од вас се осмелуваат да го именуваат овој предлог како мир, а всушност е ропство!“.
Ова е најраниот политички говор на латински јазик и извор на изреката – секој човек е кројач на сопствената судбина (quisque faber suae fortunae). Со значење дека нашите животи не се управувани од среќа, туку од нашите сопствени постапки.
Истиот ден, Сенатот едногласно побарал од епирскиот амбасадор да го напушти Рим и да му пренесе на својот крал да се повлече во својата земја и оттаму да ги даде своите предлози. На овој начин, Рим ги одбил предлозите и ја продолжил војната против Пир.
Стариот Апиј Клавдиј Цек многу подобро ја проценил реалната состојба отколку помладите сенатори. Епирскиот крал навистина ги победил римските легии и неговите загуби биле помали. Но Пир изгубил многу војнички ветерани и не можел да ги замени, бидејќи се наоѓал на туѓа територија. Кога амбасадорот се вратил кај Пир, проценил дека Римјаните сега имаат двојно повеќе војници и дека имало многупати повеќе Римјани што биле способни да носат оружје.

Откако преговорите пропаднале, Пир со својата армија се упатил кон Рим и освоил повеќе градови. Меѓутоа римските легии му го попречиле патот и епирскиот крал бил принуден да се повлече, бидејќи немал доволно војници.
Многумина велат дека Пир бил еден од најдобрите генерали во антиката, но никогаш не знаел да ги исползува своите победи, бидејќи му недостигале тактичност и трпеливост. Своите воени авантури ги продолжил во Сицилија, меѓутоа бил принуден да се повлече од островот и на крајот ја изгубил војната со Рим.
И покрај обидите да го имитира великиот Александар Македонски, Пир својот живот го загубил кога некоја бабичка во Хелада му фрлила ќерамида врз глава, што го зашеметило. Ова го искористил некој непријателски војник да го убие. Некои историски извори дури велат дека бил отруен од свој слуга.
Која било верзија точна, таква била судбината на Пир, починал без да ги реализира големите замисли, иако за него Ханибал, на пример, тврдел дека е втор најголем војсководец во светот, по Александар Македонски.
А што се однесува до Старите Римјани, тие покажале дека знаат кога да прифатат мир, а кога да војуваат. Затоа не треба да се зачудуваме што Римјаните создадоа една од најголемите и најмоќните империи во историјата.