Сега за сега, добро ни оди!

Проблемот произлегува од нашата перцепција, кризата трае една или две години, а не триесет години. Со други зборови, не се соочуваме со тешка состојба што е променлива, туку со една константа. Вината е во сите нас, но најголема одговорност има политичко-општествената елита затоа што во изминативе триесет години не изготви политичко-економска стратегија за развој на Македонија, стратегија што треба да биде обмислена и поддржана од сите чинители во општеството – власта, опозицијата, интелигенцијата, бизнис-заедницата итн.

Што е оптимист? Најчестиот одговор гласи дека тоа е личност со оптимистичко сфаќање и расположение за нештата, оваа личност е антитеза на склоностите кон песимизмот. Меѓутоа во апсурдот овие разграничувања се порозни и ја губат смислата. Постојат многу вакви парадоксални ситуации, а ние би ја предочиле следната. Човек се качува на покривот на една зграда со намера да си го одземе животот и непосредно пред да скокне вели: „Сега за сега, добро ми оди!“ Споменатиот човек најверојатно бил душевно потиснат, нерасположен и депресивен и затоа сакал да се самоубие, но неговото искажување пред самиот крај било оптимистичко.
Може некој да ни каже дека премногу филозофираме, но искажувањето: „Сега за сега, добро ми оди!“ во суштина е егзистенцијалната ситуација во која се наоѓа Македонија веќе триесет години. Нема потреба од анализи врз основа на одредени параметри за политичко-економската положба на нашето општество, бидејќи секој се соочува со неа катадневно. Понекогаш добиваме критика поради искажувањата дека немаме држава во вистинска смисла на зборот, во смисла многубројна и неспособна администрација, корупција во сите нивоа на општеството, клиентелизам, нефункционално судство, делумни реформи, злоупотреба на државата во интерес на партијата, слаб здравствен систем, нефункционално образовани, партиски вработувања, слаба економија итн. Доколку внимателно читавте, ќе забележевте дека изразот „нефункционално“ неколкупати се повторуваше, но таа е реалноста и не смееме да бегаме од неа.
Немањето држава во вистинска смила на зборот има и друга опачина. Ја прифативме и ја потпишавме Привремената спогодба меѓу Република Грција и Република Македонија во 1995 година, според која, Грција се обврза дека нема да се противи на пристапувањето или полноправното зачленување на Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации, во замена за преименување на нашата држава како Поранешна Југословенска Република Македонија во Обединетите нации. И што се случи? Грција ни приложи вето во 2008 година.

Во 2001 година, странските медијатори ни напоменуваа дека од потпишувањето и спроведувањето на рамковниот договор зависи нашиот влез во Европската Унија. И што се случи? Создадовме шизофрено општество и станавме пример за етнички вработувања на штета на квалитетот и способностите. Ги потпишавме Договорот за пријателство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција, притоа ни беше ветено дека ни се отвораат вратите во ЕУ и во НАТО. Според последниот договор, повторно го променивме нашето име, сега во Република Северна Македонија. И што се случи? Повторно ни приложија вето, сега од Софија под изговор дека не го почитуваме договорот за пријателство, а во суштина од нас се бара да се откажеме од македонските особености – јазикот, обичаите, културата, историјата итн. и на овој начин да ѝ го решиме проблемот на Бугарија што го има со македонското малцинство.
И по сите апсурдни ситуации сѐ уште велиме дека: „Сега за сега, добро ни оди!“ Многумина се обидуваат да нѐ убедат дека политичко-економската криза ќе мине, едни го насетуваат нејзиниот крај, а други велат дека кризата е зад нас. Проблемот произлегува од нашата перцепција, кризата трае една или две години, а не триесет години. Со други зборови, не се соочуваме со тешка состојба што е променлива, туку со една константа. Вината е во сите нас, но најголема одговорност има политичко-општествената елита затоа што во изминативе триесет години не изготви политичко-економска стратегија за развој на Македонија, стратегија што треба да биде обмислена и поддржана од сите чинители во општеството – власта, опозицијата, интелигенцијата, бизнис-заедницата итн.
Многупати сме пишувале за политичкиот сегмент, но сега би го акцентирале економскиот. Во оваа пригода би се задржале на искажувањата на Филип Сеген, кој е критичар на неолибералните економски политики. Според него, државата треба да „ги дефинира приоритетите на нацијата и нека ги извршува.

И ако има само еден приоритет, тоа е, секако, борбата против невработеноста, зашто во игра е националната кохезија. Во таа борба, нема да има успех, ако не постои единствен шеф, кој ги носи, организира, собира и распоредува изворите.“ Тој исто така не заборава да нѐ потсети дека е потребна една т.н. планификација, односно една трајна потрага по кохезија на акцијата на јавната власт, кохезија на актерите на колективниот живот и на организацијата на неопходните договарања. Според Сеген, државата не треба да дејствува сама, но таа треба да ја фиксира нејзината рамка, правецот. Тогаш општествените партнери, претпријатијата и локалните колективи доброволно ќе се мобилизираат, без да се има впечаток на еден индиректен трансфер на одговорностите и на даноците.

Со други зборови, државата и нејзините институции се клучни за економската трансформација. На бизнис-заедницата ѝ е потребна помошта на државата, која треба да се состои од осмислување на развојната стратегијата, но најмногу од директните или индиректните финансиски средства преку еден државен фонд или банка, а помошта секако дека треба да биде условена со остварување одредени резултати. Ако продолжиме да се лажеме самите себеси со мислата дека сега за сега, добро ни оди, нема да ја измениме економската состојба.
Да завршиме со Филип Сеген, кој вели: „Не е можно повеќе да се чека. Најпрво, затоа што е докажано дека тоа не може да се среди само по себе. А потоа, особено затоа што сме вовлечени во една пеколна спирала.“