Северните искри и политиката на гнилиот стап и исушениот морков

Деновиве, додека македонската јавност беше потопена во локалните избори, со право, тензиите на север од нас предизвикаа сериозно внимание кај сите оние што разбираат каков ефект може да има расплетот на односите за регионот. Во поширок контекст, пак, поради целата констелација на однoсите, ваквите навидум искри може „неочекувано“ (како случајот со Крит на пример) да пламнат и пошироко додека да трепнеме.
Иако, за волја на вистината, барем засега се оладија главите и може да здивнеме, целата ситуација околу наводно баналниот проблем укажува на сериозни индикатори, кои мора да се земат предвид. Тие сумарно се, прво, политиката на морков и стап и моќта на алатките на „меката моќ“ на ЕУ, а и на САД, е значително бледа и, за жал, најверојатно, ќе има тренд да оди во насока на ирелевантност. Второ, начинот на кој досега се менаџира замрзнатиот конфликт е заглавен во ќор-сокак, бидејќи целиот инженеринг за тоа е полн со фалинки што креираат цепнатини, ако не и дупки во превезот што треба да го покрие. Трето, како последица на сето тоа, билдањето воен арсенал во целата приказна е нешто што сериозно загрижува и е индикатор дека работите може да отидат во поинаква насока. Четврто, можеби најважно од сѐ, бидејќи играчите во оваа театарска претстава се сепак џуџиња, сликата-претпоставките за да може да успеат механизмите и темелите на кои се гради пристапот во решавањето на замрзнатиот конфликт се различни од оние врз кои е замрзнат конфликтот. Поради просторот, ќе тргнеме по ред и накратко ќе се осврнеме на сите.

Голема грешка е ако се остави односите на Балканот да се решаваат сами од себе – да се базираме на претпоставката дека лидери (на двете страни што се заглавени во ефектот на стабилократија и корупција) ќе имаат политичка зрелост за тоа. Историски, пак, за жал, сите конфликти на Балканот вовлекле сили од надвор, кои не ги решиле проблемите туку само ги притаиле и поради периодот во кој го сториле тоа, успевале да ги држат под контрола. Како што поминувало времето и се менувале односите (слабееле условните мерки и механизми за одржување на мирот), така искреле и пламнувале конфликтите. Во оваа насока, некои од трансатлантските пера што добро ги познаваат односите на Балканот затреперија и поитаа да укажат дека е потребна одлучувачка акција за решавање на кризата со воспитна лекција за Србија, базирана на одамна применливиот метод на „морков и стап“. Она што е проблематично со ваквите вокали е што изгледа го пуштиле јазикот пред мозокот и не сфатиле дека фрагментите-елементите во играта на „морков и стап“ не се како порано. Иако, за жал, на многу либерални движења во Србија, барем засега, Вучиќ и неговиот тим јасно им ставија на знаење дека ЕУ-интеграциите не се приоритет до таа мера за која тие би го жртвувале и комодитетот, но и националните интереси. Во неколку наврати, ако не се лажам, ни се потсмеваа и нам, обидувајќи се да поентираат на домашно тло и да забошотат понекоја збрка дома.
Ова води кон вториот проблем – капацитетот на ЕУ и тајмингот за САД да се занимаваат со регионот. ЕУ, за жал, сѐ уште работи со инерција, или на „стара слава“. Тоа се виде и од политичката порака – насоките што ги дадоа некои од ЕУ лидерите – „да се смират страстите на двете страни“ (или нешто во стилот „ние, ете, кажавме, да не биде не кажавме“). Поинаку, ЕУ не згрме и одлучно да го впери прстот кон лидерите со насоки за деескалација на односите. Тоа додуша и е разбирливо, бидејќи за тоа треба да се има основа, кредибилитет. Тоа се чини ЕУ сѐ помалку го има во контекст на конфликт-менаџментот. Дополнителен проблем е што, иако не е официјално, Вашингтон и Брисел немаат еднаков пристап барем во увертирата на стратегиските комуникации до лидерите на страните во спорот.

