Секој народ има влада каква што заслужува

Поразот на лабуристите во Велика Британија е веројатно најневажната работа за просечниот Македонец. Тој претпочита да остане во својата „оаза“ на самосожалување и патетика, вљубен во својата (само)виктимизација – и ништо што е надвор од овој хоризонт не го допира. Живот во сопствената чаура. Ова е народ што одамна изгубил верба во своите способности, одамна не создал нешто со што може да се гордее (освен индивидуалните, главно културни, проблесоци) и кој пасивно ја гледа последната распродажба со која се крунисува завршетокот на транзицијата и приватизацијата – т.е. продажбата на идентитетот и уставната сувереност како последен отпад, „дај колку ќе дадеш, дај си рака“. Тој не е ни свесен дека е зомби, жив мртовец, кој го одржуваат како лик во некој евтин холивудски филм – додека е потребно. На моменти се вознемирува и галами (главно на социјалните мрежи) за сосема небитни нешта. На пример, за ставот на Бугарската академија на науките дека не постоел македонскиот јазик… Мислиш, знак на живот и самочувство, болка поради повреден дигнитет – но не е тоа. Ова се оние несвесни посмртни грчеви. Да се работи за индивидуа, споредбата би била како веќе силувана личност реагира поради обичен пцост од силувачот. Звучи болно, грдо, непатриотски, дефетистички? Народ што не се дигнал на нозе кога го обезличиле неписмени шутраци од најнизок вид, сега нема морално право да се жешти и (божем) да го брани македонскиот јазик од една националистичка дружина во Софија (балканските академии никогаш и не служеле за нешто попаметно освен како последни јазбини на националистички романтизми и даватели на „научна“ легитимација на недоветни политичари). Впрочем, овој народ требаше да се дигне најнапред против „својата“ МАНУ кога даваше амин за Преспанскиот и за бугарскиот договор, но одмолчи. Дома го водат неписмени политичари и провинцијалци, кои знаат да откачат нешто белосветско како „туу мач“. Во ретроспектива гледано, ќе бидам уште подиректна: последниве години (ако не и порано), македонскиот народ покажа дека е историска национално еволуциска икавица, случајност и исчекор од траекторијата. Со секој чекор, со секој изговорен збор или одлука, оваа влада и нејзините интелектуални измеќари практично ги докажуваат тезите на соседите дека нѐ измислил Тито од геополитички причини, дека сме аморфна маса што може да се моделира во согласност со волјата на оние што во моментот имаат моќ. Видете ги прпелањето, клечењето, ползењето на оние што се претставуваат како лидери. Оние што не се вклопуваат во матрицата (матриксот?) се исклучоци, а не правила. Такви биле Пулевски, Мисирков, Делчев, Рацин, Конески – и неколкумина современици, кои можеш да ги изброиш на прстите на двете раце. Тоа се оние што верувале/веруваат и работеле/работат за Македонија без личен интерес, ами напротив, на сопствен ризик и штета.

Лично, го исплакав мојот народ уште пред 15 години, по референдумот од 2004 година. Сега веќе немам ни солзи ни дилеми. Македонија е колонија на која „виреат“ поданици, вазали, марихуана, депонии и веројатно воена база, а можно е и наскоро да се населат мигранти (кои, да се разбереме, не ги гледам ни како најголемо зло, ни како закана – злото се оние што директно се одговорни за небиднината во која се наоѓаме). Толку за она што се викаше Македонија. Тука, на европската периферија, неоколонијализмот си го прави своето, и идеите за народен суверенитет не виреат, освен како фатаморгана. Затоа, секоја помисла за избори и смена на власта немаат никакво значење: битката е (ќе биде) околу тоа кој ќе ја менаџира/администрира територијата во име на колонијалните господари и ќе го одржува „мирот“ со ненаситните соседи (исто така, колонии, ама со поголема традиција). Ви текнува на сликата на Заев и соработниците во лондонскиот „Мекдоналдс“? Тоа е таа симболична слика што зборува повеќе од илјада колумни: „лидерите“ ги јадат трошките од масата на моќните, обично џанк-фуд, и уште и се пресреќни. За нас дури не важи ни онаа стара теза за мекдоналдизацијата како израз на западната хегемонија во глобализираниот свет (и „Мекдоналдс“ не вирее во Македонија!).