Додека ЕУ чудно го укори Косово да ги повлече специјалните полициски сили, професорот Даниел Сервер, добар познавач на односите во регионот, учесник во преговорите околу Косово и чест преттркач за нашата приказна, го впери прстот во Вучиќ. Тука сѐ би било добро ако не ги разбирате проблемот и историјата на спорот, конфликтот, а потоа и замрзнатиот конфликт, заедно со целиот циркус на трансформативната правда-проект, кој најдобро изворно може да ни го раскаже Дел Понте, кога меѓународното право се претвори во инструмент на моќ.
Имено, навистина е проблематично за Унијата ако на суверена територија (барем така го третираат Косово – можеме да спориме по сите основи) ѝ „паламудите“ да ги прибере своите сили, кои, патем, решаваат јавен ред и мир (внимавајте, беа запалени полициски станици), ако во исто време молчите за она што ви се случува во срцето на Унијата, Франција на пример, или третманот на Шпанија во Баскија (чувај ме боже!). Од друга страна, пак, професорот Сервер изгледа (може и поради годините) најверојатно заборавил дека приказната за големи држави во тој спор е улица во две насоки. Да, точно е дека Вучиќ е гласен за голема Србија, ама овој пат, професоре, Вучиќ реагира на вашиот неуспех да го задушите сонот за голема Албанија. Можеме да се спориме со вакви или онакви рамковни и добро наштимани изјави, секој што ја знае реалноста, а Сервер ја знае, ќе знае дека во таа приказна двете страни го играат тангото, и тоа како „либеро“.

Она што, сепак, ги крева веѓите и нѐ тера да земеме длабока воздишка е сериозното засилување на воениот арсенал на Србија до 2019 година. Откако Европа заспа, а слабиот и речиси тешко применлив европски режим за извоз на оружје (познат и како заеднички тест од 8 критериуми) не само што не даде резултат ниту врз членките од Унијата туку е неприменлив врз Србија. Откако успеа да се врзе со чудни зделки и да започне и програма со Обединетите Арапски Емирати во наменската индустрија од пред седум-осум години, од 2019-та Србија реално го зголеми буџетот (и со тоа ја надмина Хрватска како НАТО-членка во регионот) на 2,6 проценти од БНД. Поинаку изразено, во 2019-та Србија реално (не фиктивно) потроши 1,14 милијарда долари за воениот буџет, што, според некои извори, претставува дури 43 проценти во однос на 2018 година. Оваа година, пак, според одредени автори што се занимаваат со следење на воените буџети, буџетот е околу 1,5 милијарда долари, или за 700 милиони долари повеќе од 2018-та.
Кон ова треба да се додаде и фактот за тоа дека во оперативна смисла (споредбено, иако не мора да значи дека тоа се оперативните намери) Србија длабоко е навлезена во фаза „оформување на борбениот простор“ (фаза од оперативно планирање на кампањи), по што следуваат преземање иницијатива, офанзива, доминација и сл. Вежбата овој јуни во Санџак беше еклатантен пример за тоа. Демонстрација на моќ преку вежби и маневри со воен арсенал по должината на границата. Дотолку повеќе загрижува фактот што според некои регионални аналитичари што не се наклонети кон Србија, во доктринарна смисла Србија е подготвена да го повампири користењето прокси-сили, кои наводно се тренирани од Москва, а сето тоа е проследено со сериозен и агресивен тон, кој, сепак, е рефлексија на соперникот, за големи држави. Сепак, големиот брат е клучот за сѐ и околу сѐ.
Она што е интересно исто така е и дека српскиот врв побрза во маглата од искри да го покани Кремљ во спорот, имплицирајќи на поддршката на која се „пали“ национализмот и се надева на исправање, според нив, на неправдата што е нанесена во минатото. Уште повеќе, „твитот“ за заедничката смотра на заменик-премиерот и министер за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ, со рускиот амбасадор во Белград, Александар Ботсан Карченко, ги поставува прашањето за подготвеноста на Кремљ да влезе во билатералниот спор. Историски, Русија во регионот се гледа како предавник, кој во 1999 година ги остави Србите да искрвават. Регионално, досега Русија имала индиректен однос во регионот.

Сепак, последните неколку години таа приказна е сериозно сменета. Земете на пример кај нас, до 2015 година едвај знаевме кој е руски амбасадор. Ако порано Русија немаше проблем со определбата за членство во НАТО на земјите од регионот, тоа во македонскиот и црногорскиот случај се смени, а пак за Босна да не правиме муабет. Накратко, поради просторот, односите се значително сменети, бидејќи од конфликт во регионот, дури и да нема директна вмешаност, поентира Русија. Тоа е неуспех на западниот конфликт-менаџмент. Второ, ќе ги одврати евроатлантските интегративни процеси, исто како со Грузија и Украина. Трето, ќе го зголеми вакуумот што постои и ќе предизвика каскадни ефекти, кои нема да се задржат на билатерален спор. Пламнува Босна, а ако не знаеме како да менаџираме и, не дај боже, ние. Она што навистина е смирувачко е присуството на КФОР (со околу 3.600 војници, на ЕУ, ВБ, меѓу кои се и македонските војници, но е и т.н. заборавен баталјон на вооружените сили на САД), кој, иако во напнати услови, покажа голема трезвеност и разумна воздржаност – еден од основните принципи на силите во мировни операции. Паметен тивок маневар на мониторинг на границата, кој сепак, барем засега, е смирувачки.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.