Да се вратам на почетокот: зошто поразот на Корбин е многу важен за сите нас, дури и за оние што не се свесни за тоа? За Корбин сум пишувала на овие страници, опишувајќи го како „обичен човек во политиката“: неверојатно пристојно, скромно, конзистентно, одважно, интелигентно и сочувствително суштество какво што ретко се среќава во таа арена. Денес, по големиот пораз од личност што е сето обратно (непристоен, примитивец, себичен лажго, самобендисан, „опериран“ од емпатија за обичните луѓе), мршојадците кружат за да го докрајчат и со тоа да ја убијат сета помисла за лева политичка алтернатива. Разочаран пријател пишува: „А зошто сме изненадени?“ Во ерата на Трамп, Ердоган, Орбан и компанија (ова е кратката листа), зошто до бога Британците би биле попаметни при гласањето од другите? Клатното, очигледно, отишло сѐ до крајот – но, не кон десницата, туку на страната на популизмот, примитивизмот, медиумските манипулации, евтините ветувања. И види, види, не зборуваме за Русија на Путин, туку за државата што е домаќин на „мајката на сите парламенти“, за „најголемата држава и демократија на светот“!“

Накратко, ние не сме исклучок, туку само ситна и безначајна потврда дека светот отишол по ѓаволите. Патетичното е што ние не го гледаме тоа обземени со нашите мали сапунски серијали, со пописот на капутите на Боки наспроти цената на оној на Камчева, со непрекинати аудиобомби со крв, секс, и без рокенрол – бидејќи „народњаците“ владеат во сите сфери. Повремено мала доза национална траума – и толку! Сакате да ковертирам резултати за нашите наредни избори? Но прво да кажам дека ние (за разлика од Британците) немаме алтернатива, немаме опозиција, немаме „Корбин“ (уау, страшно е и да помислиш на „радикален социјализам“ како што знаат да плашат мали деца ова прозападниве прогресивци, кои либерализмот со мајчино млеко го добиле). Ние имаме една иста креатура во две изданија, но во секое издание таа се колне во НАТО, ЕУ, Запад, и сиот тој џез. Не знам дали е тоа повод за поголема грижа (бидејќи оваа влада распродаде и уништи сѐ што допре, а опозицијата нема ниту храброст ниту идеја да понуди решенија за поправка на штетата) – но имам чувство дека и во нашиот случај може лесно да победи ЗоЗо, северномакедонската верзија на Борис Џонсон. Зошто? Не само поради целосната контрола врз сите ресурси, бескрупулозноста, партизацијата, контролата на сите медиуми, пропагандата и пресметката со неистомислениците – туку поради една мисла на Волтер. „Колку почесто се повторува глупоста, толку повеќе таа добива изглед на мудрост.“ А овде глупоста е безгранична, за разлика од вселената. Глупоста станува нормала, па логично – поглупавите изгледаат натпросечно, „мудро“. Сите други што не се вклопуваат во таа матрица се „ненормални“, „немудри“. Политичкиот циклус е заробен, таму нема место за обични и пристојни луѓе, а „необичните“ стануваат или нешто вообичаено и прифатливо, или се забава за народ што наместо да се вознемири, само се смее и натпреварува во дисциплината на подбивање. Трагедијата на американскиот, британскиот и секој друг осиромашен, експлоатиран, економски зависен и понижен народ е во тоа што повеќе им верува на палјачовци отколку на луѓе што им ја прикажуваат стварноста каква што е: тешка, речиси безнадежна и која може да се смени само со заедничка борба. Осиромашениот, разочаран човек, кој го загубил животот по разни ветрометини, повеќе сака да биде воден, да биде лажен и да верува во тоа дека популистите се чудотворци. Најстрашно од сѐ е што ги чувствува како блиски, свои, како некој што ги разбира и зборува на разбирлив начин.

Иронијата е во тоа што ги гласаат токму оние што се одговорни за нивната социјално-класна беда и безнадежност. Веднаш по победата на Џонсон, берзата скокна, на капиталот му олесна: нема веќе закани од национализација, лабуристите тешко поразени, работничките права скратени, екологијата небитна, а Големиот брат се подготвува да го лапне најдоброто парче (здравствениот систем). Дали Велика Британија ќе опстане каква што ја знаеме, е сосема друго, па и небитно прашање. Капиталот победи уште еднаш. Демократски! Со целосна демонизација на левицата.
За жал, и натаму, секој народ навистина добива влада каква што заслужува. Оттука, размислете? Каква влада (премиер) си заслужуваме ние? И дали имаме избор